Успешни дипломски испити за четворица нови протопсалти

На 20 јуни 2018 година, во просториите на конзерваториумот „Форминкс“ во Атина, Грција, се одржаа дипломските испити по византиска црковна музика, за стекнување на звањето протопсалт. На испитите учествуваа нашите драги пријатели, студентите: Христијан Василевски, Филип Тинтоски, Димитар Угриноски и Глигорчо Пуреовски. Со благослов на својот духовник, Архимандрит Партениј, тие се запишаа на Теолошкиот факултет во Солун, каде, со Господ напред, оваа година треба успешно и да дипломираат.

Овие четворица млади протопсалти се редовни во присуството на бденијата во нашите манастири, збогатувајќи го благолепието на светите богослуженија со своите прекрасни гласови и пеење.

Кандидатите успешно го положија испитот со одличен успех и се стекнаа со дипломи признаени од грчкото Министерство за образование. Стекнатите дипломи им даваат право да бидат вработени како протопсалти. Комисијата беше сочинета од господата: Евстатиос Какос, композитор, Илијас Редијадис Тумбас, магистер по теологија и музиколог, Архим. Платон Вакалакис, професор по црковна музика, Валериос Патрикидис, музико-педагог, Георгиос Кумбанакис, професор по црковна музика и менторот на кандидатите, јероѓакон Анатолиј.

На нашите студенти им честитаме за успешно положениот испит, посакувајќи им наскоро да се вратат во Македонија, за да го споделуваат стекнатото знаење и автентичното црковно предание кое го научиле.