(Видео) Собрание на љубовта во Христа во чест на Св. Партениј и именденот на Старецот

Што е тоа што може да ги натера луѓето да поминат километри и километри, да дојдат од сите страни, да се соберат на заедничка прослава? Ништо друго освен љубовта. Само љубовта, како одговор на љубовта што зрачи од татковското срце. Затоа овој ден ни малку не зачудува тоа што Бигорската Обител е преисполнета со радосни, насмеани лица, кои дојдоа да влезат во радоста на нејзиниот Старец, Преосветениот Епископ Антаниски г. Партениј. И не само тие. Љубовта Христова, обилниот благослов на големиот Лампсакиски Чудотворец Свети Партениј и искреното пријателство и заедничарење во Бога, ни ги донесоа во манастирот и драгите наши отци, браќа и пријатели во Христа: Епископот Аморејски и Игумен на Свештената Обител на Влатадите во Солун г. Никифор од Вселенската Патријаршија, кој, носејќи го благословот и благопожелбите на Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, допатува со студентите по теологија од разни земји и црковни јурисдикции сместени во манастирскиот интернат кај него, како и со јероѓаконот Партениј од Танзанија, клирик на Александриската Патријаршија; Архимандритот г. Калиник, кој со монахот Нектариј дојдоа од славниот Имврос како претставници на Митрополитот Имвроски и на Тенедоски г. Кирил; Архимандритите г. Матеј и г. Херувим од православната Црква на Грција – наши долгогодишни браќа и пријатели, како и светогорскиот ѓакон о. Хризостом и неколку светогорски отци. И сите тие пристигнаа во свештениот дом на Чесниот Претеча, носејќи го дарот на својата љубов и почит, заедно со благоговејните презвитери од Кичево, Охрид, Радовиш и многубројните верни. Да, ликуваше минатата вечер нашата Света Обител, гледајќи го единството во љубовта која само во Христа е можна и вистинита.

Вечерната празнична богослужба го покажа велелепието на Бигорскиот храм во полн сјај. Тој блескаше исто како и лицата на присутните во него. Умилното пеење на ангелогласниот хор составен од светогорски отци и о. Херувим, проследени и со достојниот одговор на бигорските псалти, направија храмот да стане небо, каде што изобилно се излеваше и благословот на Светиот Партениј Лампсакиски, кој безмерно се радуваше на овој свештен собир во негова чест.

Овој прекрасен собор беше, всушност, и најубавиот подарок за нашиот Старец, кој длабоко трогнат, јавно ја исповеда својата огромна благодарност, преточувајќи ја во едно вдахновено пригодно слово:

Ваше Преосвештенство, наш возљубен брате и сослужителу, свет владико Аморејски и игумене на Светата царска, патријаршиска и ставропигијална Обител на Влатадите во Солун, г. Никифоре,

Високопреподобни, сепреподобни и преподобни отци,

Себлагоговејни презвитери,

Високопреподобни мајки старешинки и преподобни сестри монахињи,

Драги студенти од Обителта на Влатадите,

Сакани гости и возљубени браќа, сестри и чеда,

Созерцавајќи го ова свештено црковно собрание, составено од членови од повеќе помесни православни Цркви, во чест на споменот на Светиот Лампсакиски Чудотворец Партениј, кој е небесен закрилник на моето смирение, се гледам себеси и сите нас обвиени во големата прегратка на православната вера и на Божјото откровение што нè поврзува со вселенската Црква како тело Христово. Па, по тоа се препознава нашиот општ, незаменлив и единствен идентитет – дека сите ние сме Христови и сѐ друго исчезнува пред оваа припадност. И затоа верувам дека оваа прослава не е само една лична радост и поединечно чествување, туку е еден длабок одраз на соборноста на Црквата, сведоштво за нашиот заеднички идентитет во Христа, кој нè повикува на љубов, на таа „врска на совршенството“[1] во заедница со Него и едни со други.

И токму затоа, не наоѓам во себе соодветни зборови за достојно да ви се заблагодарам на сите вас, за оваа „неискажлива и славна радост“[2] што ми ја причинувате не само мене, туку и на целото православно жителство овде.

Особено Ви благодарам Вам, Свет Аморејски, а преку Вас и на Сесветиот Патријарх Вселенски г. г. Вартоломеј, кој деновиве и писмено ми ги испрати прекрасните благопожелби и честитки од своето чувствително татковско срце, а еве сега и преку Вашето ценето лично присуство. Ви благодарам, Преосветен Епископе, за сите молитви и трудови со кои придонесовте за нашата древна и славна Охридска Архиепископија Јустинијана Прва повторно да се најде во единството и соборноста на православната екумена. Пред Вас ја изразуваме својата огромна благодарност и до сите кои несебично се вложија и се жртвуваа за воспоставувањето на единството. Секогаш во нас ќе остане жива благодарноста и признателноста кон првиот престол на Православието, Мајката Великата Христова Црква и кон нејзиниот свет Претстојател, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, кој со својот виш суд, втемелен во каноните и во традицијата, го уважи молбениот апел на нашиот Свет Синод, и прв, но и како единствено меродавен, нѐ оправда и нѐ прими во пазувите на светото Православие, правејќи нѐ и нас „царско свештенство, свет народ“[3].

Впрочем, ние православните никогаш не смееме да го заборавиме Константиновиот град, градот на Пресветата Владичица наша Богородица, градот на безбројните Светии, каде што се утврди спасоносната вера и од каде што засветли Православието за многу народи и простори. А за тоа дека Божјиот Домострој го устроила тој центар на вселенското Православие и дека Божјата благодат го одржува и се грижи за него, сведочи и самиот факт дека до ден денес таму живо суштествува Мајката Црква, Вселенската Патријаршија. Сакајќи некои некогаш да ја понижат и да ѝ ги одземат нејзините славни седишта, најнапред величествената Света Софија, ја пренесоа најпосле, не без Божја знаење и промисла, во населбата која се нарекува Фенер, од каде што пак смирено им свети на сите со дух и вистина. Мајката Божја не го заборавила својот царски град; Светиите не го заборавиле градот на Вселенските Собори, туку и денес го заштитуваат своето наследство во него и нѐ повикуваат нас, чедата свои, сите Православни да се обединиме околу првиот Престол на верата и на цивилизацијата наша и да го почитуваме и поткрепуваме, стекнувајќи го така благословот од небесниот град на Светиите. Обединувањето во верата на Евангелието и во преданието на Отците е еден од аспектите на соборноста, би рекол – нејзин квалитет, но и услов. Само оној кој собира, кој се обидува отстранетите и одделените да ги внесе во стадото Христово, само тој кој ги лекува раните според лекарствата посочени од Отците на Црквата – тој гради, обновува и соединува. Ги прави делата на светлината, кои истовремено ги откриваат на очиглед делата на темнината, кои стојат отспротива. Се прашувам, кога денес се обидувам со своите скромни можности да ги расудувам собитијата во светот и во Црквата, дали наравот на Христијанинот се изменил, губејќи Го Христа? Дали ја загубил сочувствителноста, потребата на општото заедничко и потребата на секој брат индивидуално кога е во страдање? Дали ние ја користиме можноста кога некој е притиснат од бремето на игото, да оствариме некоја своја желба и замисла, кои се страстољубиви, властољубиви и суетноподобни? Но никогаш Господ нѐ позволува да сме без надеж, туку повикува да се издржи докрај, зашто наше е да „стоиме добро, да стоиме со страв, да внимаваме“, а Он ги надополнува слабостите и ја воспоставува правдата.

И навистина, не е ли Константинопол камен темелник на нашата православна цивилизација? Лулка во која се роди и израсна Ромејството, тој национално неопфатлив склоп, не само како еден историски феномен, туку како едно живо и вечно движечко битисување на нескршливиот дух на Православието, испреплетено со човековиот дострел во возвишеното и убавото. Сагата на Ромејството не е ограничена на аналите на историјата; таа е живописно, пулсирачко присуство кое одекнува во срцето на секој Православен, без разлика на неговата сегашна национална припадност, олицетворувајќи ја синтезата на христијанската вера и мудроста и искуството на вековите. Ова трајно наследство, создадено во лонецот на притесненија, предизвици и триумфи, служи како светилник, водејќи го православниот човек низ променливостите на историјата. Суштината на Ромејството ги трансцендира самите географски и временски граници, персонифицирајќи ја вечната потрага по вистината, убавината и добродетелта. Наследството на Ромејството, исто така, стои како споменик на капацитетот на човечкиот дух да издржи, да се прилагоди и да процвета среде менливите песоци на времето. Богатството на ова наследство, содржано во богослужението, уметноста, философијата, естетиката и заедничарењето, нуди извор на мудрост и инспирација за навигација низ комплексностите на современиот свет. Тоа е наследство кое ги повикува сите православни да живеат во согласност со вредностите на верата, надежта и љубовта, негувајќи чувство на единство и цел кои надминуваат индивидуални и колективни предизвици, а сепак истовремено ја сочувува автентичноста и посебноста на секого подеднакво, инкорпорирајќи ги различностите во едно општо богатство на култура и убавина. Оттука, императивно е да се препознае дека вистинската сила на Новиот Рим не лежи во сферата на времената моќ или во светското признание, туку во длабочината на неговото духовно и културно наследство, во светоста и благословот, а најмногу од сѐ во крстовоскресното сведочење. Зашто, што е највисокиот дострел во духовната биографија, ако не смиреноподобното страдање кое надминува секоја човечка логика и ги надминува силите? Тогаш навистина спознаваме колку Бог нè љуби, но колку и ние, упорствувајќи во подвигот, Му докажуваме дека нашето срце е Негов престол. Ќе ја завршам оваа согледба со возвикот на денешниот татко на Ромејството, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј: „А ти, најсакано Ромејство, понеси го цврсто омофорот на Пресветата наша и последувај ги нејзините чекори кон Преторијата, кон мачеништвото, кон Крстот, кон Симнувањето од Крстот и кон Гробот. Пред дури и да се раздени новиот ден, да чуеш заедно со неа: ’Чиста Дево, радувај се! Твојот Син воскресна тридневен од Гробот‘, и ти, и ти слатко наше Ромејство заедно со Него, заедно со Воскреснатиот Христос!“.

Имајќи ги предвид овие скромни размисли, Свет Аморејски, и сакајќи да Ви се заблагодарам уште еднаш што посакавте да дојдете со студентите од Вашата Свештена Обител, кои потекнуваат од повеќе земји од различни континенти, не можам да кажам дека доаѓате како странци од туѓина, туку како наши од нашата заедничка културолошка татковина, од духовното пространство на Светите Отци на верата наша. Вашето, пак, сведоштво дека доаѓате во овој Свештен Манастир на Чесниот Претеча како во свој дом и честа и љубовта што ни ги укажувате, го потврдуваат претходно кажаното и ги радуваат и успокојуваат нашите срца.

Особено им се заблагодарувам на светогорските отци, коишто покрај подвигот што го направија да допатуваат овде, со своето пеење, натопено со молитвеност, духовност и подвиг ни откриваат еден свет каде што времето и вечноста се преплетуваат. Нивната небесна музика не е само израз на сериозната монашка посветеност, туку и длабоко вдишување на ромејскиот дух, вовед во сржта на православното предание и чествување.

Им се заблагодарувам на нашите возљубени Високопреподобни отци г. Матеј и г. Херувим, нашите непрестајни браќа и пријатели, како и на останатите чесни отци од православната Црква на Грција, на Високопреподобниот отец Калиник којшто допатуваа од Имврос, Турција, и на сите вас, возљубени чеда, браќа и сестри, коишто со своите молитви и радост го оприсутнувате Небото во овој свештен простор.

Со радост го очекуваме и утрешното пристигнување на нашиот почитуван и свет Архипастир на оваа богочувана епархија Дебарско-кичевска, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј.

Молитвите и благословите на нашиот Отец меѓу Светиите Партениј Лампсакиски Чудотворец да бидат со сите вас!

[1] Сп. Колос. 3,14.

[2] 1. Петр. 1,8.

[3] 1. Петр. 2,9.


Љубените духовни чеда, пак, ја искористија можноста да му подарат на Старецот и неколку пригодни дарови, во спомен на нивната бескрајна благодарност за непрестајната татковска жртва и молитви. Монашката Обител му подари епископски жезол, за да го потсети, според зборовите на Архимандритот Доситеј, кој му се обрати во име на братството и сестринствата, на неговата пастирска одговорност пожртвувано да ги спасува заталканите свои чеда:

Владико свети благослови!

Почитуван наш Старецу, отче и Игумене на оваа Света Бигорска Обител, Епископ Антаниски, господин Партениј,

Почитуван свет Аморејски г. Никифор,

Почитувани Архимандрити, браќа и сестри во Христа, присутни и оправдано отсутни, а духом присутни,

Еве, денес, повторно, како и секоја година на овој ден, нè собра благодатта на Светиот Дух, како и овде секогаш присутниот преку своите свети мошти Светиот Партениј Епископ Лампсакиски, на именденот на духовниот Отец на повеќето од нас.

Овој именден, според Промислата и допуштението Божјо, секогаш нè наоѓа во различна состојба: било тага за изгубено нешто, било радост од неочекуван дар Божји или скап гостин, но секогаш носи големо умиление и ја зголемува благодатта, па така нашата тага е помала и знаеме дека е минлива и Бог, по молитвите на Старецот, ќе надокнади. И знаеме дека изгубеното не е изгубено или никогаш не било наше, а радоста е дотолку поголема бидејќи се споделува со ближниот, со нашите браќа и сестри.

 По Божја промисла се појавиле првите монаси и првите општежитија, во кои е прекрасно уредено да има еден Старец, Пастир на словесни овци, кои доброволно притекнуваат во тоа општежитие и по период на испитание тие легнуваат распнати на крст и со наведната глава подаваат на Христа ножички со кои примаат постриг и ги даваат трите завети, од кои едниот е послушанието кон Старецот и братството, односно сестринството.

Тука и би се задржал, според Евангелското четиво, на перикопата за Добриот Пастир и за разбојникот. Ние веднаш можеме да го препознаеме Добриот Пастир, кој се жртвува за овците свои, а ајдукот и разбојникот или наемникот ги остава своите овци и бега. На тоа би додал и потсетил, но нема да се надоврзам поопширно овој пат на тие зборови: „Таков наставник и ни требаше“.

Едно од обележјата на Пастирот е неговиот стап односно бастунче, патерица, жезол, зависно од ситуацијата и номенклатурата. Тој со него може, според сопствено расудување да повлече една изгубена овца за ногата и така да ја спаси од челуста на волкот, но секако тоа зависи од овцата, која, како што кажавме, е словесна и има од Бога дадена слободна волја и иако дала завет, може по таа иста слободна волја да замине во челуста на волкот.

Пастирот по својата љубов ќе пролее и крв, сè со цел да не се изгуби ниедна овца од тоа стадо. Друга карактеристика на Пастирот е неговата љубов и кроткост, со која може со жезолот и нежно да удри, со голема мајчинска љубов, за да ја поучи онаа овца која се двои од стадото, а и нема да дозволи да има црни овци или кози кои на Второто пришествие би биле од левата страна на Христа, бидејќи целта на Пастирот и смислата на општежитието е сите заедно да се спасиме и затоа сите заедно се носиме и си помагаме и во добро и во лошо.

Добриот Пастир! Без никакво претерување можеме да кажеме, нашиот Старец е навистина добар и имам кажано, ако му бараме маана, таа би била тоа што е претерано добар. Го има и следново: смирението, за коешто нечестивиот му рече на Свети Макариј Велики: „Ме победи со своето смирение“. Само таму и со тоа смирение никој не може да нè победи, за што даде пример и нашиот Спасител, Добриот Пастир, Господ Исус Христос, кога со тоа големо смирение претрпе маки и беше распнат на Крст и умре како човек на крстот, но потоа Тридневен Воскресна!

Со тоа свое смирение и голема љубов, нашиот Старец нè носи и нè трпи сите, прво нас монасите кои сме секојдневно пред него и најмногу му грешиме, а потоа и сите духовни чеда, како и сите кои доаѓаат за совети, средби и други духовни разговори.

По примерот на нашиот Спасител, нашиот Старец е спремен и да ја понеси словесната овца на своите рамена, кога таа веќе нема сила или паднала, но пак ќе повторам, ако таа се согласи со својата слободна волја, а како што велат теолозите, тоа е единственото нешто кое Бог не може да го направи – да ја одземе еднаш дадената слободна волја на човекот. Пак дигресија, и ден денес на турски со Адам се нарекува човек!

Во контекст на кажаното, во името на братството и сестринствата. Старече наш свет, примете го овој жезол.

На многаја и благаја лета и сите заедно да сме во Царството небесно, по Вашите свети молитви!


Говори и посвети од духовните чеда

„Возљубен наш Владико и пред сѐ наш Татко,
Примете го овој скромен подарок – панагија – на која е изобразен ликот на нашиот Господ Исус Христос. Нека Он Ви дава сила и нека Ве штити, нека Ве крепи, бидејќи ние, Вашите духовни чеда, секојдневно Ви додадаме тежини, распнувајќи Ве со нашите маки.
На многаја лета Татко и Владико!!!“

Ненад и Сара, Ростуше

Возљубен наш Владико,

Вашата бескрајна љубов, Вашата насмевка и секој изговорен збор, Вашите молитви за нас ја греат нашата душа и ни даваат надеж и верба.

Во своите молитви се молите за наше здравје и среќа. Благодарение на Вашите молитви голем број луѓе добија исцеленија и надеж за вистинска смисла на животот. Преку Вас сите ја доживеавме и продлабочивме вистинската љубов кон Христа.

Се радувате на секоја наша радост и тагувате на секоја наша тага. Во нашите заеднички молитви Вашата љубов и емпатија ни го покажува вистинскиот пат како да станеме подобри луѓе. Имате љубов и прегратка и за најгрешниот од нас и секој од нас е примен подеднакво во Вашите прегратки.

Не го штедите Вашето време и внимание и секогаш сте достапни за секој од нас и секогаш сме пречекани со насмевка.

Верувајте дека Вашиот благослов ни значи на сите повеќе отколку што можеме да опишеме со зборови Она што не учите за љубовта кон Бог и неговата љубов кон луѓето, се трудиме преку дела и зборови секојдневно да ја искажеме.

Ви благодариме за Вашата искрена љубов и почит, за се што направивте за нас и нашиот град кој го оживеавте во духот на православната вера.

Честит именден, да сте ни здрав и жив уште долги години, Вашите кичевчани ќе го следат секој Ваш чекор. Ве сакаме бескрајно.

Духовните чеда од Кичево

„Во знак на благодарност од мене и од моето семејство, бидејќи сум измолен од вас и роден по благословот на големиот Свети Јован Крстител, кој е наш силен застапник“.

Посвета од Јован, син на Таки Стерјо и фамилијата.

„На мојот најсакан и свет духовен отец и владика, Епископ Партениј, со најголема љубов и благодарност, од Деса Спироска од Скопје. На многаја лета! На Св. Партениј 2024“.

Посвета на енколпионот – дар од Деса Спироска од Скопје.


По завршувањето на Вечерната богослужба, во големиот манастирски синодикон Старецот имаше можност да прими песнена честитка и од хорот „Митр. Козма Пречистански“ од Кичево, кој во оваа прилика со посебна љубов испеаја песнопение во негова чест. Посебен украс на вечерта беше прекрасното и слаткогласно пеење на нашата сакана пријателка Верче од Љубојна, која на свој начин, заедно со оркестарот на кичевскиот хор, исполнувајќи повеќе традиционални песни, му го честита именденот на Старецот, посакувајки им така и добредојде на нашите драги гости од повеќе места од светот.

 На многаја лета, највозљубен Владико наш свети!