Достојно е со љубов да Те славиме, Богородице…

Светата Црква ја проповеда големината на чудесата Твои, Марие Богородице, и блескаво се украсува пеејќи Ти ангелска песна, која од небесата на земјата ја донесе чиноначалникот на вишните сили, Гавриил; со него помоли се, Госпоѓо Пречиста, на Синот Твој и Бог, непоколеблива во побожност да ја сочува Црквата Своја и да ги посрами сите побуни еретички и расколнички, а нас, чедата Нејзини, да нѐ удостои неосудено да Му воскликнуваме: Алилуја!

Кондак 6 од Акатистот на „Достојно ест“

Ако постои некакво оправдување на човекот пред Бога – тоа е Пресвета Богородица. Човечката историја, преполна со падови и страдања, замириса како крин кога во неа се појави Мајката Божја. Таа израсна смирено во оваа наша „долина на солзите“ и ја „избриша секоја солза од секое лице“. Нејзе, како на Мајка Божја, Која Бога Го направи Син Човечки, а синовите човечки – синови Божји, Ѝ доликува само пофалба. Но споредено со почестите што Ѝ ги укажува Нејзиниот Син, што се нашите пофалби, па дури и ако се соединиме сите во едно постојано славословие? Како најмала капка, наспроти бескрајната длабочина на Нејзината неискажлива слава. Нема пофално слово, рамно по достоинство на чудесната Богомајка. Но љубовта што во нас гори и нашата синовска должност постојано нѐ повикува да Ѝ благодариме. Затоа, призивајќи ја со вера и љубов, и надеж дека до крај ќе остане наша Застапничка, се спуштаме во морето на Нејзините чудеса и безбројните Нејзини милости кон човечкиот род. А таму, на дното на тоа бескрајно море лежи еден прекрасен бисер, еден чудесен дар на Мајката Божја за верните чеда, една Нејзина благодатна посета на монашкиот род преку Нејзината чудотворна икона, наречена „Достојно ест“. Тој скапоцен бисер заблеска силно пред монашките погледи, кога Архангел Гавриил слезе и на скромниот атонски послушник, што се молеше пред чудотворната икона на Пресветата, му го објави ангелското величание за Богородица, достојно на Нејзината небесна слава. А Богомајката го даде Својот благослов, озарувајќи ја со чудесен сјај Својата икона, која се нарече со името на ангелската славословна песна. И ги запиша Архангелот со прст на камена плоча овие бесмртни небесни зборови, „Достојно е навистина да Те ублажуваме, Богородице…“, надополнувајќи ја монашката песна и оставајќи им ги на поколенијата идни како завештание свето. Оттогаш ова небоземно славословие за „почесната од херувимите и неспоредливо пославната од серафимите“ се рашири низ сиот православен свет како најблагоухано кадило, најмирисен темјан, што се крева во воздухот и верните со необична радост и мир ги исполнува. А таа преблагословена икона стана символ за љубовта и мајчинската грижа на Пресвета Богородица и како некој силен светилник среде бројните атонски светињи, го озарува секое катче на светогорската земја.

Истата оваа радостотворна светлина подеднакво зрачи од секоја нова изобразба на тој богонацртан лик на Пречистата. Неискажливата Нејзина благост, пројавена преку иконата „Достојно ест“, славно се покажа и во Бигорската обител, кога пред речиси 5 години, Нејзиниот милосрден лик како најисцелителен мелем ги покри со утеха длабоките рани на нашиот старец и братството, нанесени од страшниот пожар. Затоа големиот бигорски собор секоја година така торжествено го прославува и одново благодатно го доживува тоа чудесно собитие од ќелијата на смирениот атонски монах. Така беше порано, така е и сега. Исто како што тогаш со топла молитва овој монах копнежливо го упатувал својот поглед кон благиот лик на Преблагата Мајка, Која умилно го гледала од својата чудотворна икона, со истата онаа синовска верност и љубов, сега верното бигорско стадо стоеше пред благоукрасената Нејзина претстава, потонато во длабока, усрдна молитва и торжествено величание. Бигорскиот соборен храм оваа ноќ навистина наликуваше на еден силен источник на молитви и благодарења кон Небесната Царица. А Таа, милостиво погледнувајќи од Нејзината преукрасена икона, која сјаеше со посебна убавина, ги благослови нашите срца и направи од нив радосно да воскликне тоа славно: „Достојно е навистина да Те ублажуваме, Богородице, Присноблажена и Пренепорочна Мајка на нашиот Бог!“ Овој благослов во сета полнота се излеа на Нејзиното чедо и наш собрат Димче, кој од татковските раце на нашиот старец прими монашко расо и се облече во облека на духовна радост. А радоста на братството ја зголеми и присуството и сослужението на благочестивиот презвитер Горан Тасевски, парохиски свештеник во црквата „Св. Георгиј Победоносец“ во Криви Дол, Скопје.

Посебен белег на ова сеноќно празнување беше силната духовна проповед на нашиот богољубив и родољубив старец, која ги отвори нашите срца и ги поттикна на топла молитва кон славната Богородица за спасение на нашите души и запазување на христијанскиот род:

„Ве поздравувам, возљубени мои браќа, сестри и чеда, и бескрајно се радувам што денес во големо мнозинство се собравте во ова наше прекрасно светилиште за молитвено да се обратиме кон Пресвета Богородица. И би ве замолил вечерва сите да си ги отворите вашите срца и усрдно да се помолиме за целиот христијански род. Додека размислував за тоа што би ви кажал за Мајката на светот, за Онаа Која стана Лествица за целото човештво кон Бога, на монахот што беше дојден да ме повика за бдението, му поставив едно прашање: Чедо, што би сакал ти да слушнеш вечерва за Богородица? А тој ми вели: Би сакал, отец, да слушнам дека Таа постојано ме прегрнува, како што и чувствувам, и дека до крајот на животот така ќе ме прегрнува и заштитува. Колку убаво и со колку едноставни зборови овој монах ја опиша желбата на секој од нас! Зашто навистина, стремежот на целото човештво е да биде прегрнато од Бога, а и тоа самото со сето свое срце да Го прегрне Бога. И токму Богородица е најубавиот плод на оној стремеж на сите поколенија после Адам, кои и покрај падот и гревот, сепак, не престанале да Го бараат Бога. И покрај својата падната и огревовена природа, тие непрестајно ревнувале кон духовна чистота, барајќи Го Бога. Сакале средба со Него, сакале средба со својот Создател, враќање кон својот Отец Небесен, а за тоа им било потребно очистување на душата од гревовите, зашто Бог ја љуби таквата душа која пребива во чистотата. И ете, тие поколенија Му го дале најубавиот дар на Бога, Му Ја дале Пресвета Богородица. Зашто Таа не е само по Божјо чудо Пречиста, туку и најпрекрасен происход на еден вековен стремеж на старозаветните предци за очистување, одговор на желбата на целото човештво, што со надеж го очекувало раѓањето на една Личност, Која со Својата чистота ќе биде достојно Божјо сместувалиште и врска на човештвото со Бога. Токму затоа е толку важен и родословот на Христос што се споменува во Евангелието. Тој не е само набројување на имиња на личности како показател за потеклото по плот на Христос, туку и еден цел родословен приказ на споменатиот копнеж и надежта за враќање и соединување со Бога. Најсилен израз на тој копнеж гледаме во праведните богоотци, Јоаким и Ана, преблагословените родители на Пресвета Богородица. Веќе во длабока старост и умртвени за секаква телесна похот, тие ја живееле состојбата на потполно духовно предавање еден на друг. И ете, во таква состојба на бесстрастие, по благослов Божји, им се раѓа Дете. Но не обично дете. Тие се удостоија да Ја родат Пресвета Богородица, онаа Лествица преку Која целото човештво се соедини со Бога. Се исполни очекувањето на старозаветните предци. Се роди Онаа, Која стана Мајка на целото човештво, сместувајќи Го во Себе Создателот на сета твар. Се роди неуморната и сигурна Застапничка, Посредничката за нас пред Бога, Која не престанува и ден денес грижливо, мајчински да нѐ посетува преку Своите безбројни чудеса и чудотворни икони.

Денес празнуваме една од најславните и најпочитуваните Нејзини чудотворни икони во христијанскиот свет, наречена „Достојно ест“. За чудото што пред околу десет века се случило пред оваа икона, како и за постанокот на тоа најпознато песнопение како пофалба на Пресвета Богородица, нема потреба повторно да се раскажува, вие сите добро го знаете ова преубаво предание. Но јас би сакал да го истакнам тоа дека овде, во манастирот, особено силно се чувствува присуството на Пречистата Мајка токму преку таа Нејзина икона, што се удостоивме и ние да ја имаме. Иконата и чудата што од неа стануваат ни се уште едно неоспорно сведоштво дека Богородица е тука и се грижи за нас. И најпосле, што се сите оние Нејзини чудотворни икони, насликани, најнапред од апостолот и евангелист Лука, па сѐ до денес, ако не своевидно сведоштво за Нејзиното присуство меѓу нас на земјата? Сега сме во храмот, местото каде што најсилно се чувствува Божјото присуство. Тука се насликани Самиот Господ Исус Христос, Неговата Пречиста Мајка, а секако и Неговите Светии. Тука, најслободно можеме да кажеме, е местото и почивалиштето на Троединиот Бог, просторот каде што се среќаваме со неспознатливиот Отец Небесен, преку посредништвото на Синот – Словото Божјо, Кој стана наш брат и пријател, во сѐ еднаков со нас, освен во гревот; и во содејство на Светиот Дух, Кој се вселува во нас, делумно поради нашите трудови и подвизи, нашата мала достојност, но најмногу заради Неговата огромна љубов и снисходење. Сепак, најсветото место од каде што и протекува благодатта се наоѓа во затворениот простор зад иконостасот, во светиот олтар. Тука, во тие таинствени длабочини на олтарот, каде што секогаш се принесува бескрвната жртва, Божјото присуство е најсилно и оттука тоа се излева како некаков бран меѓу присутните во храмот, а потоа и низ целиот свет, според Божјата огромна и неискажлива љубов, несфатлива за сите нас. А таа благодат редовно се пројавува преку Царските двери, низ кои само свештенослужителите имаат право да влегуваат. На тие двери е насликана токму Пресвета Богородица. Зошто? Бидејќи дверите Ја символизираат Самата Пресвета Богородица. Преку Неа, како низ запечатени двери, според едно старозаветно пророштво, Синот Божји слегувајќи од небесата, влезе во човечката историја, а сега преку Неа верните влегуваат во небесните височини и длабочини и го наоѓаат спасението во Синот Божји. Да, единствено преку Пречистата Богомајка. Таа е Вратата небесна, таа е Лествицата, Таа е нашата Патеводителка кон Царството Небесно. Затоа еве ни прекрасна можност, што по Нејзината голема милост ни се дава оваа ноќ, да Ѝ принесеме силни и топли молитви и благодарења за безбројните Нејзини дарови. Да Ѝ го принесеме и нашиот мал труд, нашата скромна жртва, стоејќи во молитва пред Неа, и да се потрудиме и понатаму во нашиот живот да бидеме добри христијани, зашто Таа Самата ни покажа дека без труд и пожртвуваност не може да се постигне ниту светост, ни совршенство. Преку трудот на Нејзините предци и со Својот личен труд, Дева Марија стана Пречиста и Мајка на Бога. Така и секој христијанин доколку сака да биде икона Божја, како што за нас промислил Создателот наш, кога на крштението нѐ направил носители на Светиот Дух, треба да се труди, да биде соработник Божји. Бидејќи спасението ни доаѓа од Бога, но тоа не може да стане без наше учество. Само кога ние ќе покажеме желба да станеме добри, тогаш Бог доаѓа и нѐ прегрнува и по Неговата голема снисходливост и љубов нѐ обожува и прави носители на Светиот Дух. Тоа е принципот на синергија, содејство на човекот со Бога. И само тогаш христијаните стануваат пример за другите, стануваат светлина на светот. И тогаш Богородица, според желбата на монасите, според желбата на сите нас, ќе нѐ прегрнува мајчински. Таа и кога грешиме нѐ прегрнува. Но колку посилно би ја почувствувале Нејзината благодатна прегратка, доколку душата ни е чиста и подготвена за тоа!

И сега, додека ги упатуваме своите мисли кон Богородица, додека стоиме пред Нејзината чудотворна икона и просиме од Неа голема милост за нашиот православен народ, би сакал да споделам со вас една немила статистика што деновиве ми пристигна во порака по телефон. Имено, тоа беше неоспорен податок дека нашето православно население во Македонија сѐ повеќе исчезнува; дека сѐ помалку се склучуваат бракови во градовите со мнозинство на христијанско население, и како резултат на тоа сѐ помалку се раѓаат деца. Всушност сега ги чувствуваме последиците од она не така дамнешно безбожно општество, кога тогашната идеологија безумно тврдеше дека Бог не постои, и кога погубната практика за планирање на семејството страшно го намали бројот на децата во семејството на едно, најмногу две, со цел грижата за потомството да не го попречи уживањето во сѐ она што овој свет го дава. Но сетете се како вели Апостол Павле: ‘Сѐ ми е позволено, но не е сѐ полезно’. Денес ја гледаме потврдата на овие негови зборови. После сето она што тогаш во безбожие, во распуштеност го посеавме, денес, за многу брзо време веќе ги жнееме страшните плодови. И како да не е доволно тоа, светот повторно ни предлага едно, можеби, уште пострашно општество без Бога. Во ова страшно безбожно совремие, кога преовладуваат егоизмот и неодговорноста, ние христијаните треба да бидеме свесни и насекаде да го сведочиме тоа дека децата се навистина голем благослов од Бога, и дека економските причини не смеат да бидат изговор за нераѓањето деца. Нашите духоносни предци, иако материјално многу посиромашни од нас, со своите многудетни семејства го добија благословот од Бога, и го запазија нашиот род дури и во тешки услови на ропство. А ние сега, среде толку материјални благодети и удопства, гледаме како забрзано одумира родот наш. Затоа ни се толку потребни молитвите, денес повеќе од било кога. Да Ја молиме Пресвета Богородица да го вразуми родот христијански да не ги убива своите рожби во мајчините утроби, туку да го бара благословот од Бога преку раѓањето и грижата за своите потомци. И да Ја молиме Пречистата Богомајка мајчински да ги прегрне заблудените и да ги разбуди од гревовниот сон, да тргнат по вистинскиот пат, кој е единствен и апсолутен – тоа е патот на Нејзиниот Син и наш Бог, Спасителот Христос. Ви посакувам силна молитва, а молитвата може да направи многу. Знаеме од Стариот Завет дека Свети Илија со својата праведничка молитва направи три и пол години да не врне дожд, а потоа пак со молитва испроси дожд од Господа. Ние не сме праведни како Свети Илија, но покајанието ѝ дава сила на молитвата. Кога човек искрено ќе се покае, па макар колку и да бил грешен, во очите на Господа тој станува праведен и бива услишан од Него, како разбојникот на Крстот. Затоа да пристапиме со покајание и да веруваме цврсто дека нашите молитви кон Богородица ќе бидат услишани, да не се обесхрабруваме поради нашите гревови. Премилостивата Богородица сигурно ќе нѐ чуе и ќе ни помогне, бидејќи Таа е како добра мајка, која во секој час го очекува својот развратен син да се врати и да му прости сѐ. Трпеливо нѐ очекува да Ѝ се обратиме, да се покаеме вистински и да побараме прошка за сите наши гревови, и за гревовите на нашите ближни. Не дека некого осудуваме, ние ги сакаме сите, и оние кои грешат, и се молиме сите да се обратат, спасат и да бидат живи во Господа Исуса Христа. Простете и добра молитва.