…преку богослужението на Црквата Христова, земјата навистина станува небо, земните се мешаат со небесните, луѓето со ангелите.
Споменот на Светите небесни бестелесни сили, предводени од нивните Архистратизи Михаил, Гавриил и другите, претставува посебна духовна песна во срцата на верните. На овој ден, преку богослужението на Црквата Христова, земјата навистина станува небо, земните се мешаат со небесните, луѓето со ангелите. Такво беше чувството и атмосферата во Бигорската Обител и оваа година, на ноќното бдение и на Божествената Евхаристија, во слава и чест на нашите богомдарувани пазители и помошници.
Годинава, посебен украс на ангелската слава беа учениците од Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево, кои еднодушно дојдоа во нашиот Манастир на покана на старецот и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, а со благослов на Ректорот на Богословијата, високопочитуваниот Митрополит Повардарски г. Агатангел. Младите богослови, нашите идни Христови свештенослужители, беа срдечно и гостољубиво пречекани од Старецот и братството и имаа можност да присуствуваат на еден целокупен дневен циклус на манастирски богослуженија. Најнапред на синоќешното бдение, а денес и на Светата Литургија, под тајноводство на нашиот богољубив владика г. Партениј. За нив, како и за сите нас присутни во храмот на Свети Јован, исполнет со ангелска слава, посебно возвишение на душите беше пастирското наставление на Старецот, преточено во едно ангеловдахновено слово за денешниот празник:
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Денес, мили мои, Црквата православна се украсува со споменот на Великиот небесен војсководец Архангел Михаил, а задно со него и Соборот на сите свети и чесни Бесплотни сили. Богоносното име на небескиот Архистратиг Михаил е, всушност, изведенка од хебрејската фраза mī kāʼēl и претставува реторичко прашање: „Кој е како Бог?“, чијшто одговор е: „Никој не е како Бог“. Овој чиноначалник на Ангелските сили го објавува и проповеда ова значение не со зборување, не со објаснување, ами со делување, како и со блесокот на неизмерната светлина што ја поседува во себе, како непрестаен зерцател на Лицето Божјо. За него, како и за останатите Ангелски битија, Отците на Црквата често ја употребуваат фразата втора светлина после светлината на Сонцето Христос. Бидејќи невештествена светлина, Светите ангели, се нашите патоводители и осветлувачи на патот кон Царството Небесно.
Ние луѓето имаме, навистина, голема привилегија: да сме удостоени со служењето и помошта на Божјите Ангели, иако тие се создадени пред сиот материјален свет, вклучително и пред човекот. Нивната служба кон луѓето започнува тогаш кога на чинот на светото крштение новопросветениот добива свој Ангел пазител, кој го чува од злото и го упатува на патот на добродетелниот и светотаински живот.
Од Светото Писмо и од светото Предание дознаваме дека и народите имаат свои Ангели кои се грижат за нив со своето застапништво пред Господа, за тие да се развиваат во правилното богопознание. Дополнително, Ангелите нè охрабруваат да се утврдиме во верата и да бидеме истрајни во борбите и во трпението на искушенијата.
На синоќешното бдение, додека читавме извадоци од Стариот Завет, особен впечаток ми остави расказот за јудејскиот судија Гедеон, кој потекнувал од племето Манасиево, најмалото и најслабото од дванаесетте Израилеви племиња. Во времето кога живеел овој богобојазлив и праведен човек, XI век пр. Хр., еврејскиот народ бил политички разбиен, но и верски и општествено разнебитен од страна на незнабошците Мадијамци и од други „синови на Истокот“. Убивани, прогонувани и поробувани од нив, тие се криеле по горите, во пештерите и на други скришни места ширум Јудеја. Раководството на освојувачите испраќале одреди од насилници со цел да ги пронајдат и погубат синовите Израилеви, како и да ја опустошат нивната земја. Поради тоа еврејскиот народ бил духом крајно паднат. Некогаш тие слушале од своите татковци за големите чуда и за славните дела што Бог ги извршил со нивниот народ, како на пример, од времето на Мојсеј, кога Он ги извел преку Црвеното Море и го поразил египетскиот фараон и неговата сила. Си припомнувале и за многу други чудеса што се случувале со Божја интервенција додека избраниот народ патувал низ пустината до Ветената Земја и за тоа, како тој ја освоил таа земја со многу мала војска.
Подобно на своите сонародници, и Гедеон бил западнат во малодушие; и него го измачувале истите црни мисли: каде е Бог на татковците наши? Каде е Бог Кој порано правел такви чудеса? Ако е Он Бог наш, зошто сега нè остави вака слаби и немоќни, та незнабошците да нè поробуваат и истребуваат? Додека еднаш размислувал така и го собирал житото од гумното, за да го сокрие од Мадијамците, на Гедеон му се појавил Ангел Божји, кој му се обратил со зборовите: Господ е со тебе, мажу силен по крепост! Понесен од видението, Гедеон фатил да ги исповеда своите помисли и стравови: Господаре мој, ако е Господ со нас, зошто нè снајде сета оваа мака? И каде се сите Негови чудеса, за кои ни раскажуваа нашите татковци, велејќи: „Господ нè изведе од Египет?“ Сега Господ нè остави и нè предаде во рацете на Мадијамците. Господ преку Ангелот го охрабрил, велејќи му: Оди со таа своја сила и спаси го Израел од раката на Мадијамците. Јас те испраќам (Суд. 6,12-14). Натаму, разговорот продолжува со сомнежот на Гедеон за тоа, дали навистина станувало збор за Ангел Божји, па го замолил да остане на тоа место додека овој не му принесе жртва. Гедеон отишол до својот дом и донел леб, месо чорба, за да испита дали е тоа човек или пак, навистина Небесно битие. Тогаш Ангелот ја допрел храната со врвот на својот жезол и таа сета вивнала во пламен, а самиот тој исчезнал од погледот на Гедеона. Токму тогаш овој сфатил дека со него разговарал Ангел Божји, па се исполнил со страхопочит.
Потоа, упатен од Господа преку Ангелот, овој Божји слуга зел 300 храбри воини од својот народ и со нив ја поразил многубројната војска на Мадијамците. И така, од човек кој претходно се чувствувал толку бессилен и немоќен, потомок на најслабото племе во Израилот, тој станува силен водач и го избавува Израилскиот род од ропството. Спасен од големото притеснение, народот посакал да го круниса Гедеона за свој цар, но овој, бидејќи богобојазлив, не сакал да ја прифати таа титула, сметајќи дека има само еден Цар, Господ. Така, тој бил назначен за судија на Израил. Тоа било време кога Евреите биле водени од т.н. судии, кои на некој начин биле Божји избраници налик на пророците.
Од оваа библиска повест можеме многу да научиме. Пред сè, тоа дека Бог се грижи за нас во нашите неволи, разговара со нас преку Своите Ангели и ни ги испраќа за да нè закрилуваат и да нè водат. Тие ги изгонуваат од нас малодушноста и слабоверието, нè поттикнуваат за молитва и за духовна бодрост и нè охрабруваат во борбите со искушенијата и со злото. Зборувавме за Ангелот пазител кого го добиваме при крштението и кој од Бога е задолжен да ни внушува добри помисли, да нè чува во послушание кон Црквата, да ни помага во исполнувањето на заповедите Божји. Неговата рака многупати нè запазува од разни зла, искушенија и опасности во животот, иако ние, можеби, често не сме ни свесни за тоа. Сепак, мислам дека сите ние сме забележале моменти во сопствените животи кога ангелската помош и интервенцијата одозгора била очигледна. Тоа е нашиот Ангел пазител, кој ни е доделен од Бога, за да биде покрај нас во животните премрежија. Не е случајно тоа што на секоја поголема богослужба Црквата поставила прозба за да ни се даде „Ангел на мирот, верен наставник, пазител на душите и телата наши“.
Потребно е да се трудиме да не ги жалостиме Бесплотните сили, нашите добротвори, со својот немарен, неуреден живот. Голема е честа, но и одговорноста што ги имаме нив за свои помошници и сослужители и затоа ние треба да се угледуваме на нив, во нивното непрестајно славословие кон Бога. Од денешното свето Евангелие, што се чита секогаш кога ги славиме Небесните воинства, чувме дека не треба да се радуваме толку на тоа што духовите ни се покоруваат, туку на она што нашите имиња се запишани на Небесата. Имено, како што слушнавме, Господ ги испратил Своите Апостоли да го проповедаат евангелското слово и да настапуваат на секакви змии и скорпии, што во преносна смисла се однесува на старата змија Луцифер, кој отпаднал од Небесната војска поради гордоста и бунтот против Творецот Бога. На Апостолите им била дадена таква сила што злото од овој свет не им можело ништо. И нам, преку светото крштение, преку Божјата благодат и со посредство на светите Ангели и на Светиите, ни се дава таква сила да го победуваме злото во овој свет. Меѓутоа, нашиот Господ Исус Христос истакнува дека не треба особено да се радуваме на тоа што злите духови ни се покоруваат, туку да се радуваме најмногу за тоа што нашите имиња се запишани на Небесата.
Сите ние, во Христа крстените, носиме едно заедничко, најголемо и свето име: Христијани. Повеќето, пак, од нас носиме име на некој Светител, со некое длабоко значење и нашиот живот треба да биде во согласност најнапред со името и призивот Христијани, а потоа и со животот на нашиот патрон и со значењето на името. Го споменавме значењето на името на Светиот Архангел Михаил, кој бездруго е доследен на тоа име и со својата појава и со своите дела. Ние треба да го знаеме житието на нашиот Светител – заштитник, да размислуваме за неговиот живот, за подвизите со кои тој се осветил, та да би се огледале и ние на него и да се вброиме кон Небесните жители во кои спаѓаат сите Бестелесни сили, Светиите и душите на Божјите угодници.
Така, мили мои, да се радуваме што Бог преку крштението ги запишува нашите имиња во Книгата на животот и да се трудиме да останат таму докрај запишани. Не затоа што Бог нешто заборава или брише, но самите ние, преку неуредниот живот во егоизам и себичност, можеме да се избришеме себеси и да отпаднеме од Божјата благодат. Нека нашите сили и мисли бидат управени кон тоа да се подвизуваме во послушание, смирение и љубов, та да останеме запишани во Книгата на животот, што е и крајната цел на нашето суштествување: да бидеме засекогаш заедно со нашиот Спасител Господ Исус Христос и со Триединиот Бог на Небесата, таму каде што Ангелите непрестајно Го славословат, извикувајќи со незамолчливи гласови: Свет, Свет, Свет е Господ Саваот и полна е Земјата и Небото со Неговата слава! Да Го славиме и славословиме Бога непрестајно и ние и тогаш ќе бидеме благовесници на Неговата неизмерна радост, носејќи ја најнапред во своето срце и ќе благовестиме мир на сите околу нас.
Нека Светите Ангели ни помагаат во тоа! Амин.
По завршетокот на Светата Литургија и трпезата на љубовта, Епископот г. Партениј ги собра учениците по православно богословие во големиот манастирски синодикон и им подари неколку благослови, татковски поучувајќи ги за нивниот возвишен призив. Во продолжение, на учениците им беше приредена обиколка низ манастирскиот комплекс, при што посебно беа запознаени со Бигорската книгохранителница.