2853

Монашко поклонение во Светата Земја (четврт дел)

Во мистичните висини на Синај – IV дел

 

Славната библиска планина Синај – местото каде пред околу 3300 години старозаветниот пророк и водач на израилскиот народ, Мојсеј, ја видел Несогорливата капина, и го слушнал гласот Божји: Собуј ги обувките твои од нозете, зашто ова место, на кое стоиш, е света земја. Јас Сум Бог на таткото твој, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов (2.Мој. 3,4-5). Тука тој подоцна, откако 40 дена постел за да Го смилостиви Бог за прошка на гревовите народни, ги добил десетте Божји заповеди напишани со прстот Божји на камени плочи. Оваа планина се наоѓа некаде на околу 500 километри оддалеченост од Ерусалим, во внатрешноста на Синајскиот Полуостров, на територијата на Египет. Патот што траеше повеќе од 7 часа, нè водеше преку Јудејската Пустина и Ерихон, покрај добро познатото Мртво Море, кое се наоѓа на местото на некогашните библиски градови Содом и Гомор, што биле уништени поради крајно развратниот живот на нивните жители. Библијата ни ја раскажува приказната за праведниот Лот, единствениот кој по Божја волја бил изведен од градот и поштеден, и за неговата жена што, спротивно на заповедта од Бога, додека бегале се свртела назад и била претворена во статуа од сол и сулфур. Нам, пак, ни беше дадено да ја видиме таа камена статуа за која се верува дека е Лотовата жена и која е во непосредна близина на патот. Теренот по кој врвевме беше сув, карпест, покрај огромните фабрики кои ја ползуваат огромната концентрација на сол и минерали во Мртвото море, во голема мера се користат и поволните услови за развивање на туризам, видовме многу такви туристички населби, некои од нив во изградба. Нешто подоцна имавме прилика од блиску да видиме уште едно библиско место – заливот Акаба на Црвеното Море, кое Мојсеј го разделил, крстовидно подигајќи ги рацете, за да го преведе избраниот народ преку него и да го избави од Египет. Веќе бевме на египетска територија. Следеа уште околу три часа пат, додека најпосле не стигнавме во градот наречен Св. Екатерина, сместен во јужниот дел на полуостровот, во подножјето на мистичната планина и во непосредна близина на истоимениот манастир кои беа наша цел.

 

(Забелешка: За дополнителни објаснувања околу фотографиите низ галеријата, вклучете го копчето за информации како што е прикажано на сликата )

 

Уште при првата средба со овој крајно живописен и необичен пејсаж, нè опфати чувство дека навистина Божјата рака ги допрела и благословила тие камени врвови. Чувство дека со секој чекор што го правиш газиш на осветена земја. Онаа иста земја по која некогаш газел Мојсеј. Нашето искачување на Синај започна нешто после полноќ, и тоа на најнеобичен начин: качени на камили што беа предводени од локалните бедуини. Додека нашиот караван со камили, во долга низа, полека се движеше нагоре, во мислите се навраќавме на караванот на избраниот израилски народ, кој полека се приближувал кон ова место за тука, преку својот водач и пророк Мојсеј, да го прими Божјиот закон. Во темнината на ноќта само овде-онде се надзираше по некое далечно светло. Посочувајќи ни едно од нив, бедуинскиот водич ни кажа дека тоа е манастирот посветен на св. Јован Лествичник, кој се подвизувал во една од многуте камени пештери на овој предел. Посебна беше и глетката, кога некаде на половина пат се најдовме на една мала висорамнина и пред нас се покажа синајското небо, стиснато меѓу два планински гребени и целото послано со сјајни ѕвезди. Камилите нè однесоа до најстрмниот дел на планината, каде што беше нивната последна станица – оттука до врвот нè делеа уште околу 750 скоро вертикално поставени скали, што моравме да ги искачиме сами. Додека брзавме во пресрет на малиот храм посветен на Пресвета Троица што се наоѓа на врвот, не можевме да се оттргнеме од впечатокот, дека влеговме во едно далечно библиско време и наеднаш сите тие настани сврзани со овие мистични карпи, обликувани и наредени како своевидни скали, ни станаа толку блиски: Таинствениот и со бел облак прекриен врв што го пронижувале грмотевици и молњи, кога Бог ги пишувал Своите десет Заповеди, сите подвижници што тука се подвизувале… На еден полумазен камен покрај тесната камена патека стои името на пророк Илија… И тој ги врвел истите овие стрми карпи пред нас, обидувајќи се да побегне од злобната Језавела.

Таму, пак, во храмот на врвот, се чувствуваме како во Божјите прегратки. Благодатта беше неопислива. Бескрајно Му благодаревме на Бога што монашкото братство ни покажа толку голема љубов што ни го даде и клучот од храмот, кој обично не се дава ни на поклониците, ниту, пак, на туристите. Во глувата тишина на малиот храм се излеа монашко славословие кон Бога. Блеснаа и кандилата, целото место бликна од живот. Се искачивме на висина од 2240 метри за да Му се поклониме на Бога на ова избрано, свето место. И сега во срцето Му благодаревме што ни даде сили за таков подвиг и го прими како благоугоден дар, опсипувајќи нè со Својата благодат.

 

Како што полека слегувавме надолу, придружувани од бедуините, трудејќи се да стигнеме навреме за Божествената Литургија во манастирот, ноќта сè повеќе се ближеше кон својата зора. Веќе на половина час од светилиштето, светлината ги откри пред нашите восхитени погледи чудните камени релјефи на оваа уникатна Божја творба, по која чекоревме цела ноќ. Навистина Божјиот прст ја обележал таа единствена планина. Кога веќе пред нас се исправија високите и особено масивни ѕидини на манастирот посветен на Светата Великомаченица Екатерина, нè опфати нов бран на восхит – колку прекрасно манастирот беше слеан со својата карпеста околина! Просто не можеше да се распознае каде завршува Божјата и продолжува човечката градба. Низ тие камени лавиринти брзо го пронајдовме храмот. Божествената Литургија благодатно ги обнови нашите сили, неодоливо силно го чувствувавме  духот на сите оние подвижници кои низ вековите, со своите огнени молитви и духовни борби ги осветиле камените ќелии и околните пештери надвор од манастирските ѕидини, и сега невидливо пребиваат во ова светилиште, посредувајќи за монасите што се подвизуваат тука и за честите поклоници и посетители. Така силно беше и присуството на светителката која практично нè прегрна преку своите свети мошти, на коишто монасите со љубов нè удостоија да се поклониме. Нивната љубов се преточи во голем благослов, кога ни дозволија да се поклониме на местото каде што Мојсеј некогаш стоел кога ја видел Несогорливата капина целата во пламен. И како што тогаш Господ му рече да ги собуе обувките оти е на свето место, така и денес се почитува светоста на тоа место и сите што тука се поклонуваат, ги слекуваат своите обувки.

 

Обземени од силниот впечаток на таа голема светиња, излеговме надвор каде погледот ни го привлече изворот на Јотор, каде Мојсеј ја сретнал својата сопруга, Јоторовата ќерка  Сепфора. Тука и денес се чува една необична пумпа за вода што била голема реткост тогаш, а која била дар од големиот војсководец Наполеон Бонапарта. Таа пумпа до пред извесно време била во функција. Меѓу другото што ни беше кажано за него, нè изненади и податокот дека овој легендарен француски Император и освојувач, кој ја покорил речиси цела Европа и станал симбол за неприкосновен владетел, после сите свои освојувања, битки, подеми и падови, на крајот изолиран и затворен на островот Света Елена, во моменти на длабоко созерцание го напишал следново големо признание и сведоштво, во знак на неговото покајание:

Наполеон Бонапарта (15 август 1769 – 5 мај 1821) — француски император

„Јас познавам многу луѓе; и уверен сум дека Исус Христос не е само човек. Помеѓу Него и било кој човек во светот не е можна споредба. Александар, Цезар, Карло Велики и јас основавме Империи. Но, на што ние ги положивме творбите на нашиот гениј? На сила. Исус Христос, пак, ја основа Својата Империја на темелот на љубовта; и во овој миг, милиони луѓе би умреле за Него… Сите што искрено веруваат во Него, ја чувствуваат таа извонредна, неземна љубов кон Него. Тоа е просто несфатливо и секако, ги надминува човечките креативни сили. Времето, тој голем уништувач, немоќно е да го изгасне овој свет пламен; времето, ниту може да ја уништи неговата сила, ниту, пак, да ја ограничи. И ова е тоа што толку силно ме поразува и за кое често сум размислувал. Тоа ми е силно и убедливо сведоштво за божественоста на Исуса Христа“.

(Sentiment de Napoléon sur la divinité de Jésus-Christ. Pensées inédites recueillies à Ste. Hélène par le comte de Montholon et publiées par le Chererde Beauterne. – Оригиналната книга на француски каде што се запишани прекрасните мисли на Наполеон Бонапарта за Господ Исус Христос)

 

Св. Стефан Синајски, монах од VII век

Манастирот го има најубавиот и најдревниот музеј – со оглед на тоа дека никогаш не бил уништен од следбениците на Мухамед, во оваа ризница се чуваат можеби најдревните икони од VI и VII век па наваму, како и уникатни везени одежди, скапоцени митри, филигрански крстови и многу ретки сочувани ракописи, меѓу кои значајниот Синајски кодекс.

Исто толку духовно нè исполни и една друга ризница што се чува во манастирот: светите мошти на монасите од VI до XI век кои се подвизувале овде, и така Му угодиле на Бога, што сега нивните мошти се источник на благоухание и мироточење. Тука особено силно нè трогна нераспаднатото тело на Св. Стефан Синајски, монах од VII век, кој се подвизувал надвор од манастирските ѕидини и се упокоил на молитва, седнат на ниско триножно столче. Монасите што подоцна го пронашле, го донеле во манастирот заедно со столчето, во седната положба, како што е и сега.

Иако го напуштивме овој древен манастир со бројните негови духовни богатства, сепак, еден дел од нас остана во тој мистичен амбиент на Синај. Веќе нè чекаше долг пат до нашата следна цел – Градот на лебот – Витлеем.

 

(Продолжува…)