Послушанието – „божествена добродетел, столб и основа на која се крепи Црквата Христова“
Плодовите од прегратката на Мајката Црква, Вселенската Патријаршија во Константинопол, со која нè прегрна во канонско единство со сето Православие, веќе се сочни и ги вкусуваме. По нејзините иницијативи и чекори дојде до помирување со браќата Срби и препорака за автокефалност од нивна страна. Сега следува историското сослужение во средиштето на Вселенската Патријаршија, за неколку дена, односно на празниот Педесетница.
Во меѓувреме, гости од соседните помесни православни Цркви сè почесто доаѓаат кај нас. Така, денеска Старецот на ќелијата на Света Ана во Кареја на Света Гора, сепреподобниот јеромонах Антипа, кој е мошне познат духовник и проповедник, одличен познавач на православната теологија и еклисиологија, ја посети нашата Свештена Бигорска Обител, заедно со јероѓаконот Теодосиј од неговата синодија. Ценетите гости беа срдечно пречекани и примени од нашиот старец и игумен, Епископ г. Партениј, кој им укажа голема чест и благодарност за љубовта со која нè уважија.
Денеска, со благослов на нашиот Старец, отец Антипа ни отслужи Божествена Евхаристија на која заедничаревме во телото и крвта Христови, радувајќи се на благодатта од долгоочекуваното и многупосакувано единство.
Со благослов и молба на нашиот игумен г. Партениј, Старецот Антипа, кој е познат по тоа што одржува поучителни беседи на покана на разни манастири и епархии, на синаксисот во свечената манастирска одаја ни беседеше една прекрасна омилија, на тема послушанието. „Оваа божествена добродетел е столб и основа на која се крепи Црквата Христова“. Во омилијата светогорскиот духовник ни го пренесе своето лично искуство од познанството со големите и свети светогорски старци: Преподобните Паисиј Светогорец, Ефрем Катунакиски, Порфириј Кавсокаливит и други свети атонски подвижници.
Како заедничка поука и за монасите и за мирјаните го истакна блаженото послушание. Според неговите зборови „Оној кој го критикува патријархот, епископот, свештеникот, монахот, Синодот итн., тој ѝ пука отстрана на Црквата со оружје. Мирјаните се должни да прават послушание на црковните власти, а монасите на својот старец и игумен“.
Во иднина на нашата страница ќе биде објавена во целост неговата беседа од денешниот синаксис.
Накрај, нашиот Старец уште еднаш срдечно му се заблагодари на отец Антипа за искжаната љубов и духовното поучение.