Радувај се најширока прегратко, поширока и од небесата.
Радувај се крину најмиризлив, што човештвото го намириса со мирисот на бесмртноста и на вечната радост. Прекрасна си и милозвучна лира, што ни ги интонираш најскладните созвучја на небеските химни. Кој јазик би можел да ги искаже и да ги опее твоите величија, во кои сите прибежиште и наслада наоѓаме? Радувај се најширока прегратко, поширока и од небесата. Од твоето име треперат небесата и земјата, висино неискажлива, длабочино безмерна. Радувај се, Мајко Дево!
Преслатките Акатистни поздрави и Молебниот канон кон Пресветата Владичица наша Богородица беа произнесени и отпеани во нашите Свештени Киновии со најголема благодарност и љубов, за неизмерната Божја милост и добрина, што нѐ удостоија и оваа година во Светата Четириесетница да ги извршиме во длабок мир и спокојство, во радост и светлина, во молитва и набожност.
Благодатта и светлината што се излеваат од овие богослуженија се толку силни, што остануваат врежани преку целата година, и несомнено се предвкус на Божјата Пасха спасителна. Блажена е душата што ја почитува и љуби Мајката на Господа Исуса Христа, оти добива благодатна сила од небесната слава и радост неовенлива.
Атонскиот благослов на Божјата Мајка ги погали монашките срца, кои сеоддајно ја љубат и го извршуваат целосно пропишаниот Светогорски типик на монашкото жителство, просејќи ја нејзината мајчинска и монахољубива наклонетост. Името Богородично е радост за монахот и песна на неговото срце. Радувај се, Пречиста, Преблагословена Царице!