Литургиска молитвена почит кон учителот на молитвата

Утрото засветли со зраците на празничната богослужба во спомен на светиот Григориј Палама, солунскиот чудотворец, и ја излеа својата огромна благодат во срцата на присутните верници што го исполнија не само параклисот, туку и целиот Рајчички манастир. Радосниот амбиент беше достоен пречек за нашиот многупочитуван архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој со посебна љубов и ревност чиноначалствуваше со свечената Литургија. Таа љубов на нашиот пастир кон светиот Григориј зрачеше и од вдахновената беседа што тој ја изрече пред многубројниот народ, величајќи го подвигот и делото на овој голем учител на Црквата: 

Слово на Неговото Високопреосвештенство, Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, изговорено во втората недела од Великиот пост и празнувањето на Св. Григориј Палама во Рајчица

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Драги браќа и сестри,

Митрополит г. Тимотеј

Втората недела од Велигденскиот пост светата Православна Црква ја посветила на свети Григориј Палама. Овој угодник Божји бил Архиепископ Солунски. Тој бил просветлен човек, и знаменит богослов, стекнувајќи се со искуство во монашкиот живот на Света Гора Атонска. Во XIV век тој стекнал слава како голем и прониклив духовен мислител. Во неговите дела тој ја опишал природата на Таворската светлина, утврдувајќи дека таа светлина што ја покажал Христос на Своите ученици на Тавор, не била обична светлина, како што сметале некои, туку видување на несоздадена божествена енергија, односно на Божјата благодат.

Ние го прославуваме свети Григориј Палама токму во Велигденскиот пост, затоа што тој не ги направил своите длабоки умствени заклучоци на основа на литерарната ученост, туку на основа на лично искуство, што го стекнал како монах на Света Гора Атонска. Како и многумина други монаси, кои преку пост и молитва се соединувале со Бога и ги победувале во себе страстите, откривајќи го патот на Богопознанието и свети Григориј проникнувал во тајните Божји со силата на Божјото присуство. Токму ваквото допирање до Божјата благодат се одразувало кај овие монаси на еден видлив начин. Многу од тие старци – подвижници без сомневање светеле во светот јасно потврдувајќи го тоа што се случило на гората Тавор. Неслучајно во Велигденскиот пост се споменува и се прославува ова исклучително духовно движење кое во богословската мисла ќе добие име Исихазам, односно Тихување. Примерот на свети Григориј Палама го подражавале и многу други подвижници од неговото време како и од вековите кои доаѓаат потоа. Токму нивниот опит ни помага подобро да го запознаеме и значењето на постот.

Постот е реална можност и средство да се победи гревот и да се очистат пороците и страстите. Затоа постот и се јавува како средство за Богопознание. Од светото Евангелие ние ги знаеме зборовите дека само чисто срце може да го види Бога (Мт. 5,8). Затоа и ние денес треба да размислуваме за тоа: што е постот? Постот е правиот и најдобар пат по кој можеме да го совладаме гревот и да го очистиме нашето срце, а тоа значи да Го видиме Бога. По тој пат поминале многу луѓе. А кога човек ќе се сретне со Бога, кога ќе ја почувствува Неговата благодат, тој сака без сомневање тоа да го сочува преку целиот свој живот. Неслучајно во четвртиот век се појавува монаштвото како напуштање на светскиот живот. Се појавуваат монаси – луѓе кои преку подвигот на молитва, покајание и воздржување, чувствено се допирале до Бога и со сите сили се труделе да ја зачуваат таа духовна состојба која не може да се спореди со никакви човечки радости. За човекот средба со Бога значи допирање до Рајот, до Царството Божјо, чувствување на неземна радост. Точно по илјада години, во Византија се јавува многу силното духовно движење на исихастите. Свети Григориј Палама е еден од најзначајните учители на таа мистична традиција. Токму затоа тука и се истакнува Таворската светлина. Бидејќи во неа се јавува божествената благодат на видлив начин.

Постои време кога ние преку нашите духовни усилби работиме на самите себе. Се насочуваме кон пронаоѓање на вистинската чистота и отстранување од себеси на секакви скверни и зла. Затоа и светите луѓе бегале по пустини и се затворале во темници, правејќи со тоа сè за да ја сочуваат радоста на Божјото присуство. Не само затоа што тоа е совршено и не може со ништо да се спореди на емоционален план, туку затоа што на луѓето им дава посебна сила и откако човек ќе се допре до Божјото величие, сè останато става во втор план, па дури го смета и за ништожно.

И ние да ги исползуваме овие денови од Великиот пост и да размислиме за нашите души. Да размислиме за нашиот внатрешен живот, за молитвата и воздржувањето како и за некои помали, но реални подвизи кои ќе ги примениме на себе. Тие подвизи ќе ни дадат можност да го очистиме нашето срце, та така, не да Го видиме Бога, туку Неговиот свет. Тоа ќе ни помогне да живееме по Божјиот закон, кој ќе нѐ научи да разликуваме правда од лага и добро од зло. Амин.

На општа радост на најмалите присутни верници, Бигорскиот старец, архимандрит Партениј им подели убаво украсени пасхални свеќи.