Откако најдовме прибежиште во твојата брза и непобедлива заштита, Христов страдалнику, ние верните кои те воспеваме, молиме да се избавиме од вражјите соблазни, и од секакви несреќи и опасности за да викаме: Радувај се, великомаченику Георгие!
(Кондак на Св. Георгиј)
Христијанинот во мигови на тешкотии и беди треба секогаш да бара прибежиште, најнапред во својот Создател и Бог, а потоа и во Светиите. Оти каде би можеле да побараме посигурна заштита и закрила ако не во Христовата Црква, во благодатните домови на Светиите, каде непрестајно Му служиме на Бога, молејќи Го за прошка на своите гревови и избавување од искушенијата и страстите, што овој привремен и лажен свет ни ги нуди сѐ понепосредно, водејќи нè во крајна пропаст. Прибегнуваме молитвено и кон светите Христови пријатели кои со својата маченичка крв обилно ја натопиле земјата, сеејќи и наводнувајќи го така семето на верата што роди стократен плод. Како нивни потомци и ние сега, чествувајќи го нивниот свет спомен, и трудејќи се да ги подражаваме во подвигот и добродетелите, ги умножуваме плодовите и ја утврдуваме верата победоносна.
Денеска домот на великанот, Воинот и Победоносец Георгиј во Кнежино, беше исполнет со мноштво верници, кои поитаа да го примат и понесат со себе благословот од светите мошти што беа донесени од манастирот именуван според оваа голема светиња, Св. Георгиј Победоносец во Рајчица. Неописливото благоухание од светите мошти мистично ја соединуваше овоземната света Црква со небесната, и за миг душата на секој верник како да го почувствува присуството на целиот небесен свет, а пред сѐ присуството на самиот патрон на храмот. Затоа радосно ликуваше обителта Кнежинска, светло торжествуваа небесата и земјата, и пееше Црквата Христова, славејќи го славниот воин.
Преданото богослужение и умилно песнопение на дел од браќата и сестрите на Бигорската и Рајчичката обител како на и сестринството од соседната обител на Богомајката -Пречиста, ја направија богослужбата уште повелелепна, оддавајќи му на тој начин благодарност на Св. Георгиј за милостите и штедростите што ги излева врз сите нас.
О, најсвет Великомаченику Георгие, заштити нè со твојот штит од секакви лукави сплетки и погибелни опасности, крени го ревносно своето копје против злото од овој свет, та да можеме со своите скромни гласови пофално да ти запееме, Радувај се Великомаченику Георгие.