Подигнувајќи го крстот Господов на плеќите, животот подвижнички со меч го запечативте. Евнувие славен атлете, Пајсие на мачениците подражателу, и Аверкие христодушен подвижнику, нечестието го изобличивте. Затоа пред Христа застапете се и нам да ни ја дарува, со силата на Духот Божествен, посакуваната рајска светлина
Торжествениот и блескав Пасхален восхит денес чудесно се слеа со радосната прослава на споменот на Пречистанските маченици, Светите Евнувиј, Пајсиј Аверкиј. Така и торжеството силно засветли во славната Пречистанска Обител, каде победничкиот восклик за Христовото Воскресение се испреплети со вдахновеноот тропар на мачениците. Пасхалното ликување на монашките хорови, раскошните цветни венци што ги красеа чудотворната икона на Пресвета Владичица наша, Крнинска, и на Пречистанските Преподобномаченици, радосните лица на големото мноштво присутни верници, сето тоа правеше еден свечен празничен амбиент, кој совршено се вклопуваше со пролетно украсената природа, која со својата светла облека исто така го сведочеше Христовото Воскресение. Таа беше совршена околина за Пасхалната литија во чест на Преподобномачениците, која предводена од двете икони и проследена со велегласното славење на Христовото Воскресение се упати до местото Господинец, каде, според Преданието, Преподобните го нашле својот маченички крај, а потоа благословувајќи сѐ наоколу со осветената вода, победнички се врати во Пречистанското светилиште. Голема беше радоста на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, што толку многу Кичевчани и придојдени гости, меѓу кои и директорот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, г. Даријан Сотировски, зедоа удел во ова чудесно празнување, кое уште повеќе им ја зголеми Пасхалната радост и ги потсети, преку подвигот на мачениците, дека патот на Христијанинот води низ подвиг, мачеништво и Голгота, но завршува во блескавиот сјај на Воскресението. На таков подвиг беше повикана и послушничката Николина Петреска, која со молитвен трепет и метанија пред чудотворната икона на својата милостива закрилничка Богородица и пред својот сакан Старец, од неговите раце прими апостолник и благослов за искушеништво и понатамошно пожртвувано служење во Обителта.