На многаја и благаја лета, Високопреосветен Владико наш!

Во светот сјаат светлоносно две светила: великиот Тимотеј, еден од Христовите апостоли, и маченикот Анастасиј, еден од сличните нему, коишто ние ги славиме заедно.

(светилен на Утрена на св. ап. Тимотеј и преп. мч. Анастасиј Персиски)

Се исполни кажувањето Давидово бидејќи нашиот блажен и секогаш спомнуван Тимотеј се јави како молња озарувајќи ги со својата проповед краиштата на вселената. Затоа и ние достојно го славиме и прославуваме споменот на блажениот апостол Тимотеј, и непрестајно го величаме. Празнувањето на светиот апостол Тимотеј и на преп. мч. Анастасиј Персиски, како и по повод именденот на нашиот возљубен духовен водач, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, на 03.02.2023 година, во вечерните часови, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Димче Ѓорѓиески, еромонахот Никодим и ѓаконот Марко Спасовски. На 04.02.2023 година, во истиот манастир, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а со благослов на Митрополитот Тимотеј, еромонахот Никодим се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.


Еромонах Никодим (Паскали)

Тимотее, чедо возљубено,

од Павле апостолот на Христа Исуса

преку Божјата волја…

Високопреосвештени Владико и Оче наш, чесни во Христа презвитери, браќа и сестри во Христа Господа!

Вака почнува да говори великиот Павле, апостолот на народите, во неговото второ послание до Тимотеја, повикувајќи ја благодатта на Бога, на кого Му служи и го познава како и неговите предци.

Пишувајќи го ова послание, како и првото, му се обраќа на своето возљубено чедо Тимотеја, на кого се присетува секојдневно во своите молитви, дење и ноќе сеќавајќи се на солзите на својот омилен ученик, солзите на достоинството кое му било укажано, на неискажаната благодарност и искрената радост кои непрестано ја растат љубовната желба внатре во срцето на Павле за да се сретнат повторно учителот и ученикот. Понатака во Посланието му го спомнува и семејството -облечено во живата вера, во верата на распнатиот и воскреснатиот Христос, од каде што јасно се гледа дека Павле е мошне уверен во својот ученик, дека и тој во длабочините на своето духовно срце го има истото сеќавање на Христовото распетие, истиот пламен на Христовото Воскресение и истата надеж на Христовото Второ пришествие. Та затоа Павле трогнат од неговата нелицемерна вера, не штедејќи зборови, говорејќи во Духот Свети со искрена надеж во претстоечката мисија на својот возљубен ученик, апостолот Тимотеј.

Со ваквата силна увереност, му потенцира за дарот кој го прими од Бога, преку полагањето на неговите рацете, да го усовршува и умножува, та од тие дарови да се родат достојни плодови, полни со храброст, трезвеноумие и љубов пројавени во силата Христова. Продолжувајќи го своето четиво, Павле му потенцира дека Христос не ни даде дух на страв и подлост, но дух и сила на сведоштво и на мачеништво. Страдањето и мачеништвото заради евангелието Христово, според Павле означуваат спасение и победа. Преку човечката телесна слабост секој проповедник, секој апостол и секој брат во Христа ставува храбар во духот преку благодатта Христова.

Со полно право можеме да кажеме дека и во двете посланија на Павле до Тимотеја е видлива големата и неуморна грижа на Учителот кон ученикот, на духовниот отец кон духовното чедо, која е испишана со зборови испреплетени со синовска љубов и одданост, на Тимотеја кон својот учител, апостолот Павле.

Таа љубов да ја земеме како почетна водителка за да си спомнеме за сечесниот именден на нашиот многупочитуван Владика и старец во Христа Господа.

Да прословиме како духовни чеда кон духовниот отец, заменувајќи ги улогите на апостолскиот текст. Не како Советници, но како советувани, не како Учители, но како ученици, не како Проповедници, туку како слушатели на словото, не како водачи, туку како послушници, не со гордост, туку со смирение…. Од чувство на смирение и љубов примивме од Вашите чесни раце хиротонија на свештенството како што апостол Тимотеј прими од Павле. Апостолот Тимотеј беше ученик на Павле, а ние сме ученици на Тимотеја – нашиот Високопреосвештен Владика и Отец.

Со молитви и химни, со почит и смирение го празнуваме именденот на првиот меѓу нас, на првиот на нашата локална црква. Тој е оној кој е печат и икона Христова, и во кое име ги извршуваме сите свети таинства во Црквата Христова и одиме по патот на свештенството во служба Божја и на народот. Тој е истиот оној кој го држи единството на Црквата, ги исцртува нејзините границите и ја води во сигурно спасоносно исполнение.

Како ќе беше ако го имавме одговорот на Тимотеја кон Павле? Сигурно ќе беше еден одговор полн со зборови на почит и благодарност.

Да се потрудиме браќа и сестри, сиот клир и народот Божији, царското свештенство како уште го нарекува светиот апостол Павле, да станеме достојни чеда на нашиот Владика и Отец, водени од неговата светла појава помеѓу нас и да земеме пример од неговиот живот кој е исполнет со духот на храброста и трезвеноумието, на љубовта и на силата Христова, та исполнувајќи го сиот Божествен домострој на Црквата Христова, под неговиот свет омофор да станеме достојни причесници на вечните и идни блага.

Високопреосвештени наш Архиереју на Богоспасуваната ни епархија, по повод вашиот именден од се срце Ви посакуваме Семилостивиот Бог да Ве исполни со добро здравје, со телесни и душевни сили, со љубов, со радост и со долголетие за да продолжете да и служете со истиот подвиг на оваа Свештена епархија.

На многаја лета свет владико!

04.02.2023 година

Св. ап. Тимотеј

ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ Плаошник, Охрид

Преземено од: Дебарско-кичевска епархија


Братството на Свештената Бигорска Обител, возглавено од својот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, и сестринствата од Манастирите Рајчица, Пречиста и Кнежино, срдечно му го честитаат именденот на својот сакан и почитуван надлежен архипастир, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски, со благопожелби и молитви за добро здравје, духовни сили и просветление!

Честит именден, Владико свети и апостолскиот благослов на Свети Тимотеј нека почива врз Вашата богољубива душа! Нека ви се годините многубројни, крепки и плодоносни!