Константинопол, Градот на Богомајката, окото на светот, престолнината на ромејската цивилизација, Новиот Рим, кој ја напои сета вселена со Божественото учење и спасителните догми и го просветли светот со премудрост вишна и земна, не престанува да блеска и денес со евангелската и духовна светлина, преку првопрестолната Мајка Црква, Вселенската Патријаршија. Од нејзиното седиште во Фенер, таа продолжува да свети како вистински фенер за целата православна екумена.
Токму од неа, од светата Константинополска Патријаршија, возглавена од мудриот Вселенски Патријарх, Неговата Сесветост, Архиепископот на Новиот Рим г. г. Вартоломеј, денес на нашата славна Охридска Архиепископија ѝ заблеска благословот на единството со сета полнота на едната, света, соборна и апостолска Црква.
Имено, попладнево во древниот и свет Патријаршиски, Ставропигијален Манастир на Пресвета Богородица, посветен на нејзиниот Живоносен Источник „Балаклија“, се одржа Вечерна богослужба по повод споменот на Светите Апостоли Вартоломеј и Варнава и празникот на иконата на Мајката Божја „Достојно ест“. Воедно на овој ден, Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. Вартоломеј го слави својот именден. Вечерната богослужба ја водеше Архимандритот г. Агатангел, а среде многуте присутни гости, црковни великодостојници, општественици и верници, притекнати за да му оддадат чест на Патријархот г. г. Вартоломеј, беше и нашиот Архиепископ, Неговото Блаженство г. Стефан, митрополитите г. Петар Преспаснко-пелагониски и г. Тимотеј Дебарско-кичевски и епископите г. Климент Хераклејски и нашиот Старец г. Партениј Антаниски.
На крајот од Вечерната богослужбата, Вселенскиот Патријархот г. г. Вартоломеј на Архиепископот г. Стефан, свечено му го предаде Патријаршискиот и Синодален Акт за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство, откако пред четири години нашиот Синод поднесе молба за апелација до Вселенската Патријаршија, како Првопрестолна Мајка Црква во Православието.
На ова сечесно торжество, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, во својот свештен и пригоден говор истакна:
Најсвештен Архиепископе Охридски, господине Стефане, со Вашата чесна придружба,
Сечесни претставници на братските Цркви на Ерусалим и Кипар,
Свештени и Богољубиви браќа Јерарси,
Чеда во Господа возљубени,
…Денес, браќа мои, кога наскоро ќе се исполни великиот ден на Педесетница, стаса и многукопнежниот час на решение за еден долг и болен раскол во Телото на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.
Денес помеѓу нас стојат овде, во сечесниот и севидлив Католикон на нашиот свет, патријаршиски и ставропигијален Манастир на Живоносниот Источник, Балаклија, Најсвештениот во Христа брат, Архиепископот Охридски г. Стефан и неговата чесна придружба, за да го примат од нашите раце Патријаршискиот и Синодален Акт за востановување на црковното општење на нивната Мајка, Великата Христова Црква со нив, а од неа и преку неа со останатите помесни, свети Божји Цркви, преку врската на љубовта, единството и евхаристиското зближување преку взаемна почит.
Денес станува голема радост на небото, зашто одамна скинатата риза на Господа се обновува, цела и неповредена, со иглата на Светиот Дух.
Денес мноштвата на Православните се радуваат за враќањето на христоносниот народ во прегратките на Мајката Црква.
Денес Константинополската Велика Христова Црква извикува радосно: – Дојдете и видете ја Мајката што се радува за своите чеда.
Денес се радуваат душите на овде покојните, секогаш спомнувани наши претходници Атинагора и Димитриј, бидејќи во Црквата на Небесата го уживаат овој миг, кој го очекуваа педесет и пет години.
Денес се уверуваме во точноста на нашата вера, зашто најјасно се покажува вредноста на црковната двонасочност и нераскинливата врска помеѓу нејзините Ороси и Канони.
Денес, значи, уште еднаш се покажува вредноста не само на Оросот на светиот Четврти вселенски собор во Халкидон, но и на каноните кои го запазуваат единството и целоста на Господовото Тело, преку поставувањето на тешки и свештени одговорности врз рамената на секој Архиепископ Константинополски. Се сеќаваме на зборовите што во врска со ова ни ги напиша Вашата љубов пред четири години: „оној што владее врз Седумридниот (Град) и ги надгледува над сите редовни и вонредни, свештени прашања на Соборната Црква“ (22 октомври 2018).
Одговорноста на Константинополскиот за Еклитон, на која се сетивте и Вие, Свети Охридски, во скорешното Ваше благодарствено писмо кон Вашата Мајка Црква, потпишано и од сите чесни Архиереи околу Вас, не претставува привилегија, но жртва и исцрпување, заради спасението на верните…
Свештенејши Архиепископе г. Стефане, Мајката Црква Константинополска болуваше, се молеше, долго трпеше, очекуваше, се надеваше, советуваше и се подготвуваше за наоѓање решение за проблемот што ја засегаше Вашата помесна Црква…
Ги разбираме вашите потешкотии, искрснатите дилеми, внатрешните соображенија, променливите различни мислења; но решенијата сакаат жртва и храброст. Така ја чувствуваме и радоста на сите вас за настанатиот развој. Од денес, кога добивате положба и служба во сесвештеното Тело на Црквата, се надеваме дека ќе се покажете еднакво достојни на благонаклонетоста на Великата Христова Црква кон вас…
Го благословуваме Народот на најсветата Архиепископија Охридска. Ја поздравуваме видливата, добра и братољубива расположба на најсветата Црква на Србија кон вас. Очекуваме и официјално известување од вас за напредокот на дијалогот помеѓу вас. На крај, ви го врачуваме востановителниот за црковното општење Патријаршиски и Синодален Акт и го претвкусуваме сослужението со вас на претстојната недела на Педесетница, а Бог на мирот нека биде со сите вас, амин (Рим. 15,33).
Неговото Блаженство, пак, Архиепископот г. Стефан во своето обраќање кон Вселенскиот Патријарх, меѓу другото, рече:
Сесвет и Божествен Архиепископе Константинополски, на Нов Рим и Вселенски Патријарх, г. г. Вартоломеј,
Со радосни срца и исполнети со восхит дојдовме во Царскиот град Константинов од древниот наш Охрид, кој, во своите славни години, имал 365 жртвеници, колку што се и деновите во годината…
Дојдовме при Вас, веруваме во исполнето време, време во кое Вие го слушнавте крикот на нашето срце и го почувствувате копнежот на нашите души! Дојдовме при Вас и сме многу радосни поради тоа. Дојдовме да го изразиме нашиот копнеж по Христа, кој, како православни Христијани, го имаме, и да ги изразиме почитта, честа и благодарноста пред Вашиот престол – да ги објавиме гласно, овде, од под куполата на Константинополската Црква, пред сечесниот Вселенски престол, нашата љубов кон целата Вселена.
Затоа, стоејќи денес пред Вас и со привилегијата да стоиме со Вас, дојдовме да Ви кажеме едно голема благодарам! Еве, токму во оваа благословена вечер, во која се собрани многу благодатни добрини: празникот на апостолите Вартоломеј и Варнава и соборот на првата светогорска икона „Достојно ест“; оваа ставропигија во која се наоѓаме и живата вода која се роди од Живоносниот источник; мртвите во гробовите и мртвите што воскреснавме; еклитонот кој кон Вас го упативме и преку чие оправдување нè прифативте во општење со Вас и со сиот православен свет; и Вие, Архиепископе Константинополски, Вашите привилегии и Вашето срце полно со љубов…
Патријаршискиот и Синодален Акт за нашето враќање од страдањето во осаменост е, а и ќе се погрижиме да биде темелот врз кој ќе ја изградиме нашата иднина – секогаш придржувајќи се на мудрите совети на Мајката Црква Константинополска, што се покажа и со исполнувањето на послушанието на кое нѐ упативте за надминување на недоразбирањата со сестринската Српска православна црква, кое се потврди со заедничките свети литургии.
Но, деветти мај за нас ќе остане ден на духовна и народна памет, ден на благодејание, ден на чест и спомен – духовен и народен празник.
На многаја лета, Ваша Сесветост! Вашите чеда од светата Охридска архиепископија, архиереите, клирот и народот, на чело со моето смирение, со преклонети колена за благодарност, признателност и почит, Ви посакуваме нашата Пресвета Владичица да Ви дарува уште многу години на кормилото на првопрестолната Цариградска Црква и на нејзиниот Град, за да се радува христоименитиот народ, та и ние со него да извикуваме: Ваков архиереј и ни требаше! Амин!
На многаја лета, Сесвет Владико!
Во продолжение, Блаженејшиот Архиепископ г. Стефан, во знак на благодарност отслужи Трисагија пред гробот на блаженоупокоениот Патријарх Димитриј, за сите покојни Цариградски пастири погребани на истите гробишта.