Пасхалната радост пламти во срцата на верните и ги исполнува нивните домови со зраците на невечерната светлина на Осмиот невечерен ден. Веста за Победителот на смртта, за Воскреснатиот од гробот громогласно одекнува низ сиот православен свет и еве продолжува да ја испраќа својата неовоземна љубов која е утеха за сите народи.
Духот на таа радост и пасхални восклици во Обителта продолжи и на прекрасната богослужба наречена Вечерна на љубовта, на која Евангелието за Воскреснатиот Христос беше прочитано на повеќе јазици: македонски, црковнословенски, старогрчки, латински, бугарски, српски, албански, англиски, француски, италијански, германски, фински и турски – со што насекаде ја пренесе најважната порака: никој не е лишен од радоста на Воскресението, од серадосната вест за сите народи и за сите луѓе! Од веста дека Христос навистина воскресна!