Крстното знамение – силна поткрепа во подвигот на Постот

Христе Боже наш, Кој прими доброволно распнување, заради општо воскресение на човечкиот род, си ја примил на Крстот и со багреницата на Твојата крв, повелбата царска за наше ослободување човекољубиво си ја потпишал. Не презирај нѐ во опасноста во која што се наоѓаме, поради тоа што повторно сме одвоени од Тебе; на Твојот народ во неволја смилувај се; стани и победи ги нашите непријатели како Сесилен.

(Слава на Господи повикав)

 

Од сите чудеса Христови, вели св. Јован Дамаскин, најпрекрасен и најдостоен за восхит е Неговиот чесен Крст. Оти со ништо друго, туку само преку него смртта беше победена, прародителскиот грев уништен, адот ограбен, нам ни се дарува Воскресение, ни се даде сила да ја презреме мачната сегашност па и самата смрт, ни се врати првоначалното блаженство, и отвори вратата на Рајот, нашата природа седна оддесно на Бога, а ние станавме чеда Божји и наследници. Затоа, крштевајќи се во името на Исуса Христа, како што вели Апостолот, во Неговата смрт се крстивме, и високо го подигнавме Неговото моќно знамение – Крстот сечесен, кој е Божја премудрост и сила. По него ние, верните, се препознаваме, тој е наш штит и оружје, потсетник за победата над ѓаволот, нашиот печат за да не се допре до нас истребителот, како што сведочи Светото Писмо. Ова рајско дрво, насадено среде Светата Црква, од чиј што допир се причестуваме со бесмртноста, сега ни се предлага, како моќна поткрепа на средината на Постот, и слатка утеха кога нашата слаба природа попушта пред предизвиците што ги носи подвигот на Четириесетницата, оти ни ја покажува победата и засладува борбата. Нека ликуваат денес весело ангелските чинови заради денешното поклонување на Твојот крст, Христе, нека блесне радост на небото и на земјата, зашто преблажениот крст се покажува како знак Христов во светот и на оние што му се поклонуваат, вечна радост им приредува, а ние сега целивајќи го – просиме од Бога и воскресението неосудено да го достигнеме.

Се украси денес Обителта Бигорска со прекрасното крстно знамение, кое моќно се издигна на средината од храмот на Претечата. И мноштво народ дојде да налее од неисцрпните води што благодатта на крстот ги излева, да се поклони пред ова свето дрво, даруваниот извор, напоен со крвта и водата на Господарот на сѐ, Кој на него доброволно се вознесе, и земните ги воздигна. Така поткрепени со неговата таинствена сила и освежени со нова ревност, монасите и бројните присутни во храмот го продолжија своето патување низ останатите недели на Постот, сѐ до Голготската жртва и славното Воскресение на нашиот Господ.

А возљубениот наш Старец, торжественото поклонение го збогати со уште една радост за најмалите, дарувајќи им, како што е обичај во сите овие недели на Постот, прекрасно украсени пасхални свеќи.