3085

Монашко поклонение во Светата Земја (втор дел)

По стапките на Христа во Галилеја – II дел

 

Светиот Град Ерусалим – место со посебна вредност запечатено во неколку илјади години старата историја на Божјото Откровение, но и место надвор од времето, зашто дише со здивот на вечноста. Овде се вкрстуваат патиштата на сите поклоници од секаде низ светот. Во оваа духовна престолнина на избраниот Божји народ, Израилците го виделе најсилниот изблик на славата, кога Градот блескал со велелепниот Соломонов храм, но тука дошла до израз и најголемата човечка злоба, кога фарисеите и нивните следбеници не си Го препознаа својот Месија во личноста на Синот Божји и Син Човечки, Христос, туку Го предадоа на распетие. За нас, поклониците, Градот не е само место на болка, иако ни се дава непосредно да ги почувствуваме Христовите Голготски страдања, нè поттикнува на плач и покајание заради злото во нас, заради гревот со кој не можеме, или повеќе не сакаме да се избориме, иако токму затоа пострада нашиот Господ, туку многу повеќе е место на најголема надеж и победа, оти силно, многу посилно провејува чувството дека Он навистина Воскресна и еднаш засекогаш го победи злото и сега Неговиот Гроб што се наоѓа тука, не е веќе тажна слика на смртта, туку силен извор на светлина, која нè осветлува со зраците на Воскресението, будејќи неминлива радост во нас. Колку преблагословено е ова од Бога избрано парче земја, кое се удостои да се натопи со спасителната крв на Јагнето Божјо, што се пролеа за мене, за тебе и за сите нас, и се освети од тридневното Негово пребивање во Гробот!

Панорама на Ерусалим

 

Обземени со сите овие испреплетени мисли и чувства, го започнавме своето мисловно и молитвено враќање кон историјата, чекорејќи по тесните ерусалимски улици, низ камените сводови и високите древни куќи со живописна архитектура, многу често над вратата украсени со врежаниот лик на Св. Георгиј, како израз на силната христијанска вера на нивните сопственици. Нашата прва цел беше асирскиот храм посветен на св. апостол Марко, местото каде, според мислењето на некои научници, се наоѓала куќата на апостолот и каде наводно се случила Тајната Вечера. Мало светилиште со таинствена одаја во подземјето, а тука со камен престол обележано место на овој таинствен спасителен настан – навистина тоа беше достоен амбиент, за тука одново низ устата на нашиот Старец, милозливо да прозвучат евангелските зборови за Христовата Тајна Вечера. Сепак тоа не е единственото место за кое се смета дека се случил овој суштински важен настан. Поголемиот број научници, а и светата царица Елена, Тајната Вечера ја лоцираат на едно друго, многу поверојатно место. Нешто понатаму, следејќи една тесна уличка, нашиот добар и искусен водич од Петроград, Екатерина нѐ доведе до влезот на ерменскиот храм посветен на св. апостол Јаков, кој пострадал маченички со отсекување на главата, и подоцна Пресветата Богомајка ја положила во гроб неговата света глава токму на ова место.

 

(Забелешка: За дополнителни објаснувања околу фотографиите низ галеријата, вклучете го копчето за информации како што е прикажано на сликата )

 

 

Силно сведоштво за еден нераскинлив сплет на древната израилска историја со новозаветната, беше местото каде, според некои, бил погребан пророкот Давид, и над кое, како што спомнавме претходно, со силната вера и огнена ревност, царица Елена се погрижила да издигне чудесно убава базилика на Сион, оти таа, откако внимателно испитала сè, нашла дека токму таа мистична одаја над Давидовиот гроб е онаа позната Сионска Горница и автентичното место на Тајна Вечера, каде подоцна, врз собраните апостоли на Педесетница слегол Духот во вид на огнени јазици и благодатно ни се родила Црквата. Во тешките години претворена во џамија, сега оваа светиња е само еден празен историски музеј, со неколку украсени мермерни столбови и лакови и забрана за молитва. Но благодатта што и понатаму се чувствува на ова место не може да се затвори ни забрани.

 

Од висините на Сионската Горница тргнавме кон некогашниот дом на светиот апостол Јован Богослов, што сега е темел на католичкиот храм посветен на Успението Богородично. Таму во неговите пазуви е местото каде Пресветата Владичица наша, откако за последен пат ги видела апостолите, што по нејзина желба, носени на ангели, дошле од цел свет, мирно ја предала душата во рацете на својот сакан Син и Бог. И како што тогаш апостолскиот собор, носејќи го на раце нејзиното благоухано тело, свечено го врвел патот кон семејната гробница во Гетсиманската градина, така и ние со молитвена собраност се упативме до местото каде три дена пребивало Богородичното пречисто тело. Православниот храм наречен „Гробот на Божјата Мајка“, покрај местото на нејзиниот празен гроб, во себе ги крие гробниците на светите Јоаким и Ана, и надалеку познатата Ерусалимска икона на Пресветата Богомајка.

 

Но Гетсиманија чува и еден друг скапоцен спомен, една голема и многу благодатна светиња, осветена од усрдната молитва на нашиот Господ Христос – автентичното камено тло на кое Он некогаш, соочен со ужасот на претстојните страдања, ја пролевал потта Своја како капки крв. Храмот што е изграден на ова место е посветен на Христовата духовна борба и е наречен „Храм на сите народи“. Неопислива со зборови е благодатта што душата ја чувствува, кога со молитвен трепет ќе се допре до овој вековен сведок на таа силна Гетсиманска молитва. Сведочат за тоа време и древните маслинови дрвја, стари преку 2000 години, со своите необично извиткани стебла, небаре ја носат на себе тежината на вековите и на целиот тој простор му даваат архаична нота и чувство на учество во тој настан.

 

Тука нешто погоре, издигнат високо во сета своја убавина, е велелепниот руски манастир посветен на св. Марија Магдалина, кој со своите златни куполи во форма на солзи посебно го краси ерусалимското небо. Во ова рајско катче стои и изрезбан натпис што ги навраќа мислите кон онаа трогателна молитва, упатена од Христос во Гетсиманската градина и ја носи пораката што тогаш Он им ја кажал на своите апостоли, а која подеднакво се однесува на секој христијанин во денешно време: Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение. Овде секој агол ја сведочи Божјата слава – и разнобојните цветни градини, и интересно извитканите скали, а особено оној прекрасно живописан храм, во којшто покрај другите многубројни мошти се чуваат и нераспаднатите тела на светата кнегиња Елисавета Фјодоровна и нејзината верна соподвижничка, монахињата Варвара, кои маченички пострадале од безбожниот руски комунистички режим. Не случајно нивните мошти се овде. Уште како лутеранка и кнегиња во светот, на Елисавета ѝ била доволна само една посета на ова место за да ја открие убавината на православната вера и целиот свој живот да Му го посвети на Христа.

 

На патот кон Via Dolorosa, духовно се сретнавме и со првиот меѓу мачениците, св. архиѓакон Стефан, и се удостоивме да се поклониме на местото каде што се случил неговиот маченички крај. Тоа е еден мал храм посветен на Првомаченикот, во чиешто подземје се наоѓа карпата за која се верува дека е автентичното место каде бил каменуван св. Стефан.

Сите овие светињи ги подготвија нашите срца да зачекорат по славната уличка, по која некогаш, во Своите најголеми маки, чекорел нашиот Христос.

(Продолжува…)