Во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска се изврши опелото на покојниот проф. д-р Методи Чепреганов, кој се упокои пред два дена, во саботата на 9 јули, на своја 86-годишна возраст. Во присуство на бројни негови роднини, пријатели и почитувачи, чинот на исходното последование го изврши Неговото Блаженство, Архиепископот г. г. Стефан, во сослужение на Вископреосвештените Митрополити: г. Петар Преспанско-пелагониски, г. Агатангел Повардарски и г. Иларион Брегалнички.
Методи Чепреганов како невропсихијатар-епилептолог беше во самиот врв на македонската медицинска наука. Тој работеше неуморно цело време, дури и во неговите поодминати години. Не само што сѐ уште имаше илјадници пациенти за кои имаше евиденција во својата документација, туку тој беше посветен пишувач на научни дела, над 60 во својата кариера, сите од областа на неврологијата и епилептологијата.
Кариерата ја започнал во 1969 година на Клиника за нервни и душевни болести при Медицински факултет – Скопје, а над 25 години држеше настава како професор од областа на неврологијата и психијатријата со медицинска психологија на студентите на Медицинскиот факултет – Скопје. Има објавено над 260 научни трудови и 130 монографии од областа на неврологијата и епилептологијата.
Професорот Методи Чепреганов беше долгогодишен пријател на Свештената Бигорска Обител и почитувач на нејзината севкупна мисија. Особено беше близок пријател со нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј. Токму затоа, со негов благослов, во неможност за лично присуство, на опелото во Соборниот храм денеска присуствуваа претставници од нашата монашка заедница, а молитви за покој на неговата богољубива душа, со благослов на Старецот, се принесуваат во сите четири манастири под негово духовно раководство.
Покојниот Методи Чепреганов беше особено благочестива и позитивна личност, со цврста вера во Бога и во победата на доброто над злото. Познати се неговите истражувања и написи за деструктивните сили кај човекот, како на пример, агресијата, егоизмот, нарцисоидноста и сл. и неговите заклучоци и совети за борба со нив. Тој мошне добро го воочил коренот на културолошката, духовната и моралната криза во едно општество, па така, во една прилика напиша:
„Малоумноста, интензивните психоемотивни напливи, поточно афектот, инаетот, суетата, примитивизмот и параноидниот начин на размислување, биле, се и ќе бидат главниот кочничар и уназадувач на една популација и држава. Бидејќи, невронауката покажа и докажа, дека така обоената и заробена екологија на духот во интерперсоналните односи во никој случај не води кон прогрес, туку обратно, кон регрес и заробеност во своите карактерни особини и страсти за моќ и личен бенефит. За жал, примери во нашето секојдневие има многу“.
Неговиот научен синопсис за негување на една здрава „екологија на духот“ се состои во следново:
„Во нашето секојдневно постоење : УМОТ ЦАРУВА, А МОЌТА И СНАГАТА ТРУЛАТ, тоа е енграмот на енергијата на најмоќната промена низ цивилизациските психоемотивни и интелектуални основи и смислата на животот: да живееш и да постоиш значи да учиш, да работиш, да твориш, да креираш, да создаваш, да умееш, да почитуваш, да те краси емпатија, флексибилност и толерантност, значи да имаш изграден свој психопрофил со богат резервоар на знаења и инкорпорирани норми во совеста на сопственото его“.
Нека добриот наш Христос му подари Царство Небесно! Вечен му спомен!