Недела на раслабениот

Во четвртата недела по Пасха светата Црква Христова го поставила за спомен прекрасниот настан со чудото, што нашиот Господ Исус Христос го извршил со раслабениот во бањата Витезда. Всушност, на еден симболичен начин, оваа недела е посветена на сите нас, духовно раслабените. Зашто, кој од нас би можел да се пофали дека е вистински силен, целосен, здрав, праведен, исполнителен во однос на Христовите заповеди за љубовта и проштевањето? Да слушнеме што вели еден од најголемите проповедници на Словото Божјо, Божествениот Апостол Павле: Затоа со многу поголема радост ќе се фалам со своите слабости за да се всели во мене силата Христова. Затоа уживам во слабости, во навредување, во маки, во прогонување, во тага за Христос, зашто кога сум слаб, тогаш сум силен (2. Кор. 12,9-10). Да се радуваме и да благодариме што Господ дојде во светот да ги спаси раслабените, среде кои сме и ние!

И така, ние слабите и бедни по духот на Христовото човекољубиво Откровение и милост, монасите на Свештената Бигорска Обител, со бројното мноштво притекнати верници, го прославивме ова Божествено и сеспасително дело на нашиот премилостив Господ со молитвено и благодарствено, свето богослужение, во кое, како што налага црковниот типик, предимство имаше сеславното Христово Воскресение.

Посебна, пак, беше нашата радост што во овој радосен пасхален период, споменот за Христовото чудо со раслабениот, го сподели со нас и министерот за култура на Република Македонија, г. Роберт Алаѓозоски, кој беше наш драг гостин овој викенд со своето благочестиво семејство. Освен со богослужбениот ред, министерот со своите домашни, гостољубиво пречекани од нашиот Старец, Архимандрит Партениј и монашкото братство, имаа можност да се запознаат и со содржините и мисијата на нашата Свештена Обител. При посетата беше разговарано, исто така, и за претстојната илјадагодишнина на Бигорскиот Манастир, како и за подготвителните активности за неа, меѓу кои и обновата на ѕидниот живопис во големата трпезарија.

Душата моја од секакви гревови и лоши дела луто раслабена, подигни ја, Господи, со Твоето Божествено претстателство, како што порано си го подигнал раслабениот, за спасен да ти повикувам: Добар Христе, слава на власта Твоја.