Монаси расветлуваат свирепо убиство од времето на Балканските војни

Со днк-анализа ќе се утврдува идентитетот на останки најдени во близинатa на Бигорскиот манастир

 

Монаси на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ во месноста Кај Поповите, недалеку од Галичник во правец кон долнореканското село, пред една година пронашле човечки коски површински закопани во отворот на мала пештера. Тие велат дека најверојатно станува збор за останките на отецот Овентиј Исаев Фрчкоски и тројца жители на Галичник, кои биле злосторнички убиени во далечната 1918 година. Местото каде што беа пронајдените коските неодамна го посетија монасите на Бигорскиот манастир каде што на убиените им оддадоа достојна почит.

– Нашиот брат во Господ, свештеникот Овентиј и тројцата галичани во една ноемвриска ноќ во 1918 година биле измачувани, а потоа убиени од српски жандарми. Во чест на нивната храброст и за спомен одржавме панихида за упокој на душите и се помоливме на Господ да почиваат во мир и спокој, запаливме и свеќи. Местото каде што ги пронајдовме остатоците од нивните тела го одбележавме со поставување дрвен крст – рече монахот Кирил, кој ја предводеше групата монаси.

Во Бигорскиот манастир најавуваат дека ќе продолжат со истражувањето за пронаоѓање на местата и за расветлување на настаните за ѕверските мачења и убиства на монасите и свештениците во западниот дел на Македонија, што биле извршени во времето помеѓу Балканските војни и Првата светска војна.

– Нашиот народ низ вековите живеел со маки, сами се снаоѓале талкајќи низ непознати краеви и со работа успевале на семејството да му обезбедат опстанок. Со маки сѐ уште се соочуваат. Таква ни била и таква останала судбината. Од раѓањето па до смртта гурбетуваме низ целиот свет. Токму затоа сме питоми и секогаш сакаме на јабанџијата да му помогнеме, колку што можеме, бидејќи знаеме што е мака и што значи некој да ти помогне кога ти е најтешко – ни објасни тој зошто Долнореканци се секогаш љубезни и гостопримливи.

– Српските окупатори убивале само затоа што свештениците и монасите не сакале во проповедта да го споменуваат и величат името на епископот Варнава (подоцна српски патријарх) – вели архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир.

 

КАКО БИЛЕ ПРОНАЈДЕНИ ОСТАНКИТЕ

Зендељ Ахмедовски од долнореканското село Ростуше, кој има 94 години и е пријател на Бигорскиот манастир, пред неколку години ме запозна дека над селото Јанче, кон Галичник, во непристапен терен се наоѓа место во кое се закопани свештеници и лица, кои биле убиени пред околу стотина години, раскажува архимандрит Партениј, игумен на манастирот, за тоа како решиле да почнат да го пребаруваат теренот.
– Ова сознание Ахмедовски ми го поткрепи со податокот дека како младо момче го пасел добитокот на посочениот простор и здогледал црна мантија, а од повозрасни жители на Јанче и на Ростуше подоцна дознал дека таму во глува ноќ српски жандарми убиле четворица локални жители само затоа што не го почитувале српскиот режим. Тоа ме поттикна да го пребаруваме теренот и да ги пронајдеме местото каде што биле закопани – објаснува отец Партениј.

Тој додава дека неколкупати имале неуспешни обиди во пронаоѓањето на местото. Но, минатата година, монахот Нифонт побарал благослов, заедно со уште неколку монаси да заминат и повторно да го побараат местото каде што биле закопани нивните браќа во Господ.

– Пред да заминат монасите во потрага им реков во Ростуше да го посетат Зендељ Ахмедовски и уште еднаш подетално да им објасни, според неговите сеќавања, каде би можело да се наоѓа местото каде што биле погребани галичаните. По неколкучасовно пребарување на теренот монасите почнале да губат надеж бидејќи се стемнувало. Тогаш, монахот Нифонт здогледал птица што застанала над голема карпа, а во неа имало процеп на мала пештера. Монахот клекнал на колена и почнал да ги расчистува хумусот, дрвата, камењата, листовите и со рацете почнал да копа. На 20-30 сантиметри длабочина пронашол една коска по што продолжил да копа наоѓајќи повеќе човечки коски. Заедно со другите монаси ги собрале коските ги ставиле во торба и се вратиле во манастирот. Два дена потоа, монасите со увидна екипа на ПС Гостивар, лекар и јавен обвинител го посетиле местото – раскажува отец Партениј.

При пребарувањето на местото биле пронајдени 269 парчиња човечки коски, еден череп, долна вилица, чаури и катинар. Гостиварското јавно обвинителство ја завршило истрагата и во записникот констатира: „Сите коски од кои некои имаа оштетувања во вид на скршеници, кои настанале поради подолг временски период, претставуваат човечки коски, кои се со старост од околу 100 години и истите тие припаѓаат, односно се остатоци на две лица. Оваа констатација е базирана врз основа на бројот на коските, со споредбата што ја направивме помеѓу нив, како и со нивно мерење. Двете индивидуи се од машки пол и биле на возраст од околу 60 години. Покрај коските беше пронајден еден череп и долна вилица со неколку заби и беше утврдено дека припаѓа на черепот, кој бил оштетен со удар на тап предмет…“

Поради тоа што ОЈО Гостивар немало парични средства да се изврши ДНК-анализа на пронајдените коски, Бигорскиот манастир преку дарители обезбедил пари за ДНК-анализата. Игуменот Партениј информира дека им се јавил Младен Фрчкоски, кој живее во Скопје, и е од родот на поп Овентиј Фрчкоски. Притоа им потврдил дека прадедо му бил убиен во 1918 година и дека семејството не знаело каде се наоѓа неговото почивалиште. Фрчковски изразил подготвеност врз него да се изврши ДНК-анализа, да се утврди дали пронајдените коски се на прадедо му.

Откако ќе се утврди дека дел од коските припаѓа на свештеникот Овентиј Фрчковски, архимандрит Партениј вели дека монасите на Бигорскиот манастир и монахињите на манастир „Св. Ѓорѓиј Победоносец“ од дебарското село Рајчица, достоинствено ќе ги погребат остатоците на свештеникот во неговото родно место Галичник или во Бигорскиот манастир и ќе му изградат споменик.

 

„ГАЛИЧКА ПОВЕСТ“ ПИШУВА ЗА СВИРЕПОТО УБИСТВО

Галичанецот Ристо Бужаровски, полковник во пензија, поранешен градоначалник на општината Дебар, во 1976 година ја издаде книгата „Галичка повест“ и во текстот „Галичник во Балканските и во Првата светска војна“ ќе напише дека „по завршувањето на Првата светска војна, односно по враќањето на српската управа во Галичник, а по дојава на галички србомани, српските жандарми убиле четворица галичани: попот Овентиј Фрчкоски, внук од синот Кузман на прочуениот резбар Макарие Негрев Фрчкоски, кој заедно со Петре Филипоски-Гарката го создал прочуениот и единствен иконостас на Бигорскиот манастир. Потоа, Русе Бајрамовски, Евге Ванковски-Католикот и Наќе Колоски. Убиството е иницирано од неколкумина ортодоксни србомани и тоа како одмазда за слични злодела што ги направиле приврзаниците на бугарската окупаторска власт“.

Бужаровски до овие сознанија дошол во непосредни разговори со повозрасни галичани во периодот меѓу 60-тите и 70-тите години на минатиот век, а некои од нив биле и сведоци на немилиот настан.

Од сите убиени во една ноќ, како што пишува Бужароски, единствено било пронајдено телото на Евге Ванковски-Католик, од козарот Рамко, во крастите меѓу Долна Нива и чешмата Кофилковица. Телата на другите тројца не биле пронајдени, ниту пак домашните знаеле каде се закопани.

Во книгата Бужароски цитира изјави на галичани што знаеле за овој несекојдневен и жален настан. Крсте Кудузоски ќе изјави „Една вечер во 1918 година се враќав од Дебар, со вујко ми Смиле Калачоски. Во мракот дојдовме помеѓу Горна и Долна Нива под Скала. Одеднаш во темнината се појавија четворица жандарми, нѐ прашаа кај сме биле и кога им кажавме дека доаѓаме од Дебар, се подослободија и заедно, без муабет, стигнавме во Галичник, каде што се разделивме. Утредента чувме дека таа ноќ биле убиени Евге Ванковски-Католикот, што го пронашол Рамко козарот. Кудузоски тврдел дека Рамко знаел каде се убиени и запретани и другите тројца, но не смеел да каже“.

 

КОЈ БИЛ ОТЕЦ ОВЕНТИЈ
Отецот Овентиј Исаев Фрчкоски

За маченичката смрт на отец Овентиј Исаиев пишува и македонскиот просветен работник, фотограф и револуционер, деец на Македонската револуционерна организација, прилепчанецот Георги Трајчев во „Книга за Мијаците“, објавена во Софија во 1941 година.

„…по 25 септември 1918 година првата работа на официјалните српски власти по новото заземање на областа (т.е. на Дебарскиот крај), била да ги колат, заплашуваат и убиваат поразбудените личности, особено духовенството. Во тој погром настрадал и архијерејскиот намесник од Галичник, о. Овентиј, кој бил убиен кај карпа близу Бигорскиот манастир“.

Истото го потврдува и битолчанецот Љубен Крапчев во статијата посветена на свештеникот Овентиј, објавена на 15 март 1927 година, во списанието „Родина“ на македонската младина во Софија, во бројот 9 на првата година од излегувањето на списанието.

Во тоа време, под ослободителното знаме на Македонија, паднале многу нејзини највидни синови, кои водени од двете најголеми заповеди за љубовта кон бога и кон ближните, пожртвувано го давале животот за татковината и за својот народ, истакна архимандрит Партениј и додава дека меѓу нив, како скромен деец за македонската слобода е свештеникот Овентиј Исаиев Фрчковски, кој бил роден на 10 март 1862 година во тогашното планинско гратче Галичник. Син на сиромашни родители, уште како мал останува сирак. Роден во познатата уметничка фамилија, Овентиј од дете бил посветен во тајните на православниот иконопис. Како зограф работел на многу цркви низ целиот Балкански Полуостров, вклучувајќи ја и Романија. По долгата и неуморна работа како животописец, од здравствени причини Овентиј бил принуден да ја напушти макотрпната зографска дејност. Поради својата голема побожност, но и желбата да продолжи да му служи на својот народ, одлучува да стане свештеник. Во Бигорскиот манастир, во 1905 година, тогашниот дебарски егзархиски митрополит Козма, кој бил роден Македонец од Орланци, Кичевско и уживал голема почит и љубов меѓу народот, го ракоположил Овентиј за свештеник, а подоцна го назначил за архијерејски намесник во Галичник. Како свештеник отец Овентиј неуморно му служел на својот народ цели 13 години, сѐ до својата маченичка смрт.

Автор: Киро Кипроски