Возобновен конакот „Долни Палат“
По тригодишна работа и посебна грижа да се зачува автентичната македонска архитектонска градба и сите градителски особености и специфики, манастирскиот конак „Долни Палат“ во Бигорскиот манастир блесна со полн сјај. Конакот е изграден пред речиси два века, а во големиот пожар од 1912 год. целосно изгореа покривот и двата ката со чардаците. Санацијата направена во периодот од 1927 до 1930 год., не се потпирала на првобитната архитектура на конаците.
Пресреќен сум што успеавме да го вратиме првобитниот архитектонски изглед и сјај на конаците во манастирот „Св. Јован Бигорски“, со одушевување зборува архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир. Проектот врз основа назачувани стари фотографии го изработи архитектот Ѓурѓица Лековска, а исто така во неговата целосна
реализација учествуваше и Републичкиот завод за заштита на културните споменици на Македонија.
Инаку, манастирскиот конак „Долни Палат“ е изграден на пет нивоа, онака како што бил пред да изгори. На површина од 2. 400 квадратни метри направени се 20 соби со 80 кревети, апартмани, простран чардак од каде што може да се гледа прекрасната долина на реката Радика, високите врвови на планината Крчин, долнореканските села Ростуше, Битуше, Велебрдо и Требиште; во конакот се наоѓа и читална, богата библиотека, кујна, параклис и други простории.
Треба да се одбележи и тоа дека при извршувањето на работите на реконструкцијата, во долните простории на конакот, меѓу ѕидовите, добро зачувани од оштетувања беа пронајдени таваници изработени од резба од тајфите на мијачките резбари Петре Филипоски – Гарката и Макариј Фрчкоски. Нивно дело е неповторливиот иконостас на оваа манастирска црква. Овие вредни таваници сега ги красат просториите на возобновениот конак и особено го привлекуваат вниманието на посетителите.
Во наредниов период, како што нè информира архимандритот Партениј, планирано е да се живописа параклисот, а од покрупните зафати останува да се изгради конак на источниот дел на манастирот, со што манастирската црква „Св. Јован Крстител“ ќе се спои со манастирскиот конак на „Долни Палат“.