Нашите дела на љубовта – радост за Богомајката

Радуј се, цвету на бесмртноста; радуј се, венецу на воздржанието!

Радуј се, светол примеру на воскресението; радуј се, ти која го откриваш ангелскиот живот!

Радуј се, молителко на праведниот Судија; радуј се, преку тебе се проштеваат многу согрешенија!

Радуј се, облеко на лишените од смелоста; радуј се, љубов што победува секаква лоша желба!

Радуј се, клучу на Царството Христово; радуј се, надеж на вечните богатства!

Откако направивме достојно поклонение на крстот, и во оваа четврта седмица, одново се напоивме со духовната радост која извира од ризницата на Богородичниот Акатист. Сега со надеж го упатуваме својот поглед кон следната седмица, очекувајќи го петтото и најголемо акатисно торежество, со кое ќе ја запечатиме оваа великопосна пофалба кон Онаа која сите нас не има во своите молитви и грижливо не чува во топлите прегратки. И полека, како што напредува нашето патување низ Чесниот Пост, така треба да расте и нашата сострадална љубов за најстрадалната мајка на светот, станувајќи свесни дека секој грев со кој го прободуваме Христа болно го пронижува и нејзиното мајчинско срце. Затоа, наместо да тонеме во грев да побараме од Бога духовни сили за да не бидеме веќе причина за солзи туку со своите дела на љубовта да го озариме со радост нејзиниот мил лик. А Таа ќе ја измоли за нас најрадосната и најблагословената Пасха.

Особено недостојни благодариме на љубовта на нашиот добар архипастир митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј кој не удостои со неговото присуство во познатата монашка обител на Благовештението на Божјата Мајка – Пречиста Кичевска. Се надеваме на мајчинската милост дека ќе погледне на неговите топли молитви и ќе го благослови тамошното сестринство и духовно ќе ги поткрепи нашите обители.