На Тебе, Која неракоплетениот венец го исплете за светот, Ти песнословам воскликнувајќи: Радувај се, Дево, на сѐ сохранилиште и засолниште, укрепување и свештено прибежиште;
Извору на секоја радост, облагодати ја помислата наша, да Ти повикуваме: Радувај се, капино несогорлива, облаку пресветол, кој верните непрестано ги осенува!
Полека изминува и третата седмица од Великиот и свет пост, кој на таинствен начин, низ воздржание нѐ подготвува за средба со Воскреснатиот Христос. И колку чудесно промислила Светата Црква, та речиси при самиот крај на секоја седмица од ова наше мистично патување низ Постот, да се среќаваме со ликот на Пречистата наша Мајка Богородица и да го примаме нејзиниот благослов, толку потребен за да се поткрепат нашите срца. Зашто секогаш кога ќе си спомнеме за неа, милостивата и љубвеобилна Застапница, која ги утешува страдалниците, ги исцелува немоќните, охрабрува малодушните и неуморно посредува за нас пред својот возљубен Син, нашите нозе се одвраќаат од патиштата на гревот и тргнуваат во пресрет на изворот на исконската радост. И сите тие акатистни пофалби што Светите Отци толку богомудро ги составиле, стануваат и наши лични слова, што срцето жедно ги впива а потоа топло и благодарно ги упатува кон неа. Но, ублажувајќи ја и просејќи ја нејзината милост, да се замислиме малку во која мера ѝ возвраќаме за нејзината мајчинска љубов? Затоа, освен венецот од пофалби, нека наша пофалба биде чистиот и богоугоден живот, што како најблагопријатно миро го принесуваме пред нејзиниот Син – Бога. Да ја фалиме со нашите добри дела, да ја радуваме со милоста кон ближните, со утехата кон неволните, со смирението и пожртвуваноста, трудејќи се секогаш да бидеме вистински православни христијани и нејзини достојни чеда, за таа постојано да биде наша усрдна Застапничка и топла Молитвеничка.
Радувај се Мајко Дево, чудо и спасение на светот!