Си се распнал заради мене, за да ми бидеш извор на спасение; си бил прободен во ребрата, за да ми источиш капки на живот; со клинци си бил прикован та, гледајќи ја длабочината на Твоите страдања, да ја познаам висината на Твојата сила и да Ти пеам: Животодавче, слава на Твојот крст и на Твоето страдање, Спасителу“.
Каква е оваа страшна глетка пред која ангелите си ги покриваат очите со крилата свои, не можејќи да гледаат во Распнатиот Син Божји и Човечки? Каков е овој ужасен призор кој ги доведува сите до потполно недоумение и предизвикува молк, потресувајќи ги душите нивни? Молчат словесните усни човечки, та наместо нив зборува бесловесната природа, покажувајќи негодување заради ужасното дело кое родот еврејски на Бога Му го извршува: сонцето ги сокрива своите зраци, гледајќи како на Крст виси Сонцето на правдата; сведочи мракот што по целата Вселена среде бел ден настапи; раскажува тропотот кој земјата го предизвикува. Умот наш се збунува, срцето се корне, душата трепери, зборовите се немоќни да ја искажат болката заради Богоубиството. Создателот се предава во рацете на човекот – Своето омилено создание – и му дозволува да Му ги стори најстрашните дела. Он, Семоќниот, сега скрушено стои пред оние што со рацете Свои ги создаде. Гледаме сега како пред Чесното Дрво стои незнабожечкиот војник и со потсмев извикува: „Ако си Син Божји, слези од Крстот“, а војникот стотник, Бога Распнатиот на Крстното Дрво сега Го препознава; разбојникот од левата страна против Него ропта, а оној пак, од десната со смирените очи на срцето свое Бога Го исповеда, умира телесно, но воскреснува духовно и прв жител на Рајот станува. Под Крстот скрушено стои Мајката на Распнатиот, како самата на него распната да е и во свештен молк горки солзи лее, потсетувајќи се на претскажаното од богопримецот Симеон дека душата нејзина меч ќе ја прободе; до неа е и светиот ученик и апостол на љубовта Јован, кој трепетно гледајќи во висината на Крстот, во недостижливата љубов на доброволната Божја жртва, ја созерцава љубовта совршена.
Чекориме и ние сега со свештен трепет кон гората Господова, смирено се искачуваме на врвот на Голгота за да ги преклониме нашите срца пред оваа страшна глетка. И таму, среде тој ужасен мрак, исправено стои животворното Крстно Дрво, напоено со крвта на Бога Кој на него прикован виси. Го гледаме овој Жртвеник на кој е принесена непроценливата жртва со која се искупува родот човечки и со вера се поклонуваме зашто пред овој Престол сечесен восторжествува победителот на гревот – Христос, Царот на новиот Израил.
Стоиме сега во свештениот храм на Претечата и ги подигнуваме очите и срцата наши кон Распнатиот Господ. Пред нас се открива тајната на Голготската жртва: заради нас Он претрпе безбожнички суд, заради нас допушти да биде руган во дворот Пилатов, заради нас Он го прегрна чесното Дрво и прими страшно биење, заради нас дозволи трнов венец врз главата да Му биде ставен и на крстна смрт да биде осуден. Но, сите овие огромни страдања Он ги поднесе за да го симне од нас древното проклетство, зашто во страдањето Негово се уништи сета болка човечка, во смртта на Распнатиот умре гревот на целото човештво. Нè потресува глетката, но истовремено ни ја открива и големината на Божјата љубов, нејзините прекрасни дела, нејзиното сведоштво меѓу нас. Сè што се случи, беше за ние да се разбудиме, да се засрамиме од тоа како живееме, да го оставиме гревот и духовно да воскреснеме, да се надминеме себеси, да го отфрлиме неверието и со вера Бога да Го познаеме, та да разбереме дека ова не беше само заради нас, туку и поради наша вина. Да ја разбереме непроценливо големата цена со која сме искупени.
Страшна, потресна, незамисливо тешка глетка, но истовремено таа навестува и една таинствена радост. Да, на Крстот Он е како бессилен, а во Гробот лежи без здив. Но, зад Гробот, таму каде што продолжува животот, таму каде што човечките очи не можат да ѕирнат – Он веќе дејствува, го разрушува адот.