KАKО СЕ ВОСПОСТАВУВАЛА СРПСKАТА ЦРKОВНА ВЛАСТ ВО МАKЕДОНИЈА ПО БАЛKАНСKИТЕ ВОЈНИ
Свештеникот Овентиј Исаиев од Галичник за кој вчера пишуваше „Дневник“ не бил единствен кој во перидот по Балканските и Првата светска војна во 1918 година настрадал од новата српска власт во Македонија, туку таквата судбина им се случила уште на повеќе други македонски свештеници што дејствувале во познати манастирски центри.
Најмалку пет други монаси и свештеници биле убиени во тој период бидејќи продолжиле да работат за македонските национални интереси наспроти српските обиди за денационализација на македонскиот народ.
Истражувањата што досега ги спровеле монасите од Бигорскиот манастир покажуваат дека овие монаси и свештеници отпорот кон новата српска власт почнале да даваат преку неспоменувањето на името на тогашниот српски епископ, а потоа и патријарх Варнава. Ова прво му се случило во 1912 година, веднаш по Првата балканска војна на тогашниот игумен на Бигорскиот манастир јеромонахот Партениј.
– Откако тој дал таква наредба на монасите во манастирот, следела и одмазда на власта. Српски офицери заедно со еден полициски службеник го прогониле игуменот Партениј од манастирот. За тоа сведочи и записот на тогашниот дебарски митрополит Kозма. Неколку години подоцна, во 1918 година, овој игумен бил ѕверски убиен откако, по нарачка на српските власти, една разбојничка банда го пресретнала на некој мост на река Радика. Разбојниците го исекле на парчиња и потоа го фрлиле во реката – наведуваат до Бигорскиот манастир.
Слична маченичка смрт му се случила и на велешкиот свештеник Иван Аврамов Чупаров, кој е роден во селото Папрадиште, а во јуни 1913 година бил исечен и фрлен во реката Вардар. Причината за тоа било фактот што новата српска пропаганда во регионот на Азот, во централниот дел на Македонија, во него имала најголем противник. Имало повеќе обиди и закани тој да прифати да се стави во служба на српските интереси, но секогаш одбивал. Меѓу населението од овој велешки крај останала приказната во која свештеникот Иван бил заробен од српскиот пропагандист Глигор Соколов и мачен за да прифати да биде агент на пропаганда. Бил жив закопан во земја при што само главата му била оставена надвор. Но, и покрај ова, поп Иван одговорил дека „во Белград може да ги испратат само неговите коски за да покажат дека е вистински Србин“. По инсистирањето на локалното население кое стравувало од одмазда на Мијаците од Папрадиште, тој тогаш бил поштеден. Продолжил да дејствува за македонските интереси, но во 1913 година бил убиен.
Во тој период, меѓу 1912 и 1915 година трагична судбина доживеале и монасите од славното кичевско светилиште „Пресвета Богородица – Kичевска“, игуменот јеромонахот Софрониј и јеромонахот Теофан, кој во тој период таму бил калуѓер.
– При воспоставувањето на српската власт во Kичевско тие со многу други видни граѓани од Kичево одбиле да ја потпишат декларацијата што им била дадена од новата власт, дека се по потекло Срби. И двајцата монаси на измама биле изнесени од манастирот со образложение дека ги викаат властите во Дебар, по што и двајцата биле застрелани. Свештеникот Георги Поп Христов, пак, бил распнат како Исус Христос на крст, каде што и умрел, а од двете страни биле распнати и двајца негови другари – наведуваат од бигорското светилиште.
Истражувањата покажале дека маченичка смрт во 1917 година доживеал и архијерејски намесник за Галичник, Павел Теодосиев. Тој прво бил тепан со торби со песок, а потоа интерниран во Скопје каде што во затворот умрел од маките бидејќи не сакал да го споменува името на српскиот крал и на патријархот. Слично, дури и погрозно убиство му се случило и на свештеникот Апостол Миронов од с. Тресонче кого го извлекле ноќе од неговиот дом, го одвлекле во блиската гора, му го искршиле черепот и го обезличиле.
Автор: Бранко Ѓорѓевски