Празнувањето на најголемиот празник во Христијанството, Светата Пасха, Воскресението Христово, започнува токму од денешниов ден, со влегување на Христа во Ерусалим и во срцата на луѓето. Он и денес, доколку Му дозволиме, може благодатно да влезе и да биде присутен во нашите животи, да биде наш пријател, сожител во нашите срца, без разлика на епохата во која живееме и притесненијата со кои се соочуваме.
(Епископ Антаниски, г. Партениј, Старец и игумен Бигорски)
Ете токму со овие зборови, искажани од возљубениот ни Старец утрово на богослужението на Цветната недела, полека навлегуваме во големината, длабочината и светоста на деновите од Великата и Страдална Седмица, чекорејќи низ нашиот сопствен земен Ерусалим, исполнет со многу притесненија. Патуваме заедно со Господа, копнее душата наша по милоста Негова. Деновите што доаѓаат ја откриваат пред нас онаа историска драма за човечкото спасение, извршена еднаш, но мистично присутна во секого од нас секогаш. Будна ли е душата наша? Го помни ли нејзиниот Бог и Господар, Кој сега, заради неискажливата Своја добрина, во овие последни мигови повторно доаѓа да пострада, да го прими нашето осудување и да го симне од нас презирот што со страстите сами си го нанесовме! Ете, Младоженецот доаѓа, повторно влегува во епохата на нашето постоење, Он одново нè бара нас, посакува во нас да влезе и да биде присутен во нашите животи, да биде наш пријател, сожител во нашите срца. Надумно е снисходењето на Богочовекот и нема граница Неговото човекољубие: еднаш дојде, но ете повторно доаѓа; биен беше и еве пак дозволува да Го бијат; се распна, но никогаш не престана да биде распнуван; сè претрпе за да го спаси човекот, сè одново ќе претрпи само за да нè избави од замките на лукавиот; сè поднесе за да нè ослободи, сè поднесува за да не сме веќе робови. Неговата добрина го простува секое наше беззаконие, Неговата милост нѐ издигнува во паѓањето наше. Нема грев што Он не може да го прости и избрише, не постои толку зло колку што љубов има Он во изобилие.
Затоа, по Него да појдеме, иако под тешкото бреме изморени се нашите души. Да не бидеме како смоквата сува и неплодна, но плодови на покајание да принесеме, како праведниот и смирен Јосиф да се смириме и целомудрено да Му повикаме: Со душа скрушена Ти припаѓаме и Те молиме… Спасение на душите наши, слава Ти!
Одејќи Господ на доброволно страдање, на Апостолите по патот им велеше: Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе се предаде, како што е напишано за Него. Затоа дојдете со очистени мисли, да отидеме со Него да се распнеме и заради Него да се умртвиме за животните наслади, та со Него и да оживееме и да Го слушнеме како вика: Повеќе не одам во земниот Ерусалим да страдам, туку одам при Мојот Отец и вашиот Отец, при Мојот Бог и вашиот Бог, и ќе ве издигнам со Себе во горниот Ерусалим, во Царството Небесно.