Бигорскиот манастир монумент на македонската духовност

БИГОРСКИ МАНАСТИР – Во чест на големиот православен празник Божик, раѓањето на нашиот Спасител Исус Христос, средновековното македонско светилиште – Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, деновиве беше масовно посетен од домашни и од странски гости, кои доаѓаа да се напојуваат со духовноста што зрачи од сите страни на ова познато македонско светилиште. На регионалниот пат покрај реката Радика секој ден можат да се забележат по десетина паркирани автобуси и повеќе автомобили со регистарски таблички од Грција, Албанија, како и од некои западноевропски држави.

„Посетеноста беше значително зголемена во деновите пред католички Божик, и потоа и за време на новогодишните празници, а посебно за нашиот Божик“, ни вели монахот Јосиф, кого го сретнавме во манастирската црква, каде што на група туристи од Грција им ракажуваше за минатото на манастирот.

Посетителите со големо внимание ги разгледуваат конаците Долни Палат и Горни Палат, галеријата на икони, крстови и други предмети создавани во 17, 18 и 19 век во манастирот, а посебно се восхитуваат од иконостасот на манастирската црква – ремек-дело на зографските тајфи на Петар Филипоски-Гарката и на Макариј Фрчкоски од мијачките села Гари и Галичник.

Трите манастирски чешми непрестајно течат, како што течат и бистрите води на реката Радика низ неповторливиот кањон, кои постојано го нарушуваат вечниот мир, а посетителите уживаат во природните убавини, на кои не можат да им одолеат и во овој период од годината. Оваа вода има исцелителна моќ. Токму затоа манастирот постојано е посетуван, не само од православните христијани, туку и од лица од другите вероисповеди. Тука секогаш е убаво и неповторливо. Секогаш има што да се види и да се ужива во природните дарови и во вредностите што ги создавале генерации народни уметници и духовници. „Повторно ќе дојдеме и ќе останеме подолго за да можеме да ги видиме сите убавини и да ја научиме историјата на манастирот“, вели брачната двојка Христо и Антула Казадополус од Грција.

Инаку, пред половина година беше осветен новоизградениот манастирски конак на пет нивоа, наречен Долни Палат, кој ја врати автентичноста и изгледот на манастирот со својата стара македонска архитектура, идентична на онаа од времињата пред да изгори конакот во големиот пожар што се случил во далечната 1912 година. На површина од 2.400 квадратни метри се наоѓаат 20 соби со вкупно 80 кревети, простран чардак од каде што се гледа прекрасната долина на реката Радика, долнореканските села Ростуше, Битуше, Белебрдо и Требиште и високите врвови на планината Крчин. Во овој комплекс се сместени и библиотеката и читалната, каде што има многу црковни и духовни книги од различни периоди.

Во изминатите 11 години, со повторното обновување на монаштвото, монашкото братство во континуитет го надградува и го одржува ова светилиште, кое постојано го менува својот лик. Неодамна завршија работите на ѕидањето на оградата и поплочувањето на патеката на влезната регија во манастирот во должина од стотина метри, а на почетокот е поставена и метална врата, над која се наоѓа иконата на патронот – свети Јован Крстител.

Пред влезот на огромните манастирски порти е изградено впечатливо кубе, останува уште да се дотера во внатрешниот дел.

Во наредниот период, како што нѐ информира архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, се планира да се изгради конак на источниот дел на манастирот, со што ќе се спои со манастирскиот конак Долни Палат, а манастирската црква „Св. Јован Крстител“ ќе стане централна. За таа цел интензивно се работи на проектот, теренот е подготвен и напролет се очекува да започнат работите на изградбата.

За Божикните празници сите манастирски одаи беа резервирани. Македонските посетители не плаќаат за ноќевањата, а странските гости по 10 евра за ноќ. Но, секој посетител мора да се придржува на куќниот ред. Во деновите на пост гостите треба задолжително да консумираат само посна храна и секојдневно да присуствуваат на богослужбите и Литургиите и да ја запазуваат хигиената и мирот.