Бигорски го слави Рождеството на громогласната труба на покајанието

Денес гласот на Словото го одврзува гласот на таткото, поради неговото неверие, и ја покажува плодноста на Црквата, разрешувајќи ја неплодноста на мајката; Светилникот врви пред Светлината; го навестува доаѓањето на зракот на Сонцето на правдата, заради обновување на сите и за спасение на душите наши.

Стихира од Вечерната богослужба на празникот

Денес празнуваме едно славно рождество. Денес го славиме земниот почеток на оној кој прими сведоштво и пофалба од Синот Божји, оној кого Писмото го именува како глас на највозвишеното Слово Божјо. И како да не е славно тоа раѓање, кога толку многу пророци и преподобни и светии и маченици на Црквата славиме, но земното раѓање на ниту еден од нив не го чествуваме. Само Светиот Претеча и Крстител Јован го има тоа достоинство. Не затоа што неговото раѓање со молитви е испросено, не затоа што од Архангел Гавриил било најавено, не затоа што со чудо било проследено, туку зашто со тоа раѓање Евангелието започнува, со него ветувањето за доаѓање на Месијата почна да се исполнува. Раѓањето Јованово блеска како утринска ѕвезда пред изгревот на Сонцето на вистината. Славејќи го Раѓањето Претечево, всушност, го предвестуваме Христовото Рождество. Зашто празникот на Рождеството на Свети Јован Претеча е празник на Божјата промисла за спасение на човечкиот род.

Каков подобар пример би можела да има Бигорската свештена обител од ангелоподобниот живот на овој славен свој патрон и неговите неописливи аскетски подвизи во пустината, неговата безмерна длабочина на молитвата и постот, неговото возвишено дело на проповедта со која тој го подготви патот на Господа, неговата смрт маченичка? Тој е нашиот монашки идеал и нашиот велегласен потсетник за постојано покајание. И кога секој миг од неговиот живот заслужува пофалба и чествување, зарем Бигорскиот манастир да не го прослави со посебно торжество и неговото раѓање?

И навистина му доликува на оној кој постојано бдее и молитвено ги закрилува своите Бигорски монашки рожби, рождеството негово да се прослави со сеноќно молитвено бдеење. Тоа ги собира во ова светилиште сите гладни за молитва души, придојдени од секаде со свештена почит кон Претечата, за да ги придружат и своите молитви кон овој славен Бигорски патрон, првиот во Царството после Пресвета Богородица. Зашто како што тогаш Пророкот, со бестрашен дух и громогласен призив кон покајание, ги примаше оние што од сите страни му пристапуваа барајќи очистување од гревовите и крштение во Јордан, така и сега Бигорскиот храм го прими големото мнозинство верни, и пред нив ја отвори својата пребогата ризница на умилителни молитви и чудесни византиски напеви, водејќи ги присутните кон спасоносно покајание, кое е повторно крштение со благодатта на Духот. И додека свечените стихири велегласно го објавуваа Претечевото Рождество, присутните верни во своите мисли се пренесуваа во пустината Јованова, носејќи го постојано во своите срца подвигот и светлиот лик на светиот Претеча и Крстител Господов, и просејќи од него да ни го приготви, како некогаш на народот Јудејски, патот кон Господа.

Колку, пак, неспоредливо благодатно беше тоа чувство, колку силно гореа нашите срца, кога возљубениот наш старец ја отвори душата за од неа да потече највдахновено слово за светиот Претеча, упатувајќи до сите нас повик за поусрдна молитва кон овој Бигорски патрон, повик за духовно будење на нашиот народ:
„Мили мои, денес нѐ собра споменот за преславното Раѓање на најголемиот човек роден од жена, човек – пророк, но повеќе од пророк; човек – монах, но повеќе од монах; човек – ангел, но повеќе од ангел; тоа е Св. Јован Крстител, чиешто Рождество денес го славиме. За него божествената уста на Спасителот ја искажа најголемата пофалба што може да се каже за човек, зашто Он, зборувајќи му тогаш на насобраниот народ, рече: ‘Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител’ (Мт. 11, 11). Всушност, и пред да се зачне, Архангелот Гавриил за него му прорече на татко му Захариј дека ‘тој ќе биде голем пред Господа… и ќе оди пред Него во духот и силата на Илија’ (Лк. 1, 15-16). Значи ќе ја има силата како пророкот Илија. А знаеме каков бил тој голем и свет пророк. Во Израилот бил запаметен како огнен ревнител за Господа, кој никогаш не ја затворал устата, кога требало да ја искаже правдата, да го разобличи гревот, и да ги укори силниците од овој свет. И навистина токму таков пророк беше и Св. Јован. Тој, борејќи се со злото во овој свет, не ја затвораше устата кога требаше да ги укори беззакониците за нивните неправди, па не се двоумеше да ги прекори ни царот Ирод и царицата поради нивното живеење во грев. И пострада маченички, бранејќи го Законот, вистината и правдата. Но Св. Јован не беше обичен пророк. Тој го покажа својот божествен пророчки призив уште во утробата на мајка си Елисавета, при нејзината средба со Пресвета Богородица, кога тој, иако не можеше сѐ уште да зборува, проговори преку устата на својата мајка, како што ни соопштува Евангелистот Лука, велејќи: ‘И од каде за мене ова, кај мене да дојде мајката на мојот Господ: Зашто, ете, штом гласот од твојот поздрав одекна во ушите мои, од радост ми заигра детето во утробата моја‘ (Лк. 1, 43-44). Така Св. Јован уште во мајчината утроба пророчки Го поздрави Спасителот на светот на Кого требаше да Му биде Претеча, што значи Претходник. Зашто Господ Исус Христос, кога дојде на земјата, сакајќи сите луѓе да ги приведе кон Себе, го испрати пред Себе Св. Јован за тој да врви пред Него и да Му го подготви патот (Мк. 1, 2). Колку голема и достоинствена задача доби овој најголем човек меѓу родените од жена: да го отвори патот за нозете Спасителови, потполно да Му се посвети на Бога уште од утробата, да Го сведочи со најголеми подвизи што можат да се замислат. Затоа и Св. Јован Богослов, пишувајќи за Крстителот Господов, вели: ‘Имаше еден човек по име Јован, испратен од Бога; тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него. Тој не беше Светлината, туку дојде да сведочи за Светлината’ (Јн. 1, 6-8). А гледате како Св. Јован сведочеше за Светлината: со крајно телесно воздржание, најголеми аскетски подвизи, маченички до крај. Тој од самото свое доаѓање во овој свет стана маченик. Татко му Захариј беше убиен од цар Ирод, кој Го бараше Богомладенецот за да Го погуби, и бидејќи од најрана возраст остана сираче, Божјата промисла го донесе во пустината за таму да биде одгледан од назареите – старозаветните монаси во Јорданската пустина. И целиот негов живот помина подвижнички и маченички. Се вели дека Св. Јован Претеча за време на својот живот на земјата никогаш не се насмеал. А и како би можел да се смее кога му било допуштено со своите очи да го гледа сето зло што човекот преку гревот го внесе во светот. Гледајќи го целото тоа зло, гледајќи го човештвото пропаднато во грев, тој по Божјо вдахновение, го знаеше и лекот. А лекот е покајанието. Тоа е единствениот лек кој ја лекува душата на човекот, и ги отвора очите на човекот, го оттргнува слепилото од духовните очи за тој да може да Го познае Оној, Кој дојде да го спаси светот – Христос нашиот Спасител. Токму затоа Светиот Претеча громогласно извикуваше во Јорданската пустина: ‘Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно’. Па дури и неговиот живот заврши маченички. Пострада маченички, но успешно го заврши делото за кое беше испратен – Го објави Оној, Кој е Светлина на сите и дава живот на сите. Токму затоа молитвите на Св. Јован се најсилни после оние на Пресвета Богородица. И самата иконографска претстава ‘деисис’, која вообичаено се слика на иконостасот над Светите Двери е одраз на неговото небесно достоинство и слава, објавувајќи ни дека горе, на небесата, најблиску до Христа, односно Троичниот Бог, се секогаш Пречистата Богомајка и Св. Јован Претеча и Крстител. Ништо не е недостижно за молитвата на Св. Јован Крстител, бидејќи тој има голема слобода пред Господа. Еве и нашиот манастир е силно сведоштво за тоа. Следната година се исполнуваат веќе 20 години како Св. Јован повторно го заживеа ова свое светилиште и нѐ избра нас да му служиме во него. И нас, кои во духовна смисла бевме камења, по неговите молитви, Бог нѐ направи чеда на Авраама. Оти нели Св. Јован, во својата проповед, обраќајќи се до книжниците, фарисеите и садукеите, кои го читаа и знаеја Светото Писмо, но погрешно и лицемерно гледаа на Божјите нешта, им рече: ‘Породи змиини! Кој ви кажа да бегате од гневот што иде? Направете плод достоен за покајание и немојте да говорите во себе: ‘Наш татко е Авраам’, зашто Бог може, ви велам, и од овие камења да му подигне чеда на Авраама’ (Мт. 3, 7-9). Токму такви камења бевме и ние, рожби на едно атеистичко општество, кое Го презре Бога, Го изгони од училиштата и институциите, од секојдневниот живот, па ние, помладите поколенија за верата можевме да слушнеме само од нашите баби и дедовци. Но и покрај сѐ, Бог не го одврати погледот од нашиот народ, иако бевме камења, нѐ повика и постави овде. Јас се сметам себеси за најнедостоен за овој призив, ама, ете, како што Христос во тоа време ги повика последните, кои со искрено покајание Му пристапија и Го примија, така Он нѐ повика и нас недостојните. И, еве, веќе 20 години како нѐ крепат молитвите на Св. Јован, ни помагаат во сите наши подвизи и богоугодни дела, а неговата чудотворна икона е само уште еден силен знак за неговото присуство меѓу нас. Сами знаете колку луѓе за овие две десетолетија најдоа мир за своите души во овој негов свет дом, пред неговата чудотворна икона. Ја пронајдоа целта на својот живот, тргнаа по патот на спасението. Оние кои во светот беа презрени и сметани за последни, станаа достојни за почит. Затоа ви велам, колку и да сме грешни и да паѓаме по своите слабости, не плашете се и не очајувајте, молитвата на Претечата е силна и може да нѐ преобрази и приближи до Господа. И оваа ноќ да побараме од него да измоли од Бога покајание за целиот род наш, бидејќи денес ни се случуваат многу страшни искушенија, а сето тоа е плод на нашето непокајание, плод на нашата невоздржливост, плод на нашата крајна опуштеност и злоупотреба на слободата која Бог ни ја дал. Пред сѐ, да се помолиме за нашата татковина, која сега има голема потреба од нашите молитви, од закрилата Претечева и милоста Божја. Всушност, сето ова ни е последица од тоа што не се трудиме доволно да ја сакаме, како ние, обичниот народ, така и оние што се избрани од народот и повикани да придонесуваат за напредокот на општеството; не знаеме да го цениме тоа што таа е спечалена со крвта на нашите предци. Нема село, нема град, нема планина каде што некој не го дал животот за оваа наша прекрасна земја. Со тие животи, положени на жртвеникот на слободата, е платено она што ние денес го имаме и го живееме, што имаме сопствена држава и државотворни институции, нешто по кое нашите татковци со векови копнееле и се молеле на Бога за тоа. Ете, пред некој ден славевме 175 години од упокојувањето на еден таков голем татко, кој се жртвувал за народот, еден великан на македонската Преродба, игуменот-ктитор архимандрит Арсениј, кој го водел овој манастир во првата половина на XIX век, а потекнувал од Галичник. Трагајќи низ изворите за неговиот живот и дело, заклучивме и слободно можеме да кажеме, дека сето она што се случувало околу личноста на игуменот Арсениј, неговото братство и манастирот, било чудо на Крстителот. Тогаш преку Бигорското светилиште Светиот Претеча го упатил својот повик за будење на нашиот народ, како некогаш на заспаниот Израил. И не случајно Преродбата на нашиот народ, неговото будење во тоа особено тешко и мрачно време започнала токму оттука. И денес Св. Јован преку својот манастир покрај Радика го упатува својот повик за духовно будење на нашиот народ преку покајание. А навистина, на народот, особено на младите многу им е потребно тоа духовно будење. Гледате, денес, за жал, младите луѓе немаат трпение. Научени на распуштеност, наследена од времето на атеизмот, а поддржани и од денешниот модерен, декадентен дух, во потрага по поголеми световни задоволства и удопства, тие лесно се решаваат да ја напуштат својата татковина. И секој ден си заминуваат сѐ поголем број од нив и повеќе не се враќаат. Не само оние што се принудени на тоа, поради немање егзистенција, туку и оние што имаат доволно, но сепак си велат: ‘Ќе појдеме во некоја друга земја, каде што се живее поубаво и полагодно’. Па некои ако мораат да одат на печалба, нека им е благословено, но Го молиме Бога, а и нив ги замолуваме да не остануваат таму. Туку да размислуваат и да прават како нашите предци кои каде и да оделе по целиот свет, печалеле за својата татковина и ближните и се враќале назад, знаејќи што значи да се љуби татковината, која е со многу жртви и крв спечалена.
Усрдно да го помолиме Св. Јован Крстител оваа вечер за тој неговата силна молитва да ја упати кон нашиот Спасител за да ги омекне камените срца на сите оние кои спијат во сонот на гревот, да ги отвори душите за покајание, и да ни ја зачува нашата татковина од непријателите. Па откако богоугодно ќе поживееме во покајание да можеме да ја наследиме и вечната татковина, која е на небесата. Амин!“

А нашиот почитуван архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, кој чиноначалствуваше со празничната Божествена Литургија, не пропушти уште повеќе да ги упати нашите срца кон патот на покајанието со својата поучителна беседа за секогаш актуелниот пример на Светиот Претеча и Крстител Јован:

„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, амин!

‘Покајте се, зашто се приближи Царството небесно’ (Мт. 3, 2).

Со овие зборови, кон јудејскиот народ се обраќал Св. Јован Крстител, чиј спомен светата православна Црква денес го празнува. Неколку пати во црковната година, прославуваме празници посветени на овој голем Божји угодник. Секој вторник во неделата е посветен на овој праведник.

Денеска сме собрани во овој свет манастир да го прославиме со сета православна Црква раѓањето на Претечата и Крстителот на нашиот Господ Исус Христос, Св. Јован. Во една од денешните песни пееме: ‘Порано неплодната, денес го раѓа Христовиот Претеча, и тој е исполнувањето на сите пророштва. Во Јордан, тој ја положи раката врз Оној Кој Го навестуваа пророците; Се јави пророкот на Божјата слава, истовремено проповедник и Претеча’ (Кондак на Иванден).
Јавувањето на проповедникот во светот, секогаш е знак на голема милост Божја кон луѓето, бидејќи заради праведниците постои и опстојува целиот свет. Но Светиот Јован Крстител Господов се јавува како најголем праведник за кого што сведочи и Самиот Господ Исус Христос кога вели: ‘Вистина ви велам: помеѓу родените од жена не се јавил поголем од Јована Крстител; но најмалиот во Царството Небесно е поголем од него’ (Мт. 11, 11).

Денеска кога го празнуваме споменот на Св. Јован Претеча, да го насочиме нашето внимание кон житието на овој Божји угодник и ќе видиме каква, навистина, голема милост Божја се пројавува кон луѓето, со испраќањето на праведниците. Од Светото Евангелие уште знаеме дека и самото негово раѓање било невообичаено и пропратено со чуда. Светиот пророк се раѓа, според наговестувањето на Архангелот Гавриил, од престарените родители Захариј и Елисавета. Се раѓа Претечата и Захариј се ослободува од немоста, со којашто бил казнет поради неговото неверие. Се раѓа Претечата и се радува Елисавета од која се симнува презирот на нејзината неплодност. Но не за долго време Јован бил во рацете на неговите престари родители. Неговиот татко, праведниот Захариј, бил убиен во храмот, а неговата мајка го сокрила во пустината за да го спаси младенецот од иродовите убијци. Но и таа набрзо потоа починала. Како го минал детството Св. Јован, нам не ни е познато, бидејќи во Светото Евангелие нема запишано ништо. ‘Не ме прашувај мене’, вели Св. Јован Златоуст, ‘како Јован во зима и во топло лето живеел во пустината, особено додека бил како мало дете’. Истиот Светител одговара: ‘Јован во пустината живеел како на небото’.

Со Божјата помош детето растело и се развивало и се зацврстило во духот, подготвувајќи се кон возвишено служење, да го приготви народот за примање на Месијата – Спасителот на светот. Триесет години тој престојувал во пустината, носејќи облека од камила и хранејќи се со акриди и див мед. Но настапило време и Св. Јован ја остава пустината и се појавува не брегот на реката Јордан. ‘Покајте се’, се разнесува силниот глас на проповедникот на постот и покајанието, ‘зашто се приближи Царството Небесно’. Со повикот кон покајание и со потопување во реката Јордан, Св. Јован Крстител ги приготвувал синовите Израилеви за примање на Спасителот на светот.

Наоѓајќи се помеѓу двата Завети, тој, се вели, друго повеќе не видел освен гревот кај луѓето во кој паднал грешниот свет, и Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот. ‘Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно’, грмел со сиот глас кон народот овој Божји праведник.

Ваквиот повик кон покајание не останал без одзив. Од сите страни на Јудеја кон него почнал да се собира силен народ, очекувајќи да се очистат од гревови и да се крстат од Јована во реката Јордан.

Спасителното дело на проповедта за покајанието останува дејствително и после доаѓањето во светот на Господа Исуса Христа. Ние гледаме дека и Господ Исус Христос ја започнал Својата спасителна проповед со истите зборови: ‘Покајте се, бидејќи се приближи Царството Небесно’ (Мт. 3, 10).

Покајанието и верата во Господа Исуса Христа, се двата неопходни услови за спечалување на Царството Небесно. Солзите на покајанието, тоа е благодатен дожд со кој се измива целокупната душевна нечистотија, правејќи ја душата способна да ја прими Божествената благодат. Токму затоа и повикот на Претечата кон покајание и кон исправување и очистување од гревови се важни елементи и за нас денеска.

И ние денеска да се пренесеме мислено во Јорданската пустина, и да се потрудиме секогаш во нашите мисли да ги носиме подвизите и светлиот образ на Св. Јован Крстител и Претеча Господов, па така да можеме да го приготвиме нашиот пат, како што тој го подготвувал Јудејскиот народ за Спасителот. Да ги очистиме нашите души од грев, бидејќи таква е волјата Божја. Во тоа да ни помогне Господ, по молитвите на Пресвета Богородица и на Св. Јован Крстител и Претеча Господов и сите светии кои стојат пред Престолот Божји и непрестајно се молат за нас“.