Посета на Вселенскиот Патријарх во Светата Гора Атонска

Извор:

Во сослужение на 11 игумени денеска наутро се изврши Света Патријаршиска Литургија во сечесниот храм на Протатонот на Света Гора. Во меѓувреме Претстојателот на Православието испрати силни пораки во и надвор од Атонската држава.


Гласна порака на Патријархот Вартоломеј до монасите.

„Монасите не се над Црквата или паралелни на Црквата, туку се во Црквата, внатре во Црквата и тоа како нејзин избран собир“ – нагласи Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, за време на посетата на Светогорскиот манастир Каракал, повикувајќи ги монасите да ги чуваат „основните и непобитни вистини“ на апостолското учење против „искушенијата“ и „гласовите“ кои водат во спротивна насока од потребното единство и функционалност на Црквата.

„За жал, од два поводи, како на пример доделувањето на автокефалија на Црквата на Украина и пандемијата од Корона вирусот, се слушаат гласови – со тага и огорченост кажувам – и од монашките кругови кои ја негираат и рушат целата света и духообразна структура на Црквата“ – наведува г. Вартоломеј.

И додаде дека тие „гласови нанесуваат навреди и клевети против Црквата, особено против Мајката – Великата Христова Црква“, а изразувајќи ја својата тага за тоа, нагласи: „Монаштвото е црковно, а не приватно. Во Црквата не се спасуваме сами. Преданието и делата на Источната Православна Црква на таа тема се соборни, инаку запаѓаме во заблудена еклисиологија“.

„Оние што со распуштеност поучуваат спротивно на она што Црквата со страв Божји, вера и љубов, благоразумност, молитва, просвештение и многу труд и грижа одлучува и прави, си преземаат тешка одговорност“ – нагласи Вселенскиот Патријарх и додаде: „Имајте доверба во Црквата. Духот Свети го збира соборот на Црквата и ја води во секоја Вистина“.

Патријархот Вартоломеј објасни дека Црквата претставува, согласно апостолското учење, тело Христово „односно, збир и организам целосен и неделив, во кој членовите е невозможно да постојат разделени едни од други и засебно, бидејќи со Своите членови управува и раководи Исус Христос“.

„Секоја отстапка од апостолското учење претставува опасност за искривување на Православната еклисиологија – не треба да забораваме дека сите ереси започнуваат од една погрешна еклисиологија. Изопачена и искривена еклисиологија е, во крајна анализа, отпадната од догматско учење за Христа, односно ерес“ – забележа Вселенскиот Патријарх.

Неговата Сесветост подвлече, исто така, дека врската на Вселенската Патријаршија со Света Гора е „онтолошка“ и „црковна“ и дека споменувањето на Вселенскиот Патријарх претставува потврда на тоа единство и функционалност на Црквата, од која зависат монасите, додека, пак, и најмалата отстапка од „таа хармонија и спој“ води во „самопобивање“ на монаштвото.

„Чинот на споменување на Патријархот со она најпростото и општо Помеѓу првите спомни си, Господи, за архиепископот наш… се објавува непрестајно дека епископ на тоа место (на Света Гора) е, отсекогаш, Архиепископот на Константинопол, за да се сочува единството и функционалноста на телото Христово, односно Црквата“ – потенцира г. Вартоломеј и надополнува: „Харизматичниот монашки ред ни малку не се исклучува од тоа литургиско единство на телото, зашто и најмалото отклонување од таа хармонија и спој, би претставувал самопобивање на монаштвото“.

Вселенскиот Патријарх нагласи дека „опасностите и искушенијата за монахот се многу“, „за да го натоварат со одговорности спротивни на неговата посветеност на Христа“ и подвлече дека ,,занимавањето на монасите со поодделни црковни случувања, без повиканост од месниот епископ и тоа интензивно и топло, е за осудување“, бидејќи е можно да доведе до „проблеми, кризи, критики, немири и поделености“.    

„Не е работа на монахот паралелното да дејствува од локалната црква. Монахот го учи, просветува, осветува своето опкружување со неговиот доследен живот преку борбата, покајанието, солзите, подвигот, тихувањето, повлеченоста, непрестајната молитва“ – наведува карактеристично.

Вселенскиот Патријарх во продолжение ја посети Великата Лавра и во Саботата вечер, враќајќи се кон Кареа седна на трпеза со учениците и учителите во Атонската Академија.

Кај Пресвета Богородица Портаитиса во Обителта Ивирон

Молитви за мир во светот, а особено за мир во Украина упати Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, по завршувањето на Божествената Литургија, на која претстоеше, во параклисот на Пресвета Богородица Портаитиса, во Обителта Ивирон, на Света Гора, каде се наоѓа на посета. Вселенскиот Патријарх принесе на дар едно кандило „за да гори пред нејзината чесна икона за мир во целиот свет, а особено за страдалната Украина“. Исто така и својата енколпија ја посвети на иконата на Пресветата.

Патријаршиската Божествена Литургија ја следеше потпретседателот на владата Панајотис Пикраменос, кој во своите изјави ги изрази своите чувства за неговата посета на Света Гора и неговата радост од средбата со Вселенскиот Патријарх: „Со голема трогнатост се наоѓам повторно на свештената земја на Света Гора, во градината на Пресветата и по повод навршувањето на триесетгодишнината од востоличувањето на Вселенскиот Патријарх на Вселенскиот трон“ – изјави г. Пикраменос и додаде: „Имавме можност да размениме мислења и да ги слушнам неговите размислувања за движењето на Грција, на Вселенската Патријаршија и за сите проблеми со кои треба да се справиме во ова време, во новата епоха“. „Би сакал да ја нагласам, исто така, големата заинтересираност што ја има владата за сите проблеми со кои се соочува Свештената Заедница(Кинотита) на Света Гора и овде сум за да ги слушнам старците, нивните барања, па да видиме да ги решиме“ – додаде потпретседателот на владата.

„Молитвите на Вселенскиот Патријарх ја раководат целината на Православниот свет и сите нас во овие тешки времиња со големи предизвици“ – изјави од своја страна пратеникот на Неа Димократиа, претставник на претседателот на парламентот, Јоргос Кумуцакос и додаде: „Неговото слово е оаза и насока кон нешто подобро, за една подобра иднина“.     

„Голема чест е и радост што се наоѓаме за време на посетата на Вселенскиот Патријарх на Света Гора“ – изјави пратеникот од Сириза, Јанис Аманатидис, и подвлече: „Во оваа тешка прилика, неговите зборови, неговите поуки продолжуваат, не само да се актуелни, туку и да даваат решенија на тешките проблеми со коишто се соочуваме сите како човештво“.