УШТЕ ЕДНО ГОЛЕМО ПРИЗНАНИЕ ЗА БИГОРСКИОТ ИГУМЕН
Специјално за Битолски весник – Киро Кипроски
Европскиот парламент реализирајќи ја програмата „Наградување на исклучителни европјани“, чија цел е да ја поттикнува хуманоста, мирот и доброљубието, пред некој ден, на педесет поединци и организации на неколку европски држави свечено им беше врачено признанието „Европски граѓанин за 2018“.
Ова високо европско признание го доби архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, кој е прв македонски граѓанин добитник на ова големо признание.
Во една од свечените сали на парламентот на Европската унија во Брисел, во присуство на многубројни европратеници и гости, г-ѓа Силви Гијом, – вице претседателка на Европското собрание, на лауреатите им ја врачи грамотата за почесниот европски медал. Добитниците на оваа исклучителна награда беа поздравени и од г. Антонио Тајани, претседател на Парламентот на ЕУ.
Во краткото резиме за дејноста на архимандритот Партениј, истакнато на табло во Европскиот парламент, напишано на бугарски, македонски, англиски и француски јазик стои:
„Добитникот на наградата ‘Европски граѓанин од 2018’, игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј, веќе две и пол децении интензивно се занимава со хуманитарна дејност, работејќи со социјално ранливи категории, коишто се особено актуелен проблем во денешницата. Во духот на Европската култура и цивилизација значајно придонесува за градење мостови и унапредување на соработка Меѓу народите на културно и духовно поле, како и јакнење на соживотот и меѓусебно почитување“.
Архимандритот Партениј за добиеното високо признание специјално за Битолски весник изјави:
„Наградата ‘Европски Граѓанин’ претставува навистина голема чест, едно ретко признание од Парламентот на обединетите европски држави. Всушност, ова признание е еден вид препознавање од страна на Европа на сета дејност што нашето монашко братство веќе две и половина децении, со труд и смирение, ја спроведува во духот на Христовото Евангелие. Тоа особено ме радува, што Европа, чии цивилизациски основи почиваат на христијанските вредности, и покрај современите антивредносни тенденции, умее да препознае што е благотворно, хумано, вистинско и вечно. Се разбира, нашата благодарност е особено насочена кон европратеникот г. Андреј Ковачев од Р. Бугарија, кој, заедно со своите соработници, ја покрена номинацијата за наградата. Наградата е и добар показател дека Македонија несомнено припаѓа во европското семејство“.
За престижното европско признание архимандритот Партениј беше номиниран од Андреј Ковачев, европратеник од Република Бугарија.
По повод изборот за лауреат на почесната награда на Европската унија ‘Граѓанин на Европа’, на архимандрит Партениј, на посебна свеченост што неодамна се одржа во Народното собрание на Република Бугарија, г-ѓа Цвета Карајанчева, претседателка на собранието му врачи почесно признание.
Инаку да потсетиме на почетокот на годинава, архимандритот Партениј стана добитник на највисокото признание на Битолски весник за трајни вредности на манифестацијата ‘Избираме најуспешни битолчани’ за 2017 година.
Признанието му беше врачено на свеченото прогласување на најуспешните битолчани на манифестацијата што по 19 ти пат се одржа во Битола, на 22 февруари 2018 година.