Вселенскиот патријарх бара мислење од помесните Цркви за начинот на причестување

Извор:

Н. Б. Сесветост, Вселенскиот патријарх, изразувајќи ја желбата на Мајката Црква за координираност и, според можностите, истообразност помеѓу помесните Православни цркви во поглед на актуелното прашање за Божествената Евхаристија и за начинот на нејзиното раздавање на верните, го испрати до браќата Блаженејши претстојатели следново писмо, датирано на 17-ти од изминатиот месец мај:

„Ваше Блаженство, Христос воскресе!

Болно ги доживеавме условите кои се појавија во животот на Црквата, поради подмолната пандемија на новиот коронавирус и до нас стасаа од секаде, преку писма и во форма на прашања и недоумици, вести за разнообразниот развој и состојба на настаните. Ние, водени од духот на солидарноста и соработката, заради заштита на здравјето на верниците и за општо добро, прифативме извршувањето на свештените богослужби сè досега да се врши без присуство на верници во храмовите, но наша главна грижа е запазувањето на верата на нашите Отци, која секогаш ја просветлува вселената.

Но, бидејќи заедно со достојниот за пофалба интерес, во главно, на државата за борба со пандемијата на COVID-19 и ревносната грижа на водачите, се слушнаа извесни несоодветни ставови за начинот на приоѓање кон Пречистите Таинства, за нас е невозможно да останеме безгласни и да не се мешаме во една ваква двосмислена состојба, не реагирајќи на развојот на настаните и на соодветните уредби и забрани од страна на државата.

Бевме послушни на препораките на здравствените и политичките власти и, како што прилега, уште сме послушни, но само до моментот кога се допира суштината и центарот на нашата вера. Снисходливоста на Црквата достига до Крстот, но одбива да се симне од него, заради почит кон началата и властите на овој свет, кога се негира Таинството над таинствата на нејзиниот живот – Божествената Евхаристија.

На сите им е познато дека во животот на Црквата автентичен толкувач на Евангелските и Апостолските поуки и смисли, како и на духот и буквата на Божествените и свештени канони е светото Предание, неразделно проткаено со секојдневната црковна пракса и истоштувачко искуство. Прибегнувајќи кон оваа осветена пракса на Црквата, гледаме и нелажно се уверуваме дека таа живее во светот преку Божествената Евхаристија и во Божествената Евхаристија, или, инаку кажано, Божествената Евхаристија е откровение и доживување на богочовечкото таинство на Црквата. Самиот Господ, Кој „невидливо престојува со нас“, „приносителот и принесуваниот и раздаваниот“, во Евхаристијата ни го дава пречистото Тело и чесната Крв своја, правејќи нè „полнота на Царството небесно“.

Во овој дух и размисла, му пишуваме на Вашето многу возљубено од нас Блаженство, изјавувајќи свесно дека на никој начин немаме намера да отпаднеме од она што сите ние сме го наследиле од нашите блажени Отци. Исправени пред овие услови, посакуваме да го слушнеме Вашето братско мнение и помисли, за да можеме заеднички да се насочиме кон пастирско соочување со негирањето на востановениот начин на раздавање на Божествената Причест.

Со кажаново, и прегрнувајќи го со копнеж Христов и свет целив Вашето честитољубиво Блаженство, остануваме Ваш возљубен брат, сослужител и сопричесник во едната и општа Чаша, од која пиејќи, нема да ожедниме во веки. Амин!“

Во Патријаршијата, на 1 јуни 2020

Од Секретаријатот
на Светиот и свештен синод