Во навечерието на Рождеството Христово

Пред Твоето раѓање, Господи, ангелските воинства се чудеа, гледајќи ја со треперење Твојата тајна: Како си благоволил да се родиш како дете, Ти Кој си го украсил небото со ѕвезди, и како лежиш во бесловесни јасли, Ти Кој во рака ги држиш сите краишта на земјата. Со таквата Твоја промисла, Христе, се покажа Твоето милосрдие. Голема е Твојата милост, слава Ти.

(тропар од царските часови на претпразненството на Рождество Христово)

Подобно на мудреците и ние верните ја следевме низ Божикниот пост Витлеемската ѕвезда, очекувајќи го моментот кога нејзината нетварна светлина ќе нѐ донесе до пресветото Раѓање на Божествениот Младенец. И сега, стоејќи во предверието на Неговото Рождеството, нашите две Обители на еден прекрасен начин, низ благодатните Царски часови, крунисани од вечерната со торжествената и трогателна Василиева Литургија, беа внесени во празничниот амбиент на тој спасителен настан од Божјиот домострој. Оти оваа посебна богослужба низ одбрани старозаветни текстови – ни ги доближува старозаветните пророштва за доаѓањето на Спасителот, и нѐ подготвува за оној изблик на радост кога заедно со ангелите и пастирите ќе воскликнеме: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“