„Византија после Византија“

Утеши ги во грижите Твоите слуги, Богородице, кои разорувањето на Твојот град го оплакуваат, зашто неговите ѕидини се сокрушија и заштитниците негови паднаа од меч, но спаси ги оние кои при Тебе прибегнуваат како кон неразрушлив бедем и претстателство

од службата за падот на Константинопол

Спомнувајќи си денес за трагичниот пад на Константинопол, Новиот Рим, Царицата на градовите и мајка на цивилизацијата, градот на возвишени цркви и прекрасни дворци, со високи ѕидини и моќни кули, кој поради гревовите на христијанскиот род беше предаден во рацете на иноверните, не можеме а да не воскликнеме тажно, како некогаш Никита Хонијат: „О, граду, граду, око на сите градови, мелодија сесветска, глетка небесна, доилка на цркви, првенец на верата, водич на Православието, возљубена тема за разговoри, сместувалиште на секое добро! И ти ја испи чашата на гневот од раката Господова, и ти стана жртва на огнот…“

Зашто Ромејското царство – Византија беше чудесен спој на многу култури, просветление на Западот, земја на сите православни, без разлика на нивната народност, и падот на оваа славна лулка на Православието претставува болка за сите христијански народи, за сите оние кои од моќната Византиска империја ги примиле најсуштествените духовни вредности и придобивки и станале наследници на нејзиното огромно духовно, културно и уметничко богатство и традиција. Сите кои, чувствувајќи ги своите византиски корени и ден денес ја продолжуваат таа силна духовна традиција и ја збогатуваат со своите од љубов вдахновени дела, во кои сè уште живее византискиот православен дух.

Можеби затоа, неслучајно, Божјата промисла го одбра токму овој ден за да ги донесе во нашиот манастир почитуваните професори и постдипломци од Институтот за македонска литература, некои од нив и предавачи по византиска книжевност, кои ја искористија оваа прекрасна можност во нашиот древен манастир да го промовираат своето ново фототипно електронско издание за Четвороевангелието на поп Јован Кратовски од 1562 година, дело на професорот Илија Велев. Промоцијата се изведе во прекрасниот амбиент на Благовештенскиот параклис, кој успешно го долови тој византиски дух, карактеристичен и за периодот во кој е создаден ракописот на поп Јован Кратовски, како претставник на познатата Кратовска препишувачка школа од XV и XVI век. Најпрвин присутните ја споделија со монасите традиционалната трисагија што на овој ден се прави за помен на сите загинати при одбраната на Константинопол, како и на сите оние што го положиле животот за одбрана на благочестивата вера, православна татковина и христијанските вредности. Потоа почитуваната професорка Маја Јакимовска – Тошиќ им се обрати на сите со едно свое излагање за значењето на ова дело за развојот на медиевистичките книжевни студии во Македонија, и понатамошната истражувачка дејност, како на нашите филолози и историчари на книжевноста, така и надвор од нашата земја. Давајќи осврт на извонредната калиграфска вештина и способност за илустрирање на поп Јован, кој овој ракопис го збогатил со прекрасни минијатури, орнаменти, иницијали, проф. Јакимовска – Тошиќ уште еднаш напомна за несомненото продолжување на византиската духовно-културна и црковна традиција на нашите простори. Таа овој феномен го нарече „Византија после Византија“, со што посведочи дека и покрај пропаста на Ромејското царство, Византија и понатаму продолжила да живее во битието на православните народи и го нашла својот одраз во нивното црковно и народно творештво.

Неискажливо беше задоволството и на самиот автор, проф. д-р Илија Велев, и на сите присутни поради честа да ја направат оваа промоција во нашиот манастир, за што тие топло му се заблагодарија на нашиот старец, игуменот Партениј, кој најсрдечно и гостољубиво ги пречека и ја благослови промоцијата.