Колку торжествено денес Црквата си спомнува за славниот и најголемиот меѓу родените од жена, Светиот Јован Претеча! „Како да те наречеме?“ – му пееме таа молитвено низ умилните празнични стихови: ревнител ли за верата, кој пострада за правда и кому главата му беше пресечена затоа што храбро ја исповедаше вистината? Пророк ли, кој целиот свој живот го подреди на службата одредена од Бога – да Му бидеш предвестител на Спасителот, и овде на земјата и долу во адот каде што те одведе маченичката смрт? Силен ли глас, кој и ден денес неуморно вика во пустината на човечкото отпадништво, призивајќи ги сите на спасоносното покајание што ги отвора вратите на вечноста? Кој и овде во своето Светилиште на падините на Бистра не престанува да ги приведува кон Бога од гревот уморните души. И сега на оваа празнична литургиска гозба, приредена во Бигорската Обител во негова чест, недобројно мноштво верни го преисполнија храмот, за во покајниот амбиент што извира од вдахновено склопените светоотечки стихири, да ја приклонат главата под молитвената закрила на оној кој смело стои од лево на Господа и Му го принесува нашето усрдно покајание. Особено на нас, монасите, оти тој прв ни го покажа патот што низ монашката пустина на воздржување и подвиг води кон неминливата радост на единството со Христа.
И како што му доликува на еден ваков славен Пророк и Проповедник на покајанието, литургиското славје ни го збогати присуството на почитуваниот наш надлежен архиереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој чиноначалствуваше со архиерејската Литургија, во сослужение со нашиот Старец Епископ г. Партениј и браќата јеромонаси и јероѓакони и протоѓаконот г. Николче Ѓурчиноски. Како и вчерашната Вечерна богослужба, и денешното богослужбено торжество го преукрасија чудесните и милозвучни гласови на нашите драги браќа во Христа од Манастирот на Света Параскева во Јаница, Архимандритот г. Херувим со неговите браќа. Тие гласови како да ги подигаа душите на присутните кон висините на една таинствена средба со Претечата и Крстител, кој невидливо слегуваше и го спушташе својот благослов над овој наш молитвен собир во негово име. Така нашите растреперени души, допрени од вечноста, гореа од покајание и желба да ги исправат своите патишта, за да можат ослободени од гревовната нечистотија низ бањата на солзите, подготвено да Го примат Христа низ Неговите свештени Дарови.
А во тоа ни помогна и пастирското слово на духовниот татко на нашата богочувана Дебарско-кичевска епархија, Високопреосветениот Митрополит г. Тимотеј, кој со слова ни го наслика светиот лик на Чесниот Претеча.
Потоа, бескрајно благодарејќи му на Крстителот, реката присутни верни низ литија предводена од самата чудотворна икона на Свети Јован, се упати кон манастирската фијала, за таму да се напои и со благословот на осветената вода.
Пророку и Претечу Господов Јоване, прво чедо на монашкиот род, заштити нè со своите свети молитви и секогаш води нѐ по тесниот пат на покајанието, за да не отстапиме никогаш од својата ревност за правдата и вистината и до крај да го следиме во срцето твојот моќен глас што повикува кон Христа, амин.