15477

Монашење на манастирската слава

Навечерие на Усекновение на чесната глава на Св. Јован Претеча и Крстител

 

„За Вистината си пострадал, радувајќи се…“ – му пее денес соборот црковен на најголемите меѓу родените од жена, великиот Јован Претеча и Крстител. Зашто радост и достоинство беше за него да ја положи својата чесна глава за Оној Кој е единствена Вистина и на Кого тој Му беше најнепосреден сведок и предшественик: Имаше еден човек по име Јован, пратен од Бога; тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него. Тој не беше Светлина, туку да сведочи за Светлината (Јован 1,6-8). И затоа сега Свети Јован има таква слава, слобода и сила, да им дарува радост на оние што за неговиот величествен подвиг со молитва и љубов си спомнуваат.

За неговото, пак, преславно Светилиште на Бистра, и оваа година тој измоли од Бога неизмерна радост за недобројното мноштво верни… Радост човечка и радост ангелска, зашто на вечерната богослужба во негова чест, уште еден човек прими ангелски чин, уште една душа даде завети на рамноангелско житие. Нашиот нов собрат, монах Антониј, духовно роден од чедољубивото старечко срце на нашиот татко во монаштвото, Архимандрит Партениј, и одгледан од неговите молитви и љубов, сесрдно се предаде на возвишените монашки завети пред монахољубивиот ни владика, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Секако, радоста и благодарноста беа најголеми кај монасите и монахињите, што си добија нов ревносен сопатник за Царството Божјо и молитвеник што го понесе името на великиот родоначалник на монаштвото, Авва Антониј Египетски.

Последен украс на денешново бигорско торжество беше поучителната беседа на нашиот архипастир, со посебен нагласок на монашкото живеење:

„Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Воочи прославувањето на храмовиот празник на оваа света Обител, а во чест на замонашувањето на новиот бигорски собрат Антониј, нека ми биде дозволено да кажам неколку зборови за монашкиот завет.

Верноста кон монашкиот завет треба да биде средство за исцелување на отуѓеноста што произлегува од првородниот грев. Монаштвото е благодатен дар. Примајќи го овој дар, човекот настојува да го следи Господовиот пример и да го подражава ангелскиот начин на живот. Крајното смирение кон кое нè поттикнува Христовата личност и незапирливиот копнеж кон Бога, кој се негува во монаштвото, ја привлекува божествената благодат. Оваа, пак, благодат го ослободува човекот од страстите и го прави христоподобен. Затоа Господ Исус Христос вели: Не бојте се, зашто Јас го победив светот (Јован 16,33)

Во Рајот нашите прародители заедничареле со Бога. Бог им даваше живот и сигурност. Непослушноста и падот во грев го раскинаа тоа животворно единство со Бога и смртта влезе во животот кај луѓето. Потоа нашите прародители прибегнаа кон три лажни замени за благодатта, кои продолжија да го отуѓуваат од животот по Бога. Првата лажна замена е човековото самољубие и убедливоста во разумното расудување. Втората лага е сласта на сетилата и желбите, т.е. сластољубието и уживањето во земните задоволства, и трета е лажната помош од поседување на овоземни, материјални блага. Наместо Бог да биде центар во нашиот живот, човекот постанува самиот центар. Место да ја манифестира љубовта кон ближните, тој има желба да владее врз нив. А желбата кон земното богатство го отуѓува од Бога, бидејќи во Евангелието се вели: Каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше (Матеј 6,21).

Монаштвото е настан кој треба да ги отстрани овие три нешта, кои се всушност отуѓување од Бога и да го возобнови човекот во првобитниот ипостасен облик на живот. За да се постигне ова монахот ги дава трите основни монашки завети, и тоа: послушноста, девственоста, или целомудреноста и сиромаштвото.

Послушанието е прв услов во монашкиот живот и неговата основа. Послушанието се негува преку аскетски подвиг, но тоа е, пред сè, дар Божји. Христос е првиот што ни даде пример на совршено послушание. Он дојде во светот во името на Отецот, а не во Свое име (в. Јован 12,50). Он беше послушен до смрт и тоа смрт на крст. Исполнувајќи го своето послушание, монахот Го подражава Христа, одејќи по патот на Господовата волја. Монахот слободно се откажува од својата волја и така, преку послушанието на Бога, монахот го сосредоточува својот дух според советот или заповедта што му е дадена, а преку тоа е ослободен од секаква грижа за овоземни нешта, па така својот ум го насочува кон молитва. Послушанието е слободен чин на вера и љубов во Бога и секогаш сè прави во Негово име.

Девственоста, или целомудрието, е втор монашки завет. Најпрво треба да се постигне девственоста во срцето. Послушноста помага да се роди девственост, или целомудрие. Христос се роди од Светиот Дух и Дева Марија. За послушноста најдобро ни сведочи Пресвета Богородица, кога заедно со Господа Исуса Христа ќе биде на свадбата во Кана Галилејска. Света Богородица ќе Му каже на Христа, на Својот Син: „Немаат вино“. А Христос ќе ѝ одговори: „Што ти е на тебе, жено? Не е дојден Мојот час“. Таа покажува послушност кон Синот Божји и не инсистира ништо повеќе и токму таа нејзина послушност Господ Исус Христос ја наградува. И покрај тоа што сè уште не бил дојден Неговиот час, Тој го прави Своето прво чудо, претворајќи ја водата во вино. Со други зборови, за миг доаѓа Неговиот час.

Третиот завет е сиромаштвото. Тоа се појавува како природа последица на послушанието и целомудрието. Како што послушанието го помага целомудрието, додека, пак, послушанието и целомудрието го помагаат поимањето за непоседување на земни нешта, а целта на сите овие три завети е да се постигне чиста молитва и совршено уподобување на Христа, Синот Божји. Во однос на сиромаштвото, Самиот Господ Исус Христос најдобро ни сведочи, кога во Евангелието вели дека нема каде глава да потслони (Матеј 8,20).

Сето досега кажано се однесува не само на новиот собрат, туку и на сите нас, христијаните – дека наша цел во овој свет е уподобување на Христа и враќање на првобитната состојба во којашто биле создадени нашите прародители. И секој човек е повикан да биде совршен како што е совршен нашиот Отец небесен.

Да се обратиме со искрена молитва и кон свети Јован Крстител и Претеча – тој да му биде патеводител и покровител на новиот монах, та да може сите искушенија и непријатности што неминовно ќе следат во животот, полесно и достоинствено да ги пребродува и да се уподоби на Христа, Кој е наш Учител и Спасител. Амин!“