Третата недела од Светата Пасха, посветена на светите жени Мироносици и на благообразните Јосиф и Никодим, донесе голема пасхална радост во Кичево. Имено, со благослов на почитуваниот наш Митрополит г. Тимотеј Дебарско-кичевски и со благослов и иницијатива на нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, вчеравечер во НУ Центар за култура „Кочо Рацин“ се случи културно-уметнички настан со големо културолошко значење за Кичево. Впрочем, ова е прв концерт од ваков вид во Кичево и општо земено, прв духовно-културен настан по подолго време, на кој кичевчани одговорија со сето срце и со голем восхит, исполнувајќи ја докрај салата од Центарот за културата.
Во преполнетата сала, во која немаше доволно место за сите заинтересирани, па така многумина мораа да седат простум, неколку уметнички состави изведоа содржајна програма, поврзана со пасхалното ликување и со празнувањето на споменот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец. Среде присутните слушатели беа нашиот Старец Епископот г. Партениј, Архимандритот г. Доситеј, монаси и монахињи, презвитери, претставници од општината и многубројни гости и пријатели.
Во почетокот, од името на организаторите, благодарност до градоначалникот на град Кичево г. Фатмир Дехари и до сите негови соработници, упати водителката на концертот, г-ца Софија Котеска, затоа што тие „како вистински и великодушни домаќини, со висока свест за соживот и соработка подеднакво на сите граѓани, овозможија да се одржи за прв пат ваков настан“. Потоа следеа благодарствени зборови до Митрополитот г. Тимотеј „кој како наш драг архипастир се грижи за благоустројството во храмовите и за духовното здравје на својата паства и затоа го просиме неговиот свет благослов“.
Организаторите синовски му се заблагодарија и на „нашиот почитуван духовен раководител и Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, воедно и наш учител во доброто, убавото и возвишеното. Тој е наш двигател и наш инспирација, а истовремено и иницијатор за денешниов прекрасен настан“.
На сцената, своите уметнички таланти најнапред ги презентираа најмладите од музичката школа „Мини мјузишнс“ на професорот Бојан Ѓошиќ, кои на пијано изведоа инструментални композиции од големите класични композитори: Моцарт, Бетовен и Шопен. По нив следуваше хорот на младите и талентирани ученици од ОМУ „Д-р Владимир Полежиновски“, кои, подобно на ангелите кои го воспеваат Христовото Воскресение на Небесата, ни го испеаја славјето: „Воскресение Твое, Христе Спасе“.
Благодарноста на нашиот народ за моќното застапништво на Свети Георгиј, низ песна и оро ја изрази КУД „Бисер“ од Кичево, преку прекрасната изведба на познатите „Ѓурѓовденски сплет“ и „Копачија“. Во продолжение следуваше виртуозниот настап на групата „Чалгии Мерак“, заштитници и одржувачи на македонската чалгија. Оваа група е сочинета од неколку врвни музичари, коишто најпрво го изведоа „Касапското оро“, а потем, заедно со нашиот возљубен пријател г. Ламбе Алабаковски, исполнија две народни песни од охридско-кичевскиот крај, особено омилени меѓу народот: „Се собрале комитите“ и „Песна за Христо Узунов“.
Централниот настап во целата манифестација му припадна на кичевскиот хор по источно-црковно и традиционално пеење „Митрополит Козма Пречистански“. Овој хор беше основан пред речиси една година при кичевскиот храм „Свети Петар и Павле“, во Дебарско-кичевска епархија возглавена од митрополитот г. Тимотеј, а по желба и иницијатива на Епископот г. Партениј. Хорот е основан од тројцата професори по источно-црковно (византиско) пеење: г. Димитар Угриновски, г. Филип Тинтоски и г. Христијан Василевски. Хорах и диригент на Хорот е Димитар. Во моментов Хорот се состои од четириесетина души, од кои повеќето се млади и деца. Вчера, тие во придружба на „Чалгии Мерак“ и на Ламбе Алабаковски чудесно испеаја неколку црковни и народни песни. Од нивните усти најпрво беше испеана каландата за Свети Лазар, Пријателот Христов, чиешто воскресение од страна на Христа е утврда за општото Воскресение. Во духот на пасхалното славје Хорот изведе дел од Пасхалниот канон што се пее на Воскресението Христово. Веднаш по оваа духовна наслада следуваше изведбата на каландата за Светиот Великомаченик Георгиј, која за прв пат беше испеана кај нас. Концертниот репертоар беше заокружен со изведбата на победоносниот тропар за Воскресението „Христос воскресна од мртвите“, кој беше испеан на македонски, црковнословенски и албански јазик.
Концертот беше голем дар за сите присутни во салата, особено за нашиот сакан Старец Епископот г. Партениј, кој искрено се радуваше на овие принесени плодови на послушанието, и целосната посветеност на сите оние коишто зедоа учество во реализирањето на овој возвишен настан. Свесни дека зад тоа прекрасно богоугодно дело стојат благословот, љубовта и молитвите на владиката Партениј и благодарни за сета негова родителска грижа и жртва, хорот „Митрополит Козма Пречистански“ му додели на нашиот Старец свечена плакета и почесен медалјон од слонова коска во филигран, на која е изрезбано логото на хорот:
„Накрај, имајќи ги на ум зборовите на светиот апостол Павле, кој вели: Помнете ги и вашите учители, што ви го проповедаа словото Божјо и, имајќи го пред очи исходот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна. (Евр. 13,7), од името на сите нас организатори и учесници на Концертот, би сакале од сè срце, уште еднаш да ѝ се заблагодариме на личноста-учител, духовниот наш татко, великанот на нашите срца, без кого ништо од сето ова немаше да биде, нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски и Игумен на Свештената Бигорска Обител, г-дин Партениј. Ви благодариме што ни ја покажавте љубовта Христова која го промени овој свет; што направивте да сфатиме дека иако овој свет многу страда и сите, без разлика на нивната верска, национална и социјална припадност – страдаат, сепак, заради Христовата љубов тој може да биде многу радосен и сите, и секој ден сме повикани да ја живееме Пасхалната радост. Ви благодариме за безрезервната Ваша љубов и поддршка без која сето ова немаше да биде. На многаја лета, наш возљубен Старецу!“
Трогнат од љубовта на своите духовни чеда, Старецот со благодарност се обрати кон нив и кон сите нас:
„Ви благодарам за љубовта и за подарокот, иако не сум толку заслужен за нив. Ви благодарам особено и за овој прекрасен дар што го гледаме пред себе, хорот при црквата „Свети Петар и Павле“, кој го носи името на славниот Дебарски Митрополит Козма Пречистански, чиишто мошти почиваат во Манастирот Пречиста.
По Божја промисла, овој неделен ден од страна на Црквата е посветен на светите жени Мироносици и како таков претставува особена радост за жените. Овие жени, ученички Христови, први се удостоија да Го видат воскреснат нашиот Спасител Господ Исус Христос. Гледајќи го Хорот, забележав дека можеби двапати повеќе членови во него се жени, па се потсетив на светите Мироносици. Жените се најчесто такви: тие со срце ѝ пристапуваат на верата и сецело Го љубат Господа. Деновиве, размислувајќи за оваа Недела, наум ми дојдоа зборовите од народот кој честопати знае да каже дека мажот е глава на семејството. Тогаш, слободно можеме да кажеме дека жената е срце на семејството и на заедницата. Затоа, неслучајно први благовесници на Воскресението се токму жените. Светото Предание ни вели дека воскреснатиот Христос најнапред, природно, ѝ се јави на Својата Мајка, Пресвета Богородица, Која знаела и го очекувала Воскресението, за да ја утеши и израдува, додека во Евангелието стои запишано дека од другите луѓе Мироносиците беа тие кои први го видоа славно Воскреснатиот. Па така, на сите вам, жените присутни овде, во оваа прекрасна атмосфера, ви посакувам да бидете како жените Мироносици и секогаш да ја благовестите радоста од животот во Христа. На хорот, пак, му посакувам да нарасне повеќе и со мажи апостоли, па в година да ни биде уште поброен.
Во оваа прилика сакам особено да ѝ се заблагодарам на мајка Харитина, старешинка на Манастирот Пречиста и на нејзиното хрстоподобно сестринство, за нивното послушание и за нивните подвиг, љубов и трудот што ги вложуваат во нашиот свет и голем Манастир на Пресвета Богородица. Заради нивната жртва, имено, ние денес ги имаме овие прекрасни духовни плодови. Да ја молиме Пресвета Богородица ним да им дарува благодатни сили, да истраат во подвигот и нивното сестринство Господ да го умножи со уште сестри, а верата во овој град и во сета наша Татковина уште повеќе да крепне и да расте. Да сте благословени! Христос воскресе!“