Дојдете, верни, да појдеме мисловно и ние денес во славната Витанија, татковината Лазарева, од солзите Христови натопена. Да застанеме духовно, заедно со расплаканите Марта и Марија, сестрите на Лазара и да ја погледнеме необичната сцена: сакајќи да го види Својот пријател, кој веќе четири дена е затворен во гробот, Оној Кој доброволно посака да се всели во гроб, за да нè избави сите нас, целото човештво, од гробната темнина, ги прашува сестрите негови: Каде сте го положиле? И откако го дозна она што и претходно, како Бог сезнаен, го знаеше и истовремено како Човек плачеше, Тој го повика оној кого го љубеше: Лазаре, излези надвор! И четиридневниот мртовец без двоумење го послуша гласот на Животот, Кој дојде умртвениот Адам и неговото потомство да го оживее; гласот со кој смртта беше врзана и царството адово разрушено. Воскресна Лазар, пријателот Христов и стана спасоносен предобраз на нашето повторно раѓање.
„Се возбудија сите“, одекнува молитвениот глас на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, во храмот, „кога Те видоа, Спасителе, како солзиш за умрениот Лазар и народот говореше: Гледај, колку го милувал! Веднаш потоа си го повикал и кога мртовецот воскресна, на Твоја заповед, ја отфрли гнилежноста“.
„Вратите се затресоа, резињата се скршија, веригите на мртвиот се раскинаа со гласот на силата Христова, и адот тешко воздивнуваше, ридајќи и на своите им викаше: ‘Тешко мене! Каков е и од каде е овој глас кој и мртвите ги оживува?!’“
„Да се помолиме“, нè повика тој, „на светиот Лазар, со неговата слобода пред Бога, да нè удостои и нас, да го видиме личното воскресение на нашата душа од веригите на бесчувственоста и на скаменетоста. Но, за да стане тоа, потребно е, според прекрасното толкување на светите отци на Црквата наша, трудољубив подвиг и работа во добродетелите – што ја симболизира сестрата на Лазара – Марта, која се грижеше за многу работи; и потоа, богољубивата радосна тага по Бога и духовното созерцание, чијшто симбол е другата Лазарева сестра, Марија, која го избра подобриот дел. И кога ние ќе се ослободуваме од веригите на разноразните гревови и страсти и од туѓите за нашата вера обичаи и навики, бездруго ќе дојде воскресението од варварското ропство, на коешто воскресение се надеваме и молитвено го предосеќаме како доаѓа, по благодатта и човекољубието на Великиот Бог и Спасител Христос, по молитвите на Богородица и на сите Светии. Амин!“