Во радосно исчекување на празникот на светлото Рождество Христово, ги известуваме нашите читатели и сите поклоници на Витлеемскиот Богомладенец дека видео записот за божикната каланда – коледарска песна Христос се роди денес, е веќе во завршна фаза. Се очекува пред самиот празник, видео спотот да биде пуштен во јавноста.
Во организација на здружението „Бадникови поворки“, а со благослов и соработка на Бигорскиот Манастир, се направи музички аранжман за древната каланда Христос се роди денес. Аранжманот за музиката го направи Владимир Димовски, а во оркестарот музичари учествуваа, на виолина: Владимир Костов, Елена Талевска, Петар Тасески, Ѓоргина Поповска, Марија Јанчулеска, Владимир Цветковски, Коста Андоновски, Бранислав Автовски, Момчило Куфојанакис, Игор Милевски; виоли: Марија Димитријевиќ, Александар Стојчевски, Александар Лаовски; на виолончело: Кирил Јосифов, Паскал Краповски, Љупка Манчевска Каевиќ; на контрабас: Митко Иванов; на кларинет: Петар Христов, на канон: Тимко Чичаковски и на харфа: Симона Богоевска. Диригент и синтисајзер: Иван Еминовиќ. Режијата, монтажата и продукцијата на видеото: Даниел Јовески. Песната е во изведба на Верче Милошевска и традицискиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. Песната е снимена во студиото „Фаме’с“, микс: Игор Василев и едит: Теодора Арсовска.
Со ова, всушност, „Бадникови поворки“ и оваа година го одржа ветувањето дека за секој Божик ќе возобновува по една стара коледарска песна.
Во севкупното остварување на овој проект учествуваа над 80 души, меѓу кои познатите македонски актери: Јоана Поповска, Дубравка Киселички, Владо Јовановски, Горан Илиќ, Љупчо Бојковски, Владо Дојчиновски. Прекрасната костимографија ја направи Жаклина Крстевска Караѓозоска, а за шминката се погрижија Викторија Бурсак и Маргарита Миновски.
Каландата Христос се роди денес е продолжение на процесот за возобнова на древните божикни традиции, со кои побожно се славело Рождеството Христово. Пеејќи ги Божикните каланди, верниците, особено најмладите, на Бадник го објавувале насекаде со радосно ликување доаѓањето на Божјото Слово на земјата. Но, во тоа празнично возвестување учествувале, се разбира, и возрасните, кои често, организирани во групи заедно со неколку музичари, попладнето на Бадник, оделе од куќа на куќа и пееле каланди. Годинешниов спот го прикажува токму тоа.
Освен на сите гореспоменати учесници, кои несебично и со многу голема љубов и саможртва се вложија во ова дело, членовите на здружението „Бадникови поворки“ и братството на Бигорскиот Манастир, би сакале најтопло да им се заблагодарат и на сите благочестиви верници, духовни чеда и помагачи, вклучително и на: Владимир Анастасов, „Ноа бар“, Општина Охрид, Музеј на град Охрид, МВР Скопје, СВР Охрид, Пекарница „Жито Леб“, хотел „Нова Ривиера“ со директорот Јане Тодоровски, и сите останати чијашто добрина Бог ќе ја складира во Својата небесна ризница.
Во продолжение, ви го приложуваме текстот на каландата, како и прилогот со изјавите на дел од актерите.
Христос се роди денес
Добровечер, домаќини, ако има во вас желба,
да раскажам за светото раѓање на Христа Бога.
Христос се роди денес во Витлеем јудејски,
небесата се веселат, сета твар се радува.
Во пештера се раѓа, во јасли на животните,
Царот на небесата и Творецот на вселената.
Мноштво на ангели пеат: „Слава во висините“
и достојна за восхит е верата на пастирите.
Од Персија доаѓаат, тројца мудреци со дарови,
ги води светла ѕвезда, без да ги задоцнува.
Во овој дом што пееме, камен да не падне,
домаќинот на куќава, долго жив да биде.
И добра ноќ, одморете, па во црква брзо појдете,
на светата Литургија со многу побожност и радост.
И дома штом се вратите, на трпеза да каснете,
дајте и на сиромаси, за никој да не снема.
Дајте ни нам што пееме, колку има во вас желба,
и Христос Бог наш секогаш помошник да ви биде.