Спомен на св. Седмочисленици и св. вмч. Пантелејмон

Единствен и преславен е празничниот ден во кој стоиме пред сечесниот спомен на светите отци и учители наши, просветители сесловенски, рамноапостолните Седмочисленици, Кирил и Методиј, Климент и Наум, Сава, Горазд и Ангелариј! Ова е ден голем, ден сјаен, зашто во него ги славиме творците на словенската цивилизација, тие божествени сејачи на Евангелското семе меѓу нашиот род. Подвигот што го извршиле овие рамноапостолни Отци наши не се мери со денови, години и векови. Тој го надминува времето, зашто е втемелен на вечната Божја премудрост. И затоа нивното дело со бесмртна светлина зрачи и целиот православен свет го озарува. Светите Седмочисленици го преобразија словенскиот јазик на гората на Христовата љубов, го исполнија со духовна содржина, го натопија со светоотечкото предание и го направија носител на блеговестието и источник на духовната обнова, на образованието, на благочестието и на културниот подем на словенските народи. Азбуката која тие, по Божјо вдахновение, ни ја создадоа; и јазикот што преку своето дело го овековечија; и свештените книги кои ги преведоа и во свето завештание ни ги предадоа; и школите што преку своите ученици ги создадоа; и народната писменост и литература на која темел ѝ положија; и распространувањето на верата православна меѓу словенските народи – сето тоа најубаво говори, најсилно докажува и најверно сведочи за нивната богоизбраност, за нивното свето пратеништво, за нивното апостолство.

Славејќи ги овие седмочислени сесловенски Апостоли, Бигорската света обител, која со векови свето го чува нивното најскапоцено завештание, ликуваше денес заедно со многубројните верници, кои се собраа во манастирот за да им оддадат молитвен и благодарствен поклон на нашите најсвети родоначалници и духовни татковци. А благоуханието што се ширеше во храмот од моштите на светиот великомаченик и целебник Пантелејмон, чијшто спомен, исто така, денес го славиме, како и благоуханието од моштите на свети Климент Охридски, беше уште една радосна потврда дека светиите се тука, со нас, и го слушаат нашиот молитвен повик и пред Престолот на Светата Троица го принесуваат.

„Вие, непоклатни столбови и боговдахновени поборници на нашето слово, кои јазичничкото бесовско учење го прогонивте, молете се на Христа Бога да ја утврди нашата Црква и да им дарува на душите наши голема милост“. Амин!