Лицата со оштетен слух од Македонија се запознаа со Христијанството

Извор:

Лицата со оштетен слух од Македонија, на неодамнешната средба организирана во Охрид, а во врска со проектот „Библијата и знаковниот јазик“, имаа можност да се запознаат со Христијанството.

Васко Марков, кој е претседател на националниот сојуз на овие лица, вели дека чувствува духовна возбуда, оти тој уште како дете бил воден во црква од својата баба, меѓутоа неговото присуство било само физичко. Тој немал можност да се запознае со она што го проповедале свештените лица, ниту, пак, да дознае нешто повеќе за Библијата.

Членовите на Сојузот на лицата со оштетен слух бараат да се ангажираат поголем број на сертифицирани толкувачи, како во повеќе институции, така и во верските храмови. Моментално во нашата земја има само 27 толкувачи и нивната дејност се одвива главно во Скопје.

„Овие средби ни нудат нови сознанија, ни ги отворија очите за да чуеме за Христијанството“, вели претседателот на националниот сојуз на лицата со оштетен слух, Васко Марков.

Целта на проектот „Библијата и знаковниот јазик“ е верата да допре до срцата на овие лица, за тие да можат да ја практикуваат во нивниот живот. Библиското здружение на Македонија е едно од 148 – те Библиски здруженија во светот и се наоѓа меѓу оние 25 кои го реализираат овој проект.

„Светото Писмо не е само за оние кои гледаат и знаат да читаат, туку е за секое битие, насекаде во светот“, рече проф. Петко Златески од Библиското здружение на Македонија.

Според официјалните податоци, во Македонија има од 6 до 8 илјади лица со оштетен слух, но се претпоставува дека бројката е многу поголема.