Вистината зад украинското црковно прашање

Извор:
Автор: Архимандрит Кирил Говорун

Болеста што ја рани Украинската Црква трае веќе со години. Милиони верници речиси три децении останаа надвор од црковното општење, во шизма. Овде не зборуваме за една загубена овца, туку за цело стадо. Имав многу прилики да се сретнам лично со тие кои ги нарекуваат дека се „шизматици“. Тие се добри Христијани кои се молат со жар и се црквуваат со голема ревност. Не забележав некаков фанатизам или етничка пристрасност, во најмала рака не се поголеми од оние кои постојат кај поединечните православни народи. Да, ја сакаат нивната татковина, но уште повеќе ја сакаат Светата Црква, која со години ги негира.

И конечно дојде решението. Тоа, секако, се очекуваше од Москва или од канонската православна Црква во Украина. Но тие, најверојатно повеќе бараа оправдувања за да не ги прифатат „шизматиците“, отколку поводи за да ги прегрнат. Колку повеќе го забележував ваквото однесување, толку повеќе ми наликуваше на она од постариот син од познатата Христова парабола. Тој направи сѐ што можеше за да не се врати помладиот син во семејството. Додека пак, Вселенската Патријаршија дејствуваше како еден грижлив татко кој не бараше оправдувања, туку можности за да врати милиони загубени овци во прегратката на Мајката Црква.

Украинскиот црковен проблем оди сто години наназад. Започна како една побуна против една империја. Многу личеше со една друга побуна, на слободољубивите Грци, кои пред други сто години сакаа да избегаат од една друга империја за да преживеат како народ. Но Украинците имаа помалку среќа, бидејќи за кратко по тоа ги голтна империјата, која наметна и атеизам и ја прогонуваше нивната вера. За нивната побуна платија многу скапо.

Милиони Украинци ги загубија нивните животи во големиот глад кој Сталин нарочно ѝ го наметна на Украина, во Гулаг и во војната против нацизмот. По распадот и на оваа империја, Советскиот Сојуз, Украинците повторно се обидоа да имаат своја Црква. Новата Русија, која сакаше да се дистанцира од Советскиот Сојуз, на почеток не им даде многу поводи на Украинците за да ѝ се плашат или да сакаат да ја напуштат Руската Црква, која покажуваше некое разбирање и снисходливост кон нивните етнички чувства.

Но состојбата се промени кога Русија, се повеќе почна да наликува на Советскиот Сојуз. Нејзината мутација се случи во 2014 г. Тогаш Москва го грабна Крим и започна војна во источните области на Украина. Ваквите историски околности се точно истите со оние на Грција и на Кипар, 40 години порано. Со падот на диктатурата и политичките промени, еден моќен сосед североисточно ја искористи ситуацијата и си завзеде една област. Крв се пролеа и народ исчезна. Разликата помеѓу Крим и окупаторите на Кипар е само тоа што овој пат насилниот сосед е истоверен. И секако, ја искористи и Црквата како една алатка за окупирање.

Како резултат на тоа, повеќето Украинци сфатија дека автокефална Црква повеќе не е дел од изборот, туку неопходност за да преживее народот. Точно поради оваа тема украинското прашање од чисто црковно, се разви и во политичко. Но воглавно, остана црковно и пастирско. Би рекол дека стана уште попастирско од пред војната. А сето тоа, затоа што сега на милионите кои останаа во шизма им се приклучија и други кои не сакаат повеќе да останат во Руската Црква, којашто за нив го оправдува, или, уште полошо, го благословува војувњето против нивната земја. Но немаа друг избор освен да ѝ припаѓаат на Руската Црква, бидејќи е единствената канонска Црква во Украина. Како резултат на тоа, илјадници отидоа кај шизматиците, други кај унијатите, а многумина и ја напуштија Црквата целосно.

Пастирскиот проблем којшто произлезе повикуваше со крик. Но ваквиот крик не го слушаше ниту Московскиот Патријарх, ниту пак, Онуфриј Митрополитот Киевски. Но го слушна вселенскиот Патријарх Вартоломеј. И направи онака како што направи добриот татко во параболата за блудниот син. Но реакцијата на поголемиот брат беше дива. Наместо да покаже разбирање и благонаклонетост, започна да хули и да се заканува. Реториката која се расчу сега скоро, ниту е христијанска, ниту пак човечка.

Тоа е една реторика која многумина денес би ја нарекле пост-вистина. Завршуваме во неа кога веќе повеќе не нѐ интересира дали кажаното се совпаѓа со направеното, кога повеќе не нѐ интересира кои се поводите, размислувањата и намерите на страната која не ни се допаѓа. Кога сме придвижувани од она што нам ни се допаѓа, а не од вистината која преовладува, тогаш често се случува нашите мотиви да ги префрлиме на личностите или институциите кои сакаме да ги поткопаме. Ние во Украина се соочивме со руското издание на пост-вистина уште во 2014 година. Но, некако научивме да разбираме и да разликуваме каде завршува вистината и започнува пост-вистината.

Исто така, гледаме како еден огромен бран на пост-вистина се нафрли врз Вселенскиот Патријарх и започнаа да го обвинуваат за неговите дела. Го обвинуваат за грабање на туѓи територии, тие кои настојуваат дека Крим е Руски. За папизам го обвинуваат тие кои имаат направено една грамада од власт во нивната Црква. За гордоста на Константинопол зборуваат тие чијашто суета го соблазнува целиот свет. За корупција зборуваат тие кои имаат корумпирано манастири, митрополии и цели цркви. Во современиот свет ова го нарекуваат пост-вистина. Но ние Христијаните знаеме дека станува збор за невистина, лага. Исто така, знаеме дека со лага не може да победи никој, може само да биде победен.