Сеноќен молитвен спомен на Богородичниот псалт Кукузел

Луѓето, кои се наследство на Твојот син, не можат да најдат зборови за да те воспеат како што сакаат, Пречиста Владичице, бидејќи секогаш ги застапуваш сите верни и ги покриваш со чесниот твој омофор,и се молиш да се спасат сите кои со вера те почитуваат како чиста и вистинска Богородица.

стихира на Покров

Закрилени од мајчинскиот покров на Пресветата Заштитничка на христијанскиот род, сестрите во Раичкиот манастир со сеноќна молитва го прославија споменот на нивниот патрон светиот Јован Кукузел. Овој славен Богородичен псалт кој со својот ангелски глас целиот свој живот пеел во Нејзина слава и од неа бил награден со златник и ветување дека нема никогаш да го остави, ноќва ги облагодати и осени со небесна радост срцата на присутните, додавајќи ја на Покровот на Пречистата наша Мајка и својата силна молитвена закрила. Со голема благодарност за неговото постојано молитвено застапништво, сестрите умилно ги испеаја пофалните стихови што достојно го величаат неговиот свет живот и подвиг, поучени од неговата синовска посветеност и љубов кон Богомајката што го удостои да ја види Небесната Царица и да го прими Нејзиниот дар.