Педесетница

Во Твоите дворови, Господи, ние верните, со преклонети колена на душите и на телата, Те воспеваме Тебе беспочетниот Отец, со беспочетниот Син, и со едносуштниот и Пресвет Дух, Кој ги просветлува и осветува душите наши.

Стихира од Вечерната на Педесетница

Голема и неискажлива со зборови е славата и величието на овој ден! Денес, на светата Педесетница, ни е дадена неизречена благодат. Повторно на луѓето им се јавува Духот Свети, повторно срцето човечко станува храм на Бога. Со тој таинствен шум во горната одаја во Ерусалим, над пресветата Мајка Божја и над апостолите слегол Светиот Дух и ги направил ловци на целата вселена. Тоа е навистина светло и торжествено празненство, тоа е свештено собитие во животот на Црквата Христова. Испраќањето на Светиот Животворен Дух на земјата, на апостолите, а преку нив и на сите нас, е венец и последна цел на спасителниот Божји домострој. Со слегувањето на Светиот Дух започнува животот на Црквата на земјата. Затоа денешниот ден е ден на рождеството на нашата заедничка и најмила духовна Мајка – Православната Црква. И зарем можеме, а да не се радуваме и веселиме, кога Мајката Црква нѐ повикува на серадосно роденденско торжество, на богата духовна трпеза, која преку чудесните богослуженија со најслатка благодат ги храни нашите срца. Таа небозрачна духовденска благодат милостиво ги осени и душите на многубројните верници кои посакаа „роденденот“ на Мајката – Црква да го прослават заедно со браќата од нашата обител. Така, одухотворени од светата Литургија, отслужена од нашиот старец, архимандритот Партениј, и мисловно пренесени во Ерусалим, во собата каде што се наоѓале апостолите, нашите срца со умиление ги впиваа топлите зборови од коленопреклонените молитви што старецот со срдечен трепет ги прочита на вечерната богослужба.

Дојди, Духу Свети, дојди Утешителу и зголеми ја верата во нас! Подари ни слобода кон Бога во молитвите наши и оживи ги срцата наши со росата на Твојата благодат! Стопли нѐ, нас, оладените од гревови; дојди и подари ни ги мирот, радоста и простувањето! Дојди и посети ги сите кои се жедни за Твоето озарување! Амин!