Тешка кражба во манастирот „Св. Богородица Пречиста“

Извор:

Кичево, 11 декември, 2014 – 12:52

Непознат сторител ноќеска извршил тешка кражба во манастирот „Св.Богородица Пречиста“ кај Кичево, соопшти портпаролот на СВР од Охрид, Стефан Димоски.

Украдени се три сребрени крста, еден манастирски печат и едно резбано сребрено ковчеже, со мошти од свети Параскева.

Тешката кражба во манастирот е извршена околу два часот, откако претходно насилно и со соодветен алат биле скршени цилиндарот од металната решетка на вратата и резето од помошната просторија.

Сторителот, насилно ја отворил дрвената врата од јужната страна на манастирот, се упатил во внатрешноста на црквата и извршил пребарување низ црковните простории насилно, а потоа ја отворил и дрвената врата за влез во олтарот. Оттука ги одзел трите крста и другите предмети, по што преку малата црква „Св.Никола“, која е составен дел од манастирот, избегал.

Екипи на полициската станица во Кичево извршија увид на местото на настанот и преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.

В.М.