Монашка посета од Обителта на Свети Никодим Агиорит, Пендалофос – Р. Грција

Голем Божји благослов и радост за нашата Света Обител ни донесе престојот на дел од братството на манастирот Свети Никодим Агиорит, од месноста Пендалофос од соседна Р. Грција, заедно со нивниот свет старец и игумен, Високопреподобниот Архимандрит г. Хризостом II. Чесните отци и браќа монаси го исполнија нашиот манастир со монашка радост преку заедничката во Христа љубов и со нивното прекрасно пеење го збогатија празнувањето на споменот на великиот јерарх, Светиот Григориј Богослов.

На свечениот манастирски пречек (иподохи) старецот Хризостом ги изрази своите топли благодарности и ја искажа желбата која ги довела при нас, а тоа е средбата со нашиот старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, од когошто посакувале да слушнат слово Божјо, слово за спасение и поткрепа за својот монашки живот и подвиг:

„Многупочитувани отци и браќа, Ви благодариме од длабочината на срцето за топлото, срдечно и полно со љубов иподохи што ни го приредивте мене смирениот и на мојата синодија. Знајте дека дојдовме при Вас, секако, прво, да се поклониме на светињите на Вашата Света Обител, на Чесниот Претеча, како и на останатите светињи. Сепак, дојдовме при Вас бидејќи почувствувавме дека многупочитуваниот и драг Ваш Старец има да внесе и во нашите срца слово Божјо на Светиот Дух. Чувствуваме дека тој харизматичен човек, Богољубивиот и Преосветен Старец Партениј има да ни каже и нам слово за спасение. Затоа и мислам дека оваа наша поклоничка посета ќе биде овенчана со голема полза и ќе заминеме натоварени со духовни мотиви за продолжување на нашиот монашки живот. И повторно Ви благодариме од длабочината на срцето. Нашата обител се наоѓа близу границата со Вашата татковина. Таа е метох на Света Гора, на манастирот Симонопетра и е нова обител. Нашиот Старец, секогашспомнуваниот ктитор на нашиот манастир, од нула ги постави темелите на тој метох, таму на почвите на нашата татковина, како бедем на православието, бидејќи навистина луѓето денес имаат потреба од реевангелизација. Ние Ве чувствуваме браќа, бидејќи сите православни сме истокрвни. Внатре во нашите вени кружи крвта на нашиот Христос. И ништо не може да ја прекине таа врска на братство што треба да ја имаме помеѓу нас. Ви благодариме и повторно, од длабочината на срцата наши, и посакуваме и Вие, кога ќе дојде време и Божјата волја, да ни дојдете, за да можеме и ние така да Ви возвратиме на Вашата љубов. Благословете!“

Средбата и дружењето со браќата монаси и нивниот свет старец и игумен беше од голема полза и поткрепа за нашето братство, бидејќи на нив се гледаше духот на љубовта, радоста, послушанието, единството, трудољубивоста. Нивното доаѓање е голема поддршка и потврда на големото евангелско дело што го прави нашиот Старец, Епископот г. Партениј и големо охрабрување за нас монасите во подвигот на љубовта и послушанието.