Заврши еднонеделната практична веронаука во Бигорски и Рајчица за четириесетина деца

Четириесетина ученици од центарот за православна христијанска веронаука„Свети Јован Богослов“ од Битола, на возраст од единаесет до седумнаесет години, беа на еднонеделна практична веронаука во познатите македонски древни светилишта „Свети Јован Крстител“ – Бигроски и „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица.

-Во неколкуте изминати дена, исполнети со радост и веселие, децата имаа можност преку опит добро да се запознаат со животот во манастирот, ги посетуваа светите богослужби, работеа на разни послушанија заедно со монасите и монахињите, ги збогатуваа своите знаења за нашата праволавна вера на редовните часови по веронаука. Најважната лекција која ја слушаа и видоа, сепак беше онаа за љубовта:единствениот јазик со кој можат да се разберат со сите луѓе и народи е токму јазикот на љубовта, – вели отец Кирил од бигорското братство, потсетувајќи на мудратаизрека:Зрно добро искуство во детството, вреди многу повеќе отколку курс по морал во дваесеттите.
Радоста која се отсликуваше на детските лица, љубовта што ја ширеа насекаде е најсилното сведоштво за нивното задоволство од срдечниот и гостопримлив престој во двата манастира. Потврда е и напишаното од дванесет годишната Валдета, која е од исламска религија.

„Мили сестри и отец Партениј! Јас сум од друга религија, но многу ми се допадна пеењето на црковни песни и обредите во црквата. Од нив научив да ширам мир и љубов кон сите мои другарчиња, иако се од друга религија. Вие бевте добри кон нас. Ве сакам“, -напишала Валдета.

Инаку, оваа неколкудневна школа во Бигорски и во Рајчица е дел од програмата ма Бигорскиот скит „Св. Кирил и Методиј“ во долнореканското село Битуше, каде се планира одржување на вакви летни катихетски кампови.

Киро Кипровски

Вера Тодоровска, Тирана

Известувач за Дневник, Фото и текст