Второ Воскресение – Вечерна на љубовта

Божественото сијание на пасхалната светлина, посветла и од најсветлиот сончев зрак, несмалено продолжува да го озарува овој свет и велик ден на Христовото Воскресение. Неговата радосна вест го осветлува сето, од гревот помрачено човештво, давајќи му смисла на неговото суштествување. Бог ја запали во мракот Својата светлина и Светлината во темнина свети и мракот на ја опфати (Јн. 1,5). „Сега сè се исполни со светлина: небото и земјата и подземјето“ и уште: „Небесата достојно да се веселат, земјата да се радува, да празнува сиот свет – видлив и невидлив, зашто Христос воскресна, вечна веселба“.

Во духот на ова сепразнично радование, Бигорската Обител, со своите гости, го заврши денешното торжество со прекрасната Вечерна на љубовта, на која Евангелието за воскреснатиот Бог беше прочитано на петнаесетина јазици, во знак на распространување на радосната вест меѓу сите народи.

„О, велика Пасха и најсвета, Христе, о, мудрост и Слово Божјо и сило! Дај ни да имаме потполно учество со Тебе во вечниот ден на Твоето царство“.