Заврши третиот летен камп по Веронаука

Во прекрасна духовна атмосфера и непосредна радост со најмладите, заврши и третиот летен камп во нашите свештени Обители, Бигорски и Рајчица. Овој пат, гости во нашите манастири беа 40-тина деца од Струмица, Гостивар, Кочани, Скопје и Прилеп, кои исто како и нивните пријатели од претходните смени, имаа можност, преку разните креативни работилници и интерактивни часови по веронаука, да се запознаат со суштината и убавината на православната вера. И овој пат нашите најмили слушаа прекрасни поучни лекции за историјата на Охридската Архиепископија, а во контекст на тоа изработија и творби со што ни ја покажаа нивната умешност и креативност.

Многу значајна за нив беше и средбата со нашиот Старец, Архимандрит Партениј, кому средбата со децата секогаш му носи посебна и богата радост. Примајќи го неговиот благослов, со срца исполнети со љубов, тие ги излеаја своите впечатоци за поминатите неколку дена со монасите и монахињите:

Александар Спасовски од Скопје, 12 години: „Јас во Бигорскиот Манастир Свети Јован Крстител си поминав прекрасно. Многу ми е жал затоа што заврши летниот камп. Исто така ми е жал затоа што нема да го слушам повеќе прекрасното пеење на монасите, кои со љубов пеат за нашиот единствен Бог Исус Христос, за Мајка Богородица и за Апостолите. Овде научив многу за Христијанството. Научив Кој е Бог и што значи љубов. Откако ги научив овие работи, сега сум уверен која е правата вера и Кој заради нас страдаше, беше распнат на крст и воскресна за нас, за да нѐ спаси. Отец Партениј е прекрасен игумен и кон сите се однесува како нивен татко и Господ нека го благослови!“

 

Георгиј Коцевски од Струмица, 11 години: „Јас си поминав многу убаво и многу му благодарам на отец Партениј што го овозможи овој камп. Манастирот е убаво украсен, уреден и многу гостопримлив. Цело време имавме активности: одевме на служби, се шетавме на Радика, правевме проект, учевме за просфорите, полневме темјан…“

 

Мелани Атанасоска од Прилеп, 13 години: „Другарство! Тоа е чувството кога запознаваш нови личности кои ти создаваат мигови за паметење. Како да почнам? Како да ве воведам во најубавиот дел од овие поминати 4 дена? Сте имале ли некогаш чувство на нешто благословено и мирно? Чувство во кое нема грижи? Верувам дека и вие би сакале да го доживеете тоа. А ние го почувствувавме во најголема мера. Тука нема поделеност меѓу луѓето, нема омраза, тука постои само љубовта, детските насмевки и сè што е убаво. Нема да раскажам како беше, како поминавме, бидејќи не постојат зборови со кои се опишува ова чувство. Тука сите се како една, сите како да се сестри со иста крв. Со најголема љубов до сите сестри во Манастирот, кои беа и ќе останат дел од нашиот живот и најголема благодарност до отец Партениј, кој дозволи да се биде дел од ова доживување. Со љубов!“

 

Мила Денчиќ од Куманово, 10 години: „На летниот камп во Рајчица си поминав прекрасно. Уште кога дојдов го видов отец Партениј, кој заедно со отец Еразмо нè сретнаа во црквата во Бигорски и сите заедно пеевме, а тие ни држеа исон. Бевме многу радосни. Имавме часови по веронаука, музичко, ликовно. Учевме и за Свети Јован Дебарски. Многу беше убаво кога одевме на богослужбите. Сестрите многу убаво пеат, како ангели служат во црквата. И за крај, сакам да му се заблагодарам на отец Партениј што нè прими. И слава Му на Бога за убавите поминати денови“.

 

Михаил Анастасов од Струмица, 11 години: „Епа вака: со голема почит сакам да му се заблагодарам на отец Партениј, што нѐ прими на камп во најубавиот манастир Свети Јован Крстител – Бигорски манастир. На овој камп научивме многу работи. Научивме дека Исус Христос е секогаш помеѓу нас. Научивме како правилно да се молиме, да постиме и најважно – научивме дека Господ Исус Христос е најголем, најдобар и најмилостив… Отците дури и нѐ научија како да го пееме канонот на Свети Јован Крстител“.

 

Филип Јованов од Кочани, 8 години: „Јас на овој камп си поминав многу добро. Со отците работевме и ни даваа задачи. Мене во кампот најмногу ми се допадна службата. Се радував кога почнуваше утрената служба. Со групата си шетавме, имавме часови по веронаука, учевме песни, правевме просфори, гледавме поучни цртани… Ви благодарам што го направивте овој камп“.