Монашко поклонение во Светата Земја (трет дел)

Со Христа низ Via Dolorosa до Голгота и Воскресението – III дел

 

Via Dolorosa, или „Пат на болката“. Пат, што секој побожен поклоник молитвено го поминува, обидувајќи се колку што може повеќе да се соживее со страдањата што тогаш ги претрпувал нашиот Господ. И покрај тоа што речиси две илјади години нè делат од тој трогателен настан, сепак, чиниш на оваа древна улица не се сменило скоро ништо. Во она време толпата вревела, се нафрлала, Го удирала изранетиот Христос, Кој полека чекорел истоштен од преголемиот напор и наведнат под неподносливата тежина на Својот Крст. И сега е присутна тука вревата од бројните дуќанџии и трговци, но тоа ни малку не ја намалува светоста на оваа камена калдрма, ниту го одвлекува вниманието од она место, кон кое беа вперени нашите погледи – двете куполи од храмот на Воскресението што се наѕираа меѓу високите ѕидови, и каде што беа насочени сите наши молитви, копнежи и очекувања.

Натпис за улицата

 

За оној којшто сака со скрушено срце и молитвено настроение да ги помине овие 600 метри од Крстниот вход, потсетници на патот има многу. Нашето патување по Via Dolorosa, започна кај таканаречената „Овча порта“, во близина на бањата Витезда, каде долго време стоело дрвото од кое подоцна бил направен Христовиот Крст. Првиот потсетник на кој наидовме, беше местото наречено „Литостротос“, по еврејски „Гавата“, што во тоа време ја претставувало Пилатовата судница. Оние скали што воделе до судницата, побожната царица Елена ги зела и со голема љубов ги пренела во Рим, каде и денес се наоѓаат во храмот наречен „Санта скала“. Само неколку метри потаму, наидовме на една потресна глетка – зачуваното место на римскиот затвор, каде што нашиот Спасител бил окован во пранги, понижуван, и камшикуван, каде примил трнов венец и трпел секакво страдање од суровите војници. Погледот кон сè уште присутните отвори, во кои некогаш стоеле окованите нозе Христови, бескрајно ги трогна нашите срца и мисловно нè пренесе во времето на таа страшна сцена. Она што следеше после ни ја донесе пред очите мајчинската болка, зашто тука, на таа следна станица од патот, Пресветата Богородица за последен пат се допрела до својот сакан Син, сакајќи некако да Му ги олесни страдањата, иако и нејзиното срце се раскинувало од болка. Чекорејќи во молитвена тишина, полека стигнавме и до местото каде нашиот Господ попуштил под тежината на Крстот и бил повикан благодушниот Симон Киринеец, да го понесе до Голгота Христовиот Крст. Местото е обележано со една вдлабнатина, за која се верува дека останала како трага од Христовата рака што се допрела до ѕидот. И следното место на патот си има свој белег – мал, полуиздигнат цилиндричен столб во ѕидот, каде храбрата и многу побожна Вероника, и покрај забраната од војниците, сепак, Му пристапила на Христа и со крпа го избришала Неговото раскрвавено лице. Христовиот лик детално се отпечатил на нејзината крпа и подоцна оваа светиња била однесена во Рим, каде послужила за исцеление на Императорот Тибериј. Додека во мислите созерцававме за сите тие единствени настани, се најдовме пред вратите на Александриското Подворје, или таканаречените „Судни врати“. Всушност, ова било последното место каде осудениот на смрт можел да биде помилуван. Доволно било, уште пред да се поминат овие последни порти, некој гласно да ја објави неговата невиност и да даде добро образложение за тоа. Но фарисеите, дишејќи со злоба против Христа, воопшто не допуштиле такво нешто. Поминувајќи ги портите, Спасителот наш се нашол на прагот на Голгота. Последните чекори до Неговото ужасно Крстно страдање се опфатени во периметрите на Храмот на Воскресението, за кој царицата Елена внимателно се погрижила да ги опфати во себе сите најсвети места, поврзани со Христовата страдална смрт.

 

(Забелешка: За дополнителни објаснувања околу фотографиите низ галеријата, вклучете го копчето за информации како што е прикажано на сликата )

 

 

Храмот на Воскресението бил граден едно цело десетлетие и најпосле благоверните Константин и Елена го осветиле на 13 септември 335 год. Во VII век со наездата на Персијците за прв пат бил запален, а од тогаш во многу наврати е напаѓан и пален, за најпосле во 1009 год. да биде потполно разорен од страна на калифот ал-Хаким. Дури во 1048 година, Византискиот Император Константин IX Мономах, успеал да го возобнови до некаде храмот што го изградиле Светите Константин и Елена, а во XII век тој би надграден од страна на Крстоносците. Од тогаш храмот поминал низ повеќе реставрации, за најпосле да го добие денешниот лик. Многу патеписци, архитекти, научници и експерти, пишувале за овој единствен и велелепен Храм, истакнувајќи ја пред сѐ неговата уметничка вредност, импозантност, неговата неповторлива архитектура, но вистинскиот поклоник, во своето срце знае дека сите тие нешта се само една рамка, една убава фасада, која го крие во себе вистинското богатство. За нас тоа богатство беше присуството Христово, што така силно се чувствува овде, но сепак, неиздржливо моќно блика од местото на Неговото распетие и на Неговото погребение, кое за сите нас е извор на живот и вечна радост.

Поглед кон предниот дел на Храмот

 

Уште на самиот влез во храмот ја почувствувавме Христовата благодатна сила. Крај вратата, на столбот од левата страна, стои непобитен доказ за таа неискажлива сила – подгорена пукнатина во масивниот мермерен столб, каде во еден миг, тука моќно избил Благодатниот оган, за противно на сите очекувања на тогашните присутни во храмот, да му го запали снопчето свеќи на православниот патријарх, кој во таа прилика бесправно бил протеран надвор. Побожно го целиваме напукнатиот столб, чекор, два и веќе сме внатре. Пред нас се простира глетка на мноштво поклоници, наведнати во длабок поклон пред таканаречената „Плоча на миропомазанието“. Оваа древна, камена и на места поткршена и напукната плоча е местото каде Благообразниот Јосиф, заедно со другиот таен  ученик Никодим, го помазале со мириси Христовото упокоено тело. И денес верните, во спомен на тој настан, со молитвена почит и скрушеност се допираат до оваа, од телото Христово осветена плоча, излевајќи на неа благопријатни аромати, кои уште повеќе го збогатуваат благоуханието што веќе се шири насекаде наоколу, зашто и на самата плоча честопати се јавува обилно мироточење. На неколку чекори од оваа светиња, со мал бел балдахин беше обележано местото каде стоела Пресветата Богородица, додека го гледала доброволното крстно страдање на својот Син, што како меч ја прободувало нејзината душа. Стоевме и ние сега на тоа исто место, исполнети со преголема љубов, почит и сострадалност кон Онаа, чијашто неопислива болка во тие тешки мигови не можевме ни да ја замислиме. 

 

Веќе следниот момент водичот нè поведе надолу по скалите, кон местото каде по долго и упорно трагање, светата царица Елена го пронашла Чесниот Крст. Со длабоко трогнати срца слегуваме во најдолните нивоа на храмот, каде сега се наоѓа еден мал храм посветен на тој, за нашата вера толку суштински настан. Внатре, покрај извајаната фигура на благоверната царица со пронајдениот Крст во рацете, што се наоѓа во олтарниот дел, со посебна плоча е обележано и самото место на пронаоѓањето. За нас навистина единствена и голема чест – со радост се поклонуваме на местото од каде беше извадено и високо издигнато оружјето на нашето спасение и победа, молитвено спомнувајќи си и ублажувајќи ја големата ревнителка за тоа дело, светата Елена.

На враќање од таму, уште еден силен бран на чувства ја пронижува нашата душа – пред нас се исправа мал сочуван дел од столбот, на кој човекољубивиот наш Господ долготрпеливо ги поднесувал ударите на камшиците, што безмилосно го ранувале Неговото тело. А таму некаде под Голгота, со страв Божји застануваме пред карпата, каде крвта Христова што се излеала од Крстот, го натопила черепот Адамов, кој бил погребан тука, проштевајќи го така неговиот грев. Велат дека тој црвеникав слој што и денес се гледа на делот од голготската карпа е всушност излеаната Христова крв. Каква неискажлива љубов на премилостивиот наш Бог, Кој си спомна за Своето грешно создание!

 

Патот сега полека нè води кон Голгота. Додека со крстови во рацете постепено ги искачуваме тие спирално извиткани и тесни скали, во нас се буди нешто многу силно. Наеднаш до болка стануваме свесни за тоа дека Христовото Распетие сè уште трае, дека Он одново и одново е распнуван, и дека во тоа голем удел имаме јас, ти, и сите наши гревови и слабости. Редицата пред Крстот чиниш нема крај, но тоа како воопшто да не ѝ пречи на душата, која со разбудено покајание си спомнува за својата бедна гревовна состојба и моли, Го смилостивува Предобриот Господ да погледне на неа и да ја очисти, да ја преобрази со својата благодатна сила. Тука, пред оваа впечатлива сцена на Распнатиот на крст Христос, секое срце попушта, па и најкаменото, и гледаш како лицата на сите околу тебе стануваат благи, мили, оросени со покајни солзи. Овие солзи, поткрепени со скрушена молитва и допирот со вера до автентичниот камен на Голгота, што стои под Распетието, имаат голема очистителна сила. Наеднаш како голем товар да се симнува од плеќите, како полниот со љубов Христос да ти ги зел сите тежини, болката престанува. Со радосно чувство во срцето дека Бог ќе ги услиши нашите молитви, слегуваме кон Пресветиот Гроб.

 

Кувуклијата на Христовиот Гроб. Не можеме да го сокриеме восхитот пред оваа толку посебна и импозантно висока градба, која се издигнува сè до огромната купола со ѕвездест свод. Тука во овој своевиден храм се сместени две простории – предворјето на Гробот, каде е изложен остатокот од некогаш тешката масивна карпа што го затворала влезот во пештерата, и која била отфрлена од Христовата сила во мигот на Воскресението, и малата тесна просторија со автентичниот камен одар, на кој било положено Господовото мртво тело. Тоа е една навистина голема светиња, од каде се излева огромна благодат. Редицата овде е дури и подолга. Поклоници од секаде – Индија, Кина, Малезија, Нов Зеланд, Америка, Русија, Романија, Австралија, Филипини – и сите нив тука ги донела една иста обединувачка сила: љубовта кон Оној, Кој прв нѐ возљуби и ни подари спасение и вечен живот. Прекрасно е чувството во душата додека слушаш како на разни јазици се слави Бог и Неговото светло Воскресение. Така редицата поспокојно се движи кон Гробот, а радоста во срцето сè повеќе се зголемува. Монасите од Обителта Чувари на Гробот, иако беше веќе многу доцна, грижливо и со љубов се трудеа секој од огромното мноштво поклоници во редот да има можност да се поклони пред светињата. По подолго чекање најпосле и ние се удостоивме да се допреме до гробната плоча. Момент посебен за душата, момент во кој сте присутни само ти и Бог и онаа несфатлива љубов што ја чувствуваш, додека го допираш тој камен одар, од каде извира Неговата животворна сила. И те оживотворува. Каква прекрасна е таа заедница на душата со Бога и колку убаво беше да се гледаат озарените и преобразени ликови на сите што излегуваа од Пресветиот Христов Гроб.

 

Ваквото длабоко доживување што тогаш го понесовме со себе, уште повеќе се разгоре во нас за време на полноќната Божествена Литургија, која во таа прилика се служеше во самиот Христов Гроб. И повторно имавме можност да го видиме единството во Христа: православни од сите земји стоеја во молитвена тишина пред, од сјајот на кандилата осветлената Кувуклија, додека псалтите и свештениците на различни јазици ја вршеа оваа толку благодатна и за нас досега недоживеана света богослужба. Бевме занемени пред неискажливата Божја милост, која најпрво нè донесе во Својот свет Град, ни ги отвори најголемите свои светињи, а сега нè удостои, заедно со сите присутни, како дел од Неговото големо семејство, да му го принесеме и својот скромен удел во овој богат литургиски принос.

 

 

(Продолжува…)