Откако пред извесно време Високопреосвештениот Митрополит на градот Солун г. Антим се повлече од митрополитската столица поради прилична старост, од страна на Светиот и Свештен Синод на Православната Црква на Грција за негов преемник беше предложен, изгласан и избран досегашниот Преосветен Епископ Орејски г. Филотеј, кој беше викарен на Архиепископот на Атина и цела Грција г. г. Јероним.
Изминатата сабота, на 25 ноември, на свечената Вечерна богослужба во чесниот и свештен катедрален солунски храм на Божјата Премудрост (Света Софија), во присуство на мнозинства епископи, презвитери, ѓакони, монаси и мирјани беше извршен чинот на устоличување на новиот Митрополит на Свештената Митрополија на Солун, г. Филотеј.
Во тој историски ден, во рацете на Митрополитот г. Филотеј беше доверена грижата за спасението на солунската паства, како канонски пастиреначалник, претстојател во молитвата и заштитник духовен.
Од името на Игуменот на Свештената Бигорска Обител, Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, заедно со братството и сестринствата му честитаме на Неговото Високопреосвештенство г. Филотеј и му посакуваме долгоденствие, крепка сила, здравје, мудрост и просветление од Бога за правилно да го распространува Словото на Неговата Вистина.
На многаја лета, Владико свети!
Достоен!
Во продолжение, дел од зборовите и поентите на Митрополитот:
„Денеска дојдовте да ме сретнете и да ме запознаете. Признавам дека и јас сакам да ве запознам… На почетокот на тоа наше запознавање не сакам да изложам пред вас некаков си мој сон, ниту да должам, објавувајќи големи програми и дела. Впрочем, како за секој Епископ, постои една програма – вечната програма на Црквата, и само еден сон останува секогаш актуелен и динамичен, сонот за спасение во Христа во бесконечното заедничарење во Царството Божјо.
Христос е добриот пастир, а сите ние, свештенството и народот, полнотата на Црквата, сме Негово словесно стадо. Он е Тој Кој нè повикува на средба и запознавање со Него во Неговото пресвето Тело, Црква наша. Прототипот на нашето меѓусебно запознавање и врска е односот на Христа со Својата Црква. Начинот на кој Христос е запознаван и запознава не е емоционален, туку светотаински.
Во нашето запознавање посебно место имаат презвитерите и ѓаконите на локалната Црква, со кои мораме да останеме обединети…, покажувајќи дека повеќе нè интересира „Црквата – народот“, отколку „Црквата – храмот“ со Христос во центарот на нашиот живот и служба. Заедно сме повикани да постоиме и да сослужуваме преку служење за надополнување, за вишокот на едниот да го дополни недостатокот на другиот и вишокот на вториот недостатокот на првиот.
Нашиот вечерашен собир претставува почеток на една нова врска што укажува на животот во Царството Божјо. Ви благодарам за овој ваш пречек полн со љубов, цветоукрасен и миризлив со мирото на нашиот Великомаченик Свети Димитриј и мирисите на чувствата на вашите срца. Ви благодарам!
Впрочем, во Црквата, помеѓу другото, учиме и да не се разочаруваме. Ние сме заедница на она што го велиме денес, но во исто време и заедница во исчекување, која треба да сфати дека нејзината крајна цел се наоѓа потаму од заедничкиот живот на сегашниот свет и да го очекуваме во надеж вистинскиот Живот кој ни доаѓа од иднината.
Ве молам да се молите за мене и да бидете сигурни дека истото го правам и јас секој ден за вас.
Кон сите оние кои се жедни за живот и се борат да живеат автентично: пријателки, пријатели и деца мои, за тој живот за кој сте жедни, ве барам да се запознаеме. За да ја живееме заедно таа возбудливата авантура на потрагата, на жед за живот. Ве барам, значи, да го започнеме од денес сите заедно тоа патување на меѓусебно запознавање, со нашиот заеднички Познаник Христос како центар. Оној Кој останува познат на оние кои Го бараат и се радуваат на Неговото присуство“.
Фото: Romfea.gr