Посета на светогорскиот старец Вартоломеј, игумен на Манастирот Есфигмен

На наша голема радост, по Божјо благоволение и по благословот на Пресветата Царица Богородица, во нашата Свештена Обител за прв пат пристигна игуменот на светогорската Свештена Обител Есфигмен, Неговото Високопреподобие, Архимандрит г.  Вартоломеј, заедно со браќа монаси од својот манастир и во придружба на Високопреподобниот Архимандрит г. Никанор од манастирот на Светите Бесребреници во градот Перник. На свечениот и официјален манастирски пречек (иподохѝ), од страна на нашиот старец и игумен, Епископ г. Партениј Антаниски, на светогорскиот Старец му беше подарен архимандритски крст од илјадагодишниот јубилеј на Бигорската Обител. Според манастирскиот типик, ценетиот гостин и неговата придружба беа со песнопенија и ѕвона внесени во Претечевиот храм, каде што беше отслужено пригодно молитвословие. Нашиот старец, Епископот г. Партениј, го поздрави Архимандритот г. Вартоломеј со едно срдечно слово за добредојде, истакнувајќи го благоволението и љубовта на Игуменијата на Светата Гора Атонска, Пресветата Владичица Богородица. Имено, по примањето на нашата Црква во литургиско единство од страна Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, Пречистата силно нè зарадува преку доаѓањето на почитуваните браќа од Света Гора:

Ваше Високопреподобие и свет игумене,

Сегашниов благодатен настан за нас преставува една огромна радост, особено затоа што Вие сте првиот игумен од Света Гора кој доаѓа во официјална посета на нашиот манастир по прогласувањето на богслужбеното и канонско единство на нашата Црква од страна на светиот престол на Мајката Црква, Вселенската Патријаршија. За нас, како и за сите Православни, Света Гора значи многу. Сето ова што го гледате сега во нашиов Манастир, ова братство, е благодарение токму на Мајката Божја, Која некогаш благоизволи и го просветли преподобниот Старец Георгиј Капсанис да ги отвори вратите на своето срце и на својот манастир за првите монаси на Света Гора од кај нас. И така, со благословот на Пресветата Богородица од нејзината свештена Градина, преку светиот григоријатски Старец, започна сè, започна обновата на општежителното монаштво. А тоа не е случај само во поновата историја, ами така било од дамнина. Отсекогаш благодатните светогорски струи ги просветлувале нашите монаси и нашиот народ.

Благородното воздејствие на Света Гора врз нашите почва и народ било многу големо низ историјата. Затоа нашиот народ особено ја почитува таа свештена Градина на Пресвета Богородица. И сè што доаѓа оттаму нашиот народ го почитува и го целива со најголема љубов, како нешто најсвето. Па така, Вашето присуство денеска ние го гледаме како посебен благослов од Пресветата Владичица наша Богородица и со голема радост го поздравуваме. Вие го донесовте благословот на Света Гора овде, само неколку дена по пристигнувањето на благата вест од пресветлиот Центар на Православието, Вселенската Патријаршија. Честа и радоста наша се уште поголеми, затоа што сме слушале за Вашата љубов кон Мајката Црква, Вселенската Патријаршија и особено кон личноста на Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј – еден Патријарх кого слободно можеме да го наречеме велик. Имено тој нам ни стана втор Фотиј Велики, подобен на првиот кој ги испратил Светите Кирил и Методиј, за да ја пренесат светлината на Евангелието среде Словените. Преку личноста на Патријархот Вартоломеј и со неговото благоволение да нè прими и прифати во лоното на Црквата и во семејството на православните, за нас се случи второто просвештение. По неговите молитви и заложби дојде и до помирување со Православната Црква на Србија, коешто беше официјализирано со неодамнешното сослужение во Белград. Ние искрено се надеваме дека од денес ќе започне нашата поголема соработка со светогорската монашка заедница, со Вас и со другите игумени и монаси од Градината на Мајката Божја. Уште еднаш, најсрдечно Ви посакуваме едно големо и топло добредојде и Ви благодариме за небесната радост што ни ја причинивте.

Христос воскресе!

Длабоко трогнат од потврдата на она што го гледал, слушал и чувствувал од порано, Есфигменскиот старец, Архимандритот г. Вартоломеј братски отпоздрави, сведочејќи дека се чувствува како дел од братството на нашиот свет Манастир:

Ваше Преосвештенство, свет игумене, заедно со вашите благословени сопатници и со народот и поклониците кои дошле овде во Манастирот,

Сакам да ми простите за мојата возбуденост. Една тајна желба што ја имав многу години, во овој миг ја гледам како се исполнува на еден чудесен начин. Не беше во нашата програма да дојдеме овде во Манастирот, зашто нашата мисија беше да ги однесеме во Софија за поклонение чесните мошти на Светите Браќа Кирил и Методиј, од кои дел се чуваат во нашата Обител. Архимандритот Никанор од Манастирот на Светите Бесребреници во Перник е брат на нашиот Манастир и неговиот Манастир ние го сметаме и како наш. Имено тој беше оној кој ја смисли и ја оствари програмата да дојдеме денеска кај вас. Во себе почувствував една огромна радост, затоа што слушав, гледав, чувствував за Вашиот Манастир. И во овој миг, и слушам и гледам и чувствувам, присутен во Вашиот манастир. По благодатта Божја живееме историски моменти през целиов овој период и секој еден од нас станува мал дел од историјата која во моментов се испишува. И не можеме да Му искажеме ништо друго освен благодарност на седобриот Бог, Кој нè удостојува толку чудесни настани да се случуваат во нашиот живот, и покрај човечките безизлези кои имаат завладеано со нашиот живот. Таму каде што човекот стасува до безизлез, добриот Бог безусловно ги отвора сите врати. Го живееме тоа величие на Божјата благодат. По подигањето на таа шизма, која толку години ја измачуваше Црквата и Православието, веќе го живееме тоа чудо – сите да сме заедно на исто место. Затоа, дозволете ми да кажам сега кога за прв пат доаѓам во Вашиот Манастир: Ви благодарам што ме примивте во мојот Манастир. Јас навистина се чувствувам како дел од Вашата заедница, како еден од Вашите отци. Ова е благодатта Божја и благодатта на Богородица, Која го благословува целиот свет, а особено нас монасите. Нашиот блаженоупокоен Старец Хризостом велеше: „Ние монасите не разбираме добро што навистина живееме. Ние сме принцовите на овој свет!“ Кога навистина би го разбрале ова величие што го живееме и благословот што го имаме да бидеме монаси во еден манастир, би побудалиле од нашата радост. Сепак, таа радост таинствено доаѓа и ни ги исполнува срцата и покрај растојанијата, покрај тешкотијата на јазикот, комуникацијата со срцето ги обединува луѓето и нè прави сите да бидеме браќа подеднакво. Како што рековте многу точно и мудро, Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј е еден мудар јерарх, човек Божје, испратен во правиот момент, за да го исполни планот Божји, кој не е ништо друго, освен љубовта Божја за човекот и за единството помеѓу нас. Неговата Сесветост прави пресек на историјата и ние сме среде таа историја и се радуваме и ја вкусуваме оваа радост. И им ја посакуваме оваа радост на сите отци и на сите поклоници на овој Манастир! Да ги исполнува и прелева срцата и благодатта Божја да го пази Православието, Црквата, Вас, Преосветен Владико, како игумен на овој Манастир; и Вашата Црква, исто така, која веќе ги прави своите први чекори надвор од расколот, да ја благословува, да ја пази, та таа да биде светилник на Православието по цел свет, што е насушна потреба на сите. Насекаде владее мракот, но да се сеќаваме дека и покрај тешкотиите, и покрај неправдите, покрај болките и смртта, и покрај апсолутната темнина што се чини дека владее со светот, Распнатиот секогаш победува. А ние сме деца на Распнатиот и преку тоа Распетие го вкусуваме Воскресението. Затоа, од своето срце изговарам ‘Христос воскресе’, но не е само како вообичаен израз, туку како еден глас, едно моление кон Седобриот Бог, дека Му благодариме за сè што ни дава. Се чувствуваме воскреснати!

Христос воскресе!

Господ Бог, по молитвите на Пречистата Богомајка, да нѐ удостојува со уште многу вакви благословени и радосни собитија!