Спомен на Таткото на славјанското монаштво

Луѓето што си ги насадил со твоите трудови, и си ги натопил со потта твоја, себлажени Науме, и си ги вкоренил со твоите подвизи, на овој годишен спомен ти ги носат првите плодови, и ти принесуваат песни, затоа, со нив, Бога умилостиви Го.

Од Канонот на преподобен Наум Охридски

Со благоукрасен венец, сплетен од молитвени и благодарствени песнопенија, денес Црквата наша себлажениот отец Наум Охридскиот Чудотворец го овенчува и како сејач на божественото семе го прославува. Зашто овој рамнопостолен отец и просветител наш, родоначалник на словенското монаштво, со неискажлив труд го посеа евангелското семе на љубовта Христова во нашата земја и меѓу родот наш, полевајќи го со потта од своите подвизи. Тоа семе, по неговите најсвети татковски молитвите, фати длабоки корени меѓу нашиот народ, та израсна од него сѐ што е добро, свето и сјајно во нашата историја, израсна дрвото на православното монашко предание меѓу Словените, дрвото на нашата словенска писменост и култура. Навистина е голем пред Бога приснопамјатниот отец наш Наум – уште за животот сесловенски молитвеник, сострадалник и чудотворец, а сега – наш небесен застапник, смел посредник пред Бога и покровител на нашата татковина. Прославувајќи се со чудеса низ целиот свет и стекнувајќи слава и почит дури и кај неправославните народи, со своето чудесно и славно житие и боговдахновени дела, Светиот и највозљубен отец наш Наум Охридски и денес грижливо продолжува да биде наш учител и просветител, кој нѐ води по патот Господов, патот по кој врвеле Светите Пророци – најблагородните души во старозаветната историја; патот кој го изоделе Светите Апостоли – пратениците Христови; патот со кој се прославиле Светите Маченици – страдалниците за името Божјо; патот на Светите Отци – најпросветлените умови и срца меѓу родот човечки. Тој пат Господов, вистински и вечен, е всушност Самиот Христос; зашто Он рече: „Јас сум Патот, Вистината и Животот“ (Јн. 14, 6). Ете, тоа е патот што ни го покажа Свети Наум, првопрестолникот и наставникот на целото словенско монаштво, пат, кој, навистина, води кон живот, пат кој е вистина и живот.

Следејќи го верно и предано тој светоотечки пат, Бигорската обител со најголема благодарност и љубов го прослави денес сечесниот празник на Светиот Патеводител и, пред сѐ, татко на нашето монаштво, преподобниот Наум. Прекрасните празнични богослуженија во негов спомен, началствувани од нашиот достојнопочитуван старец, архимандрит Партениј, беа навистина како една слеана молитвена благодарност, како еден смирен поклон пред рамноапостолното дело на Охридскиот Чудотворец.

„Откако стана сличен на апостолите, Науме преподобен, сега и нивен сожител се покажа, бидејќи нивната вера ја сочува, траката ја заврши и прими добро сожителство. Но моли се со нив, за сите оние што со вера го слават твоето чесно и светлоносно торжество“

(Од хвалитните на Утрената)